Обвинителството го проверува исказот на Нинџа

Секој даден податок или исказ треба да биде поткрепен и со други докази, имајќи предвид дека осомничените и обвинетите во постапката можно е да не ја кажуваат вистината, велат од Обвинителството по одбраната на обвинетиот Алекасандар Василевски - Нинџа за крвавиот четврток.

Допрва ќе се собираат докази во насока на дадената одбрана на обвинетиот Александар Василевски - Нинџа во Основниот суд Скопје 1, каде посочи дека директивите за насилниот упад во Собранието доаѓале од осмиот кат во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и од челниците на УБК, ни одговори денеска кратко јавната обвинителка Вилма Рускоска. Од Основното јавно обвинителство ни одговорија дека во тек е предистражна постапка за организаторите на насилствата на 27 април, како и за други инволвирани лица во насилството.

„Обвинителството ги зема предвид сите податоци и искази и не може туку така да поклони верба на исказ кој доаѓа од осомничено или обвинето лице, кое може и да лаже. Секој даден податок или исказ во главната судска расправа или во истрага треба да биде поткрепен и со други докази, имајќи предвид дека осомничените и обвинетите во постапката можно е да не ја кажуваат вистината“, велат од Обвинителството.

Од таму додаваат дека во однос на приведувањето на поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, му претходеа три лица кои дале еднаков и релевантен исказ кој бил потврден и со други искази, и затоа за него е така постапено.

Претседателот Ѓорге Иванов денеска ги отфрли како небулозни тврдењата на обвинетиот Нинџа дека вечерта на 27 април требало да прогласи воена состојба. Тој во врска со спомнувањето на неговите блиски соработници Синиша Алексовски и Борис Јосифовски, рече дека тие изјавиле се што имале.

„Беа кај обвинителката и ги дадоа своите искази. Затоа таа кажа и дека нема основ за каква било вмешаност на кабинетот и моја лична. Тие што ги создаваат ваквите лажни вести, а знаете, еден медиум ја почна таа приказна за „Јасен" и потоа се разви дека ќе имало воена состојба. Треба да го посетат „Јасен" да видат како функционира и дали е можна таква приказна таму. Нека го прочитаат и Уставот за да видат кога се воведува воена состојба и кој ја воведува“ одговори на новинарско прашање претседателот Иванов по доделувањето на признанијата „Македонски квалитет" .

Видете и ова: Прстот за „крвавиот четврток“ вперен кон УБК и ВМРО-ДПМНЕ

Како дел од организаторите и наредбодавци, во судот, од обвинетиот Нинџа беа посочени поранешните министри Митко Чавков, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески, поранешната заменичка министерка за правда Билјана Бришковска – Бошковски, и поранешниот генерален секретар на владата Кирил Божиновски за кој рече дека бил познат во партијата како „Благајник“.

Бришковска - Бошковски, пред почетокот на денешното рочиште за предметот од СЈО „Титаник“, за Телма изјави дека не сака да коментира искази дадени во судска постапка и дека тоа што има да го каже ќе го каже во Јавното обвинителство доколку ја повикаат да даде исказ.

„Верувам дека јавното обвинителство прави разлика меѓу вистинити и невистинити искази и верувам дека вистината ќе излезе на виделина. Сметам дека овој исказ е поврзан со некои мои изјави во јавноста во изминатиов период за коишто сега во моментов нема ништо да коментирам“, рече таа.

Поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, кој беше посочен дека ја добил насоката од Бришковска - Бошковски да се отворат вратите во Парламентот за демонстрантите, не одговараше на нашите телефонски повици.

Коментар не добивме ниту од поранешниот министер за образование и поранешен министер за труд и социјалната политика Спиро Ристовски кој беше спомнат дека координирал дел од пратениците.

Тој минатата недела во изјава за медиумите ги храбреше пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се вклучат во активностите во парламентот.

„Очигледно е дека се наоѓаме во чувствителен момент и не ме изненадува тоа што и втора група на пратеници е подготвена да се вклучи во процесите на национално помирување и заштита на националниот идентитет. Никој подобро од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да го направи тоа. Во таа насока ги охрабрувам и нив, и сите оние кои размислуваат на овој начин, активно да се вклучат во процесите кои се одвиваат во Собранието на Република Македонија“, изјави неодамна Ристовски.

Јанакиески и Божиновски се во притвор веќе три недели по барање на Специјалното јавно обвинителство.

Поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков кој е еден од обвинетите во предметот за упадот на 27 април минатата година е пуштен да се брани до слобода откако во април Судот му ја прифати понудената гаранција во недвижен имот.

Додека трае судскиот процес и предистражната постапка за организаторите на насилството, во Собранието во последна фаза на изготовка е законот за некаков вид на амнестија на дел од учесниците во „крвавиот четврток“. Ваквата состојба дополнително ја отежнува работата на обвинителството.

Адвокатот Јован Јоанидис, кој бил и обвинител и истражен судија, вели дека сега е потребно да бидат повикани посочените да дадат исказ во обвинителството, по што доколку постои основано сомнение базирано на дополнителни докази, да се побара и мерка притвор за нив.

„И обвинителство треба да иде со мерки за обезбедување, во смисла мерка притвор, и понатаму да ја води постапката. Ако се докаже дека обвинетиот лаже, тогаш за лажна изјава во судот треба кривично да одговара, ама ако се докаже дека тој ја зборувал вистината и навистина било така, тогаш ќе треба да се поднесе обвинение за сите наведени лица кои тој ги споменува во одбраната“, вели Јоанидис.

Тој стравува дека најавеното помирување во форма на амнестија ќе му ги замрси конците на обвинителството и да му ја отежни работата во потрагата на нарачателите на упадот и извршителите на насилството во Собранието.