Аерозагадување - план има, пари нема

Поглед на Скопје - загаден воздух.

Премногу е амбициозен планот на Владата за две години со 1,6 милиони евра да го намали аерозагадувањето за половина, велат активисти. Од Владата посочуваат дека се обидуваат да обезбедат дополнителни средства од странски донатори за реализација на програмата за намалување на аерозагадувањето.

За владините претставници аерозагадувањето е еден од најсложените предизвици со кои се соочува Владата, но истовремено за решавање на проблемот се издвојуваат средства кои голем дел од граѓаните и јавноста сметаат дека се незначителни.

Владејачката СДСМ во предлог програмата за работа на Владата наведуваше дека е поразувачки што Македонија во 21 век има проблеми со животната средина „карактеристични за земјите од третиот свет.“

Од таму ветуваа дека Владата ќе обезбеди подобар квалитет „преку некорумпирани и капацитетни институции“, со засилени инспекциски служби и формирање на Фонд за животна средина, како гаранција дека средствата добиени како даноците за животна средина ќе бидат наменети за подобрување на квалитетот на животната средина.

Но, засега нема најави од власта за формирање на Фондот, а државата и натаму наплаќа стотици милиони евра од даноци за животна средина.

Додека периодов македонските градови повторно се на листата со најзагаден воздух во Европа, Владата најави справување со проблемот во следните две години со фонд од 1,6 милиони евра. Целта, како што наведоа, е да се намали аерозагадувањето во Скопје за 50 проценти и во другите градови од 30 до 50 проценти.

Активистот Антонио Јовановски од граѓанската организација „Го грин“ вели дека за намалување на аерозагадувањето неопходна е поургентна и порадикална акција. Според него, за проблемот мора да се издвојат повеќе пари.

„Тоа беше и дел од програмата на владејачката коалиција да формираат Фонд за животна средина, каде што тие пари кои се слеваат по однос на екологија и заштита на животна средина, се преалоцираат во Фонд и тие средства навистина се реинвестираат за што се и наменети. Еден ипол милиони евра навистина е несериозна сума за еден ваков суштински и комплексен проблем кој бара секој ден мерки“, вели Јовановски.

За потсетување, државата од такси за животна средина само во 2016 година наплатила 183 милиони евра, според податоците на Државниот завод за статистика.

Средствата кои ги издвојува Владата ни одблизу не се доволни за решавање на толку голем проблем, каков што е аерозагадувањето во Македонија, вели Аријанит Џафери од граѓанската организација „Еко-герила“ од Тетово.

„Треба многу повеќе пари да издвои владата за оваа цел и треба да има повеќе такви донаторски средби, за да се дизајнираат конкретни мерки за справување со кризата“, вели Џафери.

Во однос на владината програма за намалување на аерозагадувањето, минатиот месец заменик министерот за животна средина Јани Макрадули најави дека освен сумата од 1,6 милиони евра, за решавање на проблемот другите министерства поврзани со животната средина заедно имаат околу 20 милиони евра.

Во оваа насока вчера беше одржана донаторска конференција за поддршка на владината програма, на која се обратија вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, министерот за животна средина Садула Дураки и неговиот заменик Макрадули, кој е раководител на интерсекторската работна група за справување со загадувањето.

Османи рече дека аерозагадувањето е еден од најсложените предизвици со кои се соочува Владата и оти нема магични ад-хок решенија, туку дека само преку стабилна, одржлива и долготрајна стратегија е можно справување со овој предизвик. Тој истакна дека се работи за многу скап процес за кој очекува суштинска поддршка од бројните донатори во насока на забрзана имплементација на владината програма.

Дураки ја потенцираше ургентноста на предизвикот и оти очекува во следните две години Владата да ги покаже првичните резултати. Во соопштението на владата се вели дека на донаторската конференција биле усвоени заклучоци за координација на странска помош за справувањето со аерозагадувањето.

Според последните податоци на Европската агенција за животна средина, во Македонија има 3.000 предвремени смртни случаи годишно како последица на аерозагадувањето.