Достапни линкови

Ако пропадне Преспанскиот договор, се активира Москва


Кремљ во постреферендумските сценарија за Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:33 0:00

Кремљ во постреферендумските сценарија за Македонија

Во постреферендумска Македонија се можни три сценарија, се вели во најновата анализа на универзитетскиот професор д-р Блерим Река. Во две од тие сценарија, Москва може да ја бара својата шанса за антизападно дејствување

Откако со аплауз го поздрави исходот од референдумот, Русија побрза да го обвини Западот дека се меша во внатрешните работи на Македонија, дека уценува и притиска за уставни измени против волјата на народот, не спомнувајќи дека евроатлантските интеграции се стратешка определба на Македонија уште од нејзиното осамостојување. И пред шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров по седми пат да го обвини Западот за „грубо мешање“, универзитетскиот професор Блерим Река, во својата анализа „Македонија – фронт на Русија и Западот, предупреди дека „руската пропагандна машина работи со полна пареа“, посочувајќи три можни сценарија во постреферендумска Македонија, во кои Москва може да бара прилика.

Идеалистичко сценарио без Москва

Со оглед на тоа дека политичката криза во Македонија не е завршена со потпишувањето на Преспанскиот договор, според д-р Река, можни се три сценарија во сегашната постреферендумска Македонија. Во две од нив Москва нема да седи мирна.

Тие сценарија се: идеалистичко, реалистично и хаотично.

Според идеалистичката варијанта, Преспанскиот договор ќе биде имплементиран наскоро и тука Москва нема многу шанси, но другите две отвораат големи можности за Кремљ.

Реалистично сценарио со проруски сили

„Според реалистичното сценарио ВМРО-ДПМНЕ би барало Пржинска Влада, односно нејзини луѓе на клучни позиции, што ќе ги одложи уставните промени и ќе го зајакне ВМРО-ДПМНЕ, кое ќе ги удвои своите напори за спречување на сегашната евроатлантската усогласеност на Македонија“, вели д-р Река во својата анализа, објавена на порталите на реномираните Геополитикал интелиџенс сервис и Емерџинг Европа.

Во такво сценарио, додава тој, „проруските сили во Македонија ќе бидат засилени, бидејќи Москва сака да го пополни стратешкиот вакуум“.

Сценарио 3 - Хаос во Македонија, хаос на Балканот

Третото сценарио е хаос, не само за Македонија, туку и за Балканот. Ако прозападните сили во македонската влада не можат да го задржат двотретинското мнозинство, ќе се впуштат во проблематични води, предупредува професорот Река. Ако на тензиите на Косово, на бранувањата на Србите во Црна Гора и на изборот на Милорад Додик за претседавач на Претседателството на БиХ, им се додаде и евентуалниот неуспех на Преспанскиот договор, додава професорот, тоа не само што ќе ја запре евроатланската траекторија на Македонија, туку ќе направи и регионален пожар.

Чија вратоврска ќе стави Ципрас?

Со таква плодна почва за Русија, ќе се потврди и предупредувањето на претседателот на Центарот за европска безбедност, Марк Галеоти, дека „рускиот опортунизам ќе стапи на сила и Москва ќе ја користи секоја прилика да го сопнува Скопје на патот кон Запад“.

Една од тие опортунистички сопки, велат експертите, е и најавата дека Москва ќе го отвори прашањето за Преспанскиот договор пред Советот за безбедност на ОН. Тоа, додаваат експертите, ја тангира и Грција чиј премиер Алексис Ципрас, во петокот беше во Москва, меѓу другото, и на помирување со Кремљ по протерувањето на руските дипломати обвинети за учество во обидите за минирање на договорот со Македонија.

Ципрас, лутиот противник на вратоврските, кој во Преспа ја зема подарената вратоврска од премиерот Зоран Заев, во Москва рече дека би носел вратоврска само ако Путин му ја даде неговата, но претходно јасно порача оти очекува Русија да почне Македонија да ја вика Севрна Македонија, односно да го признае Преспанскиот договор.

XS
SM
MD
LG