Во Македонија станува сè потешко да се изборите за чист воздух, а доколку енормното загадување продолжи со истата динамика, последиците ќе бидат фатални за човековото здравје, предупредуваат екологистите. Како и секоја зима, така и оваа воздухот започна да ги надминува границите на дозволената загаденост. Граѓаните во главниот град велат дека во Скопје не се дише, повеќето од нив користат заштитни маски, а сите без исклучок бараат итно решавање на овој проблем.
„Живеам на Водно, каде што се претпоставува дека има чист воздух, но не е така. Од каде доаѓа ова загадување не ни е јасно, но верувајте дека и преку Водно доаѓа. Не верувам дека е од колите, може дел, но останатото е од нешто друго, за кое не знаеме”, вели Снежана од Скопје.
„Ова е катастрофа. Јас живеам во Извор велешко, кога дојдов во Скопје се гушев. Треба да се запре со оваа градежна мафија. Го уништија Скопје, од зграда до зграда, нема воздух, нема провев”, смета Анѓеле Петрушевски, пензионер од велешко.
„Треба богата држава, без пари ништо не можеме да направиме. Да се стават филтри секаде, колите да се квалитетни, луѓето да горат чисто дрво, а не што ќе докачат поради сиромаштијата...така што треба една богата и стабилна држава за тоа да се реши”, вели скопјанката Весела Андоновска.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Мерките кои се преземаат од надлежните институции не можат да се наречат ефективни, оти со нив само малку се ублажуваат штетните последици, вели Невена Георгиевска од Иницијативата „O2” . Според неа загадувањето е толку големо што мора да имаме ригорозни мерки и храбри чекори за да имаме некое осетливо намалување од 20-30 проценти во наредните неколку месеци. Затоа, според Георгиева, зимава не треба да очекуваме некое подобрување, бидејќи имаме низа мерки кои се вклучуваат во алармантна состојба, но тие ништо не допринесуваат, туку само ја ублажуваат состојбата кај луѓето.
„Треба да се преземат чекори во смисла на намалување на загадувањето од сите извори. Ние не може да зборуваме само за возилата, индустријата или домовите. Зошто и да се исклучат, еве, домовите кои се сметаат за најголеми загадувачи, не сепак ќе имаме 60 проценти загаденост. Мора паралелно да се делува на сите и да имаме ригорозни мерки. Исто така е потребно да имаме позасилени инспекции на терен”, вели Георгиевска.
Активистите за почист воздух велат дека за да се ублажи загадувањето на воздухот треба да се ограничи користењето на автомобилите и повеќе да се користи јавниот превоз. Но, Георгиевска се сомнева дека еколошката категоризација на возилата, ќе ја подобри состојбата со аерозагадувањето.
„Мора да има строга контрола на тоа. Не е доволно само врз основа на годината да се стави налепница, туку тоа да се исконтролира убаво и да се проверува дали добро се применува. Ние сме за тоа дека треба да се види какви се резултатите, иако според некои пресметки нема да има видливо намалување, но треба и луѓето да сфатат дека не може да се потпираат на комоција ако сакаат чист воздух и да одат со автомобилот секаде каде што ќе сакаат да стигнат,” вели Георгиевска.
Според истражувањата што се прават кај нас како главни виновници за загадувањето се посочуваат сообраќајот и домаќинствата. Но тие не се единствени виновници зашто постојат многу индустриски капацитети за кои екологистите посочуваат дека се загадувачи, но оти недостасува увод на јавноста во состојбите.
Александар Дединец е научен соработник за енергетика и животна средина во МАНУ. Тој вели дека во студијата која тие ја изработиле се наведени мерки кои би требало да дадат резултати за седум години. Но во време кога Скопје и Тетово дишат најзагаден воздух во Европа тој укажува дека треба да се преземаат и брзи мерки кои ќе дадат резултати.
„Како краткорочни мерки кои треба да се користат е поголемо користење на јавниот превоз, понатаму да се обидеме во домаќинствата да се намали температурата на греење, а во поново време се набавија апарати во градот за чистење на улици кои дуваат лисја. Тие не треба да се користат кога е загадено. Треба и граѓаните да придонесат. Имаше два дена со дожд и сите беа со автомобилите", вели Дединец.
Радикални мерки во борба против загадениот воздух
Нивото на аерозагадување во Скопје и во другите градови е високо, слично како во минатите години, бидејќи за решавање на проблемот кој потекнува од повеќе места е потребно подолго време, вели Невена Смилевска – програмски координатор за клима во граѓанската организација „Еко-свест.“
„Неколку години зборуваме дека проблемот мора да се решава системски, мора да се почне на сите фронтови истовремено: од греењето на домаќинствата коешто има значителен удел во аерозагадување, повеќе од 30 проценти во Скопје аерозагадувањето доаѓа од домаќинствата, потоа 20 отсто доаѓа од возилата што значи и самите граѓани мора да ги променат своите навики. Од друга страна е индустријата, а веќе доаѓа време и за ревизија на А-интегрираните дозволи“, вели Смилевска.
