Ќе се врати ли сјајот на Офицерскиот дом?

Офицерскиот дом, споменик на културата, во Битола.

Власта во Битола ги има сите документи за да почне со ветената реставрација на Офицерскиот дом. Опозицијата, пак, обвинува дека средствата што требале да се потрошат оваа година, се пренаменети за 2019 година.

Офицерскиот дом, споменик на културата, грандиозен архитектонски бисер на Широк Сокак уште чека да започне ветената ревитализација. Објектот е во запуштена состојба, со руинирана фасада и уништена внатрешност.

Од локалната власт, која предизборно вети дека ќе го реконструира, велат дека изминатиот период го потрошиле за да ја извадат потребната документација, зашто без неа не можеле да интервенираат врз објект кој е под заштита. Опозицијата, пак, обвинува дека средствата што требале да се потрошат оваа година, се пренаменети за 2019 година.

„Проектот за ревитализација на Офицерскиот дом каде во ребалансот на минатата седница стои дека 19 300 288 денари ќе бидат реализирани до 31 декември, а сега гласаме развојна програма, каде јасно стои дека тие средства ќе бидат реализирани во текот на 2019 година“, обвини Борче Димитровски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

Градоначалничката Наташа Петровска во отчетот по повод една година од доаѓањето на власт изјави дека ги имаат добиено сите потребни документи за реставрација на Домот, па и одобрението за адаптација, кои претходната власт ги немала извадено. Воедно најави дека ќе започнат со реконструкција.

„Офицерскиот дом го ветивме како приоритет во програмата и на пат сме да го реализираме. Веќе ја имаме цела потребна документација за реконструкција, а претходно ја немаше. Ќе започнеме со реконструкција на Офицерски дом по претходно добиено одобрение за адаптација издадено од Министерството за транспорт и врски и сите претходни конзерваторски одобренија. Ветивме и ќе го вратиме сјајот на Офицерскиот дом“, рече Петровска.

Претседателот на Советот Валентин Груевски ја најави можноста за комплетна ревитализација на објектот.

„Офицерски дом болна точка на сите битолчани најверојатно ќе го направиме и тоа комплетно. Тогаш некој ќе стане од вас да се извини, близу ќе биде, ќе кажете извини ама она што ние сакавме да го продаваме и да го менуваме урбанистичкиот план, вие го реконструиравте“, рече Груевски.

Во развојната програма на Општина Битола за периодот 2019 -2021 година пишува дека планираните средствата за 2019 година за ревитализација на Офицерски дом ќе се зголемат со оглед на тоа што во 2019 година ќе се изведуваат градежни активности на истиот. Во финансискиот дел за идната година предвидени се на 19, 3 милиони денари, за 2020 година 10, 6 милиони денари, а за 2021 година 40 милиони денари.

Офицерскиот дом бил граден во почетокот на минатиот век од времето на Абдул Керим паша. Во Југославија беше во сопственост на ЈНА, по осамостојувањето на Македонија под АРМ. Но, откако се испразни касарната во Битола, а војската замина за Кичево, Офицерскиот дом се пренесуваше од едно на друго министерство, па на општината и се руинира.