Ќе има ли 80 пратеници за финалето на уставните измени?

Архивска фотографија- Гласање во првата фаза од уставните измени

Лидерот на ДУИ Али Ахмети вели дека чувствува "немир" за следната фаза од уставните измени за кои се потребни 80 гласа. Премирот Зоран Заев, пак, смета дека гаранција оти ќе има мнозинство, е вградувањето на сугестиите на пратенициtе во амандманите. И аналитичарите очекуваат да има 80 гласа.

Постои ли можност последната, трета фаза од уставните измени, за кои повторно е потребно двотретинско мнозинство, да не поминат во Собранието бидејќи би немале поддршка од 80 пратеници? Оваа дилема ја отвори лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој за евентуалниот неуспех на процесот поврзан со Договорот од Преспа како причина ги посочува “невнимателните институции”.

Во интервју за Радио Слободна Европа, што во целост ќе го емитуваме в недела, Ахмети не посочува конкретно дали ваквото негово мислење го поврзува со неодамнешните приведувања. Од минатиот месец во притвор е поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков, а за неговото приведување реагираа и неколку од осумтемина пратеници од независната група на ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа во првата фаза од уставните измени.

Ахмети вели дека процесот на уставни измени се уште бил во развој и додава дека требало сите “државни институции да бидат внимателни, и да го чуваат од надворешни инфламации, затоа што лесно може да се загрози неговиот имунитет”.

“Сега, да ја кажам вистината. Како да имам еден немир, затоа што овој е еден многу важен процес, се плашам да не се повреди од невнимателноста на институциите, да не се создаде јавното мнение дека ова е еден процес кој веќе е затворен и дека е завршен”, вели Ахмети.

Заев смета дека има гаранции

За разлика од Ахмети, неговиот владин партнер Зоран Заев, делува по уверено. Во неодамнешното интервју за Дојче Веле и тој остава простор, наведувајќи дека дали Мијалков имал некакво влијание во обезбедувањето на гласовите и какво, ќе се видело на крајот од процесот во јануари. Но, сепак Заев смета дека гаранција дека независните пратеници ќе гласале во последната фаза била ”вграденоста на нивните сугестии во амандманите”.

Според Темелко Ристески, професор на Факултетот за општествени науки, сепак процесот на уставни измени не треба да се гледа изолирано и само поврзано со гласовите на осумте пратеници, туку, како што вели, треба да се земат предвид и некои процеси кај опозициската партија. Преку нив, додава тој, дел опозициски пратеници ќе увиделе дека биле заробени од нечии интереси и ќе го увиделе интересот на државата да напредува кон евроатланските структури.

“Мислам дека сепак работите ќе се одвиваат во добра насока и мислам дека ќе се обезбеди парламентарно мнозинство и покрај овие случувања со приведувањата на истакнати личности ” вели Ристески.

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека Мијалков ги обезбедил пратениците

Инаку, со тврдења за поврзаноста на Мијалков со пратениците кои гласаа за уставните измени во јавноста излегоа од ВМРО-ДПМНЕ. Неколку дена по гласањето на уставните измени од опозициската партија го исклучија Мијалков и уште неколкумина други поранешни функционери поради како што наведоа “ силна соработка со Зоран Заев и организирање група за уцени, закани и поткуп на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните измени”.

Еден месец по гласањето во првата фаза од уставните измени Мијалков беше приведен во хотелот Мериот во Скопје. Пратениците Крсто Мукоски и Емилија Александрова кои гласаа “за” во првата фаза, тогаш наведоа дека приведувањето не е во насока на процесот на помирување кој е во тек.