Аријан Џафери од невладината „Еко герила” вели дека се потребни мерки, а не препораки. Тие мерки вели мора да бидат радикални.
„Во Милано на пример имавме случај од пред неколку години, кога загадувањето беше околу 80 мг, споредено со Скопје кога беше 1200 мг, и Милано се затвори за превоз со возила цели три дена, а не може Скопје со бесплатен јавен превоз, а сите коли на улици да го реши овој проблем. Верувам дека старите стратегии нема да донесат нови решенија, не е до луѓето од која власт се, важно е да се разбере дека тие стратегии не биле успешни, оти не биле испланирани како што треба”, вели Џафери.
Долгогодишното високо ниво на аерозагадување во земјава претставува сериозeн ризик за здравјето на граѓаните во земјава. Загадениот воздух во Македонија според проценките на Светска банка на годишно ниво убива над 1.300 луѓе, а економијата на годишно ниво трпи штети од 250 милиони долари. Дополнително висок процент од луѓето кои се лекуваат во амбулантите имаат заболувања на респираторниот и циркулаторниот систем, исто како и високиот процент на децата кои страдаат од белести на белите дробови и дишните патишта.
Активистите посочуваат дека со оглед на високата загаденост граѓаните треба да поднесуваат тужби против властите и загадувачите, но сепак тој посочува тоа не го прават поради нивната недоверба во правосудниот систем.
Македонија во 1999 година ја ратификуваше Архуската конвенција, која според членот 9 предвидува граѓаните на суд да можат да бараат остварување на правата во областа на животната средина, во услови кога власта ги крши законите. Но, според правни експерти судовите, граѓаните и граѓанските организации малку ја познаваат оваа материја.
„Кај нас на некој начин е овозможено правото на пристап до правда, но праксата е оскудна, имајќи предвид колку е мал бројот на организации и физички лица кои практикуваат остварување на своите права. Од тоа што можеме да го видиме како пракса, може да се увиди дека ниту судовите, ниту засегнатите страни во патот кон правдата имаат познавање од Архуската конвенцијата или од законите од областа на животната средина“, вели Александра Бујароска – правник специјализиран за еколошко право од граѓанската организација „Фронт 21/42.“
Град Скопје: Преземаме мерки, треба време да се видат резултати
Во меѓувреме, Владата донесе одлука за утврдување на Програма за намалување на аерозагадувањето како стратешки приоритет, односно проблемот ќе се решава преку план и координиран пристап во повеќе сектори на централно и локално ниво.
Заменик министерот за животна средина Јани Макрадули изјави дека со посебни буџетски средства „исклучиво“ за активности поврзани за намалување на аерозагадувањето, целта на програмата во рамки на двегодишниот план за чист воздух, е да го намали аерозагадувањето во Скопје до 50 отсто, а во другите градови меѓу 30 и 50 проценти.
„Начинот на финансирање на активностите е почетен посебен фонд од 1,5 милиони евра и овие средства се покрај оние што постојат за различни активности на различни министерства поврзани за заштитата на животната средина и другите министерства во вредност од 20 милиони евра“, рече Макрадули.
Од Град Скопје најавија набавка на нови автобуси. Тие велат дека го стимулираат и возењето на велосипеди со субвенции како и поставувањето патеки за шетање. Додаваат дека има листа од 25 мерки направени за 365 дена и дополнуваат дека за една година малку може да се направи освен да се покаже волја.
„За 30 проценти e зголемен бројат на подигнати возила со пајак, ослободени се четири километри од тротоарите со столпчиња, има бесплатен превоз во деновите кога има најголемо загадување, 40 нови автобуси ќе се набават, има и субвенции за велосипеди, подобрена е мрежата за нови велосипедски патеки и бесплатни линии на Водно, изјави деновиве Никола Наумовски, од Кабинетот на Град Скопје, говорејќи за мерките кои за една година се преземени.
Поради големата загаденост на воздухот, Министерството за животна средина и просторно планирање препорачува да се користи јавен превоз, возилата да не се користат без поголема потреба, повеќе лица да се возат со едно возило во исто време, за загревање да не се користат прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и каков било синтетички материјал, како и правилно да се користат печките за дрва.
Воедно Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје препорачуваат тие што немаат потреба да го ограничат движењето на отворен простор, а особено децата, старите лица и хронично болните.
Уште една мерка која ја предложија надлежните е еколошката категоризација на возилата ќе го ограничи движењето на автомобилите кои ќе добијат жолта или црвена налепница. Тие за време на високо аерозагадување ќе имаат забрана за возење во одредени региони и во тој случај сопствениците на овие автомобили ќе треба да возат велосипед, да одат пеш, да повикаат такси или да се качат во автобус.
Но, предложениот закон важи за сите возила, а еколошки налепници ќе треба да добијат и автобусите на ЈСП, како и оние на приватните сопственици, потврдуваат од Министерството за економија, кое е предлагач на Законот.
