Достапни линкови

Ќе има ли одговорност за Маѓар Телеком во Македонија?


Логото на Маѓар Телеком
Логото на Маѓар Телеком

Обвинител на СЈО за прв пат ќе го застапува предметот Маