Империја, Талир, Траекторија, Маѓар Телеком и Актор се големите корупциски афери со кои се соочува Македонија. Сите се во надлежност на СЈО. Империја и Актор се уште се во фаза на истрага, за Талир неодамна беше поднесено обвинение, за случајот Маѓар Телеком првото судење е закажано во јануари откако СЈО го презема предметот, а судењето за Траекторија трае 10 месеци. Во случаите инволвирани се високи функционери и бизнисмени.
Според СЈО, се испрале пари или се оштетил буџетот на Македонија за најмалку 216 милиони евра, ако се соберат бројките за сите случаи и не се исклучува бројката да расте.
Поранешниот премиер Никола Груевски, екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков и бизнисменот Орце Камчев се меѓу најзвучните имиња. Груевски е во бегство во Унгарија каде доби политички азил и на него ќе му се суди во отсуство. Јанакиески, Мијалков и Камчев се наоѓаат во притвор.
Во најголем дел обвинетите или осомничените се товарат за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари. Но, прашањето кое се поставува е дали некој од нив, како и другите обвинети и осомничени по завршувањето на судските процеси доколку бидат осудени ќе завршат во затвор?
„Верувам дека ова прашање со право си го поставуваме сите затоа што Република Македонија досега има многу лоша статистика на тоа дека досега немаме ефективно пресудени високи случаи на корупција и таму каде што имало ефективна судска осуда таа била укината во една или друга постапка. Всушност се покажува дека нашите политичари и лицата коишто се блиски до политиката и носителите на власта се недопирливи за законот“, вели претседателката на Транспаренси Интернешенел во Македонија, Слаѓана Тасева.
Империја
Во последната истрага на СЈО за прв пат на листата на осомничени се најде Камчев и неговите фирми, како и неговата мајка и сестра. Камчев за случајот доби триесет дневен притвор заедно со неговите соработници Цветан Панделески, Ненад Јосифовиќ, Зорица Арсовска и Тодор Мирчевски. Осомничениот екс-разузнавач Сашо Мијалков исто така доби притвор, но за друг случај на СЈО, Таргет-Тврдина кој е поврзан со прислушувањето.
Според доказите на СЈО произлегува дека буџетот на Македонија бил оштетен за најмалку 6 милиони евра, како и дека се испрани парични средства во износ од речиси 11 евра. Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева по извршениот претрес во 12 фирми поврзани со истрагата, најави нејзино проширување.
„Во сите локации каде што е извршен претрес одземени се повеќе предмети ќе бидат анализирани и со тоа се надеваме дека имаме добри докази за проширување на истрагата“, рече Јанева.
Актор
Поранешниот премиер Никола Груевски заедно со екс-министерот за транспорт Миле Јанакиески се осомничени за случајот Актор поврзан со изградбата на автопатот Демир Капија - Смоквица. Груевски, според истрагата, ја фаворизирал грчката фирма Актор, иако не ги исполнувала условите и немала најниска понуда.
„Ова е само почетокот на криминалните дејствија за кои постои основано сомнение дека се сторени. Ова кривичното право го познава како предикатно дело на делото перење пари“, изјави обвинителката Фатиме Фетаи при презентирањето на случајот.
Од 2012 до 2016 подружницата на Актор во Македонија, преку други три фирми и нивни вработени во готово подигнувале пари од банки во Македонија и ги предавале на вработена во Актор, а во повеќе наврати биле исплатени речиси 32 милиони евра.
Талир и Тракеторија
Во „Траекторија“ и „Талир“ повторно е осомничен Груевски. Талир се однесува на незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ од 2009 до крајот на 2015 година. На партиската сметка преку имиња на членови на ВМРО-ДПМНЕ биле уплатени 4,9 милиони евра.
„Мотивите на првоосомничениот биле исклучиво од лична природа и биле поврзани со зацврстување на неговата политичка моќ и позиција во партијата и во државата и во обезбедување на целосна контрола над политичката партија“, рече Фетаи.