Според политичкиот бројач на апликацијата „Мој воздух“ и информациите од надлежните, надлежните исполниле само неколку од ветените решенија, како на пример: стопирање за прскање на улиците со калциум магнезиум ацетат. Активностите кои се дел од започнатите барања се субвенции на инвертер за затоплување, набавка на автобуси на струја, консултирање со јавноста при донесување одлуки, субвенции за чистење оџачи, како и продолжување на субвенции за палети и велосипеди.
Останува да бидат исполнети 30 од кои позначајни се транспарентна и 24/7 инспекција, служба со 24 часовен видео надзор за секаков вид на палење, изградба на колекторски систем и пречистителна станица во Скопје, воспоставување на пешачка зона во централниот дел, а и озеленување на сите оголени површини и стоп на расејување на тешки метали.
Загадениот воздух како тема за политички надмудрувања
И додека јавноста алармира ова прашање што побрзо да се реши, политичките партии и ова прашање го користат за добивање политички поени на своја сметка. Од владејачката партија се пофалија дека во 2018 година постои намалување на бројот на деновите со надмината дозволена загаденост од 50 микрограми, споредено со 2016 и 2017 година. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, одговорија дека додека половина од мерните станици со месеци не функционираат владејачката партија продолжува да ја лаже и манипулира јавноста.
Големо разочарување и негативни реакции во јавноста предизвика и однесувањето на владини функционери на дебатите кои беа посветени токму на проблемот со загадениот воздух. Играњето игри на мобилниот телефон од страна на градскиот татко Петре Шилегов, дремката на заменик министерот за животна средина Јани Макрадули и изјавата на министерот за екологија Садула Дураку дека Македонија не е Швајцарија и тој не се занимава со граѓаните, предизвикаа бурни реакции кај граѓаните, со чиишто гласови овие луѓе дојдоа на актуелните позиции.
Европските градови со мерки против загадувањето
Мадрид деновиве активираше нов систем за ограничување на сообраќајот, во обид да го намали загадувањето. Во центарот е воспоставена зона на ниска емисија на штетни гасови. Возилата на бензин произведени пред 2000 година и дизел возилата регистрирани пред 2006 година се забранети во централната област. На жителите и на оние кои поседуваат гаражи ќе им биде дозволено да влезат, но ќе мора до 2025 година да ги сменат своите возила што загадуваат. (На хибридните возила ќе им биде дозволено да се паркираат во областа за максимум два часа.) Мадридските власти сакаат да ги намалат нивоата на азот диоксид за 23 проценти до 2020 година.
Пензионерката Марија Хозе Тирадо која живее во центарот на Мадрид целиот свој живот е задоволна од новите ограничувања.
„Има многу луѓе кои имаат проблеми со дишењето и многу од нив умираат во деновите кога има големи нивоа на загадување. Па затоа е корисно за секого. Улиците исто така им припаѓаат на луѓето. Секогаш им велам на моите пријатели дека улиците не се еластични, веќе нема место за повеќе автомобили“, вели таа.
За сопствениците на мали бизниси и продавници, новите ограничувања пак, можат негативно да влијаат врз нивниот бизнис. Ана Венегас која е сопственичка на продавница за рамки која е сместена во новата зона вели:
„Ние се согласуваме дека треба да се спроведе, но не и на условите како да се стори тоа. Ова ќе влијае многу врз нас и врз нашите добавувачи и врз клиентите,“
И други европски градови имаат донесено или најавено слични мерки. Атина објави целосна забрана до 2025 година, додека Париз донесе систем за забрана на сите дизел автомобили од 8 до 20 часот. Дополнителното оданочување на бензините во Франција доведе до таканаречениот протест на „жолти елеци“. Организаторите сметаат дека сиромашните не би требало да плаќаат казна за она што големите компании и го прават на климата. Протестот во Париз се претвори и во своевиден насилен антивладин бунт.
Во меѓувреме, Светската метеоролошка организација издаде алармантно соопштение дека светот и натаму ништо не прави за да го спречи аерозагадувањето, а со тоа и глобалното затоплување. Елена Манаенкова, заменик-генерален секретар на оваа организација вели:
„Извештајот покажува дека во последниве речиси 20 години, од 1990 година, забележавме 41-но процентно зголемување на ефектот на затоплување. Само јаглерод диоксидот придонесува со 82 насто за ова зголемување“, вели Манаенкова.
Кон ова и податокот дека 17 од 18-те најжешки години се забележани од 2001 година досега, додека трошоците за катастрофите поврзани со климатските промени лани изнесуваа над 500 милијарди долари. Со Парискиот договор во 2015 година земјите се обврзаа да го ограничат покачувањето на глобалната температура под два целзиусови степена. Но, со само еден Целзиусов степен на затоплување досега, светот веќе е сведок на се пострашни смртоносни пожари, топлотни бранови, урагани и надојдени мориња.