„Траекторија“ се однесува за тендерот за избор на компанија за автопатиштата Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип при што осомничените ги злоупотребиле своите овластувања и го оштетиле буџетот на Македонија за најмалку 155 милиони евра.
Маѓар Телеком
Во македонското јавното обвинителство низа години се водеше истрага за Маѓар Телеком, но против поранешните директори на компанијата во Македонија, Атила Сендреи, Ролф Плат и Золтан Кишјакус, не и против македонски функционери. Окружниот суд во Њујорк ги гонеше поранешните директори на Маѓар Телеком кои според обвинението во 2005 и 2006 година им исплатиле мито од околу 4,8 милиони евра на македонски функционери со цел да ја одложат либерализација на телекомуницискиот пазар.
Аферата доби нови димензии по сведочењето на екс-разузнавачаот Слободан Богоески пред окружниот суд во Њујорк кое беше објавено јавно и за прв пат во јавноста беа посочени конкретни имиња. Во сведочењето Богоески тврдеше дека мито од Маѓар Телеком земале поранешниот премиер Владо Бучковски, како и функционерите од ДУИ Али Ахмети, Муса Џафери и Абдулхалим Касами, а вмешан бил и поранешниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски. Мито, според Богоески добивала и ВМРО-ДПМНЕ која тогаш беше во опозиција.
Но, освен СЈО, поактивно во борбата со корупцијата треба да се вклучи и основното јавно обвинителство во кое според Тасева е проблемот. Главната брана во ефективноста во борбата против корупцијата е токму јавното обвинителство, смета таа.
„Ние мора да го решиме проблемот во јавното обвинителство. Тој проблем е и неговата кадровска неекипираност, лошите капацитети и услови за работа. Но, проблем е и големата поводиливост и политизација на самата институција затоа што гледаме дека обвинителството работи многу селективно. Значи ние имаме системски проблем. Главната пречка е обвинителството, ако предметот еднаш влезе во судница тогаш таму ќе тече постапката и ќе се видат доказите. Има случаи Врховен суд да укине пресуда. Имавме еден голем случај на висок функционер, меѓутоа кога случајот ќе влезе во судница тогаш јавноста е поинформирана. Кога случаите седат во фиоките на јавното обвинителство тие се невидливи и никој не може ништо да прави со нив, а времето тече и тука имаме застарување на кривичното гонење“, додава Тасева.
Според Тасева, граѓаните очекуваат и бараат правдата подеднакво да важи за сите.
„Тоа е основното барање на граѓаните на Република Македонија да биде спроведен законот односно правдата, подеднакво и неселективно да биде спроведена без разлика на кого се однесува случајот да може тој ефективно да биде процесуиран. Впрочем заради тоа беше формирано СЈО. Доколку ние имавме ефикасни институции немаше да има потреба од формирање на ваква посебна обвинителска организација или одделение, меѓутоа се уште проблем е во судовите. Прашањето дали ќе видиме разрешница навистина останува и понатаму да стои да видиме што навистина ќе се случи. Меѓутоа и последните случувања не укажуваат дека работите одат во добра насока“, смета Тасева.
Милионско проневери и во светот
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Корупциските афери не се новина и за другите земји од светот и регионот. Шефот на „Рено-Нисан“ Карлос Госн кој е уапсен од јапонските власти поради наводни неправилности во трошењето пари беше еден од највлијателните поединци не само во корпорацијата „Рено-Нисан“ во која е и „Мицубиши“, туку и во целиот автомобилски свет. Истрагата треба да покаже како тој за неколку години ја олеснил компанијата за над 40 милиони евра.
Гоце Атанасов
Карлос Госн лажно ги прикажувал сопствените приходи и купувал, главно за себе, луксузни недвижнини кои ги прикажувал како потреба на компанијата.
Извршниот директор на Нисан, Хирото Саикава вели:
„За компанијата, се разбира ова е дефинитивно неприфатливо. Експерти ни укажаа дека ова несоодветно однесување е доволно сериозно за да го отпуштиме“.
Се претпоставува дека само во последната година, Госн ги чинел Нисан, Рено и Мицубиши 17 милиони долари. По овие вести акциите на Рено паднаа дури 13 насто.
Од друга страна, неговото апсење некои го видоа како дел од тивката војна меѓу Нисан и Рено, францускиот производител кој беше управуван од Госн и кој истовремено е фирмата со контролен управувачки пакет во Нисан. Еден од најпознатите германски аналитичари Фердинанд Дуденхофер вели дека автократскиот стил на Госн доведе до „страв од него во Јапонија“.
„Сето тоа води кон можен страв од Госн во Јапонија. Тоа доведе до појава на приказни кои сега се способни да го уништат Госн, а потоа и да ја смират чувствителноста на Јапонците“, вели тој.
Тој додава дека сите наводи против Госн треба да бидат докажани:
„Ние не знаеме сигурно, сепак, дали имало навистина финансиски неправилности. Но, тие реагираа многу брзо во Јапонија и тоа е повеќе знак дека сакаат да создадат факти за да ги видат работите поинаку и да ги изградат поинаку во иднина“, вели Дуденхофер.
Госн е легенда во автомобилската индустрија. Тој е многу почитуван во Јапонија за тоа што успеа да го спаси Нисан од банкрот. Но за голема цена, мораше да затвори над 20 илјади работни места. Неговото заминување веќе покрена прашања за иднината на бизнис бракот со Рено и ја разбранува цела Франција, бидејќи владата поседува голем удел во Рено.
На Балканот, односно во Хрватска еден од најпознатите случаи е оној со фирмата Агрокор. Основачот на познатиот производител на храна и најголем работодавач на Балканот „Агрокор“ Ивица Тодориќ деновиве беше ослободен од затвор откако платил милион евра кауција. Претходно, Тодориќ беше екстрадиран од Британија за да се соочи со обвинувањата за измама во висина од неколку десетици милиони евра.
Тодориќ и неговите синови Иван и Анте, но и 12 други лица, главно поранешни врвни менаџери во „Агрокор“, се под истрага за нивната улога во ликвидносната криза во компанијата. Владата ја презеде контролата врз оваа фирма откако таа направи долгови од преку шест милијарди евра. Во договорот за порамнување на долгот од минатиот месец Агрокор беше преземен од неговите кредитори, меѓу кои и најголемата руска банка Сбербанк.
Ивица Тодориќ беше уапсен во Лондон пред една година по распишана меѓународна потерница, а британски суд во минатиот месец ја отфрли неговата жалба и го екстрадира во Хрватска. Тој уплати кауција од милион евра, со што му е дозволено да излезе од затвор, но не и да го напушти Загреб без дозвола на судот.
Адвокатот на Тодориќ, Јадранка Слоковиќ тогаш изјави: „Судската седница е завршена, судијата го поништи предкривичниот затвор, бидејќи бараниот износ беше депониран“.
Екстрадицијата на Тодориќ потсетува на настаните од пред седум години, кога на Хрватска ѝ беше испорачан поранешниот премиер Иво Санадер. Тој по 222 дена бегство во Австрија, заврши во затвор и се соочи со сериозни обвинувања за финансиски малверзации направени за време на неговиот премиерски мандат. Испорачувањето на Тодориќ и на Санадер, всушност, најдобро ја покажува сликата за, како што велат аналитичарите, поврзаноста меѓу политичарите и бизнисмените во Хрватска.
Особено во случајот со Тодориќ кој во своите раце имаше 15 насто од хрватската економија и кој цело време имаше повластена позиција во односите со медиумите и со државните институции. Тодориќ, по плаќањето на кауцијата најави дека ќе се кандидира за претседател на Хрватска. „Ќе ја освојам власта и ќе ја насочам Хрватска во вистински правец“, рече тој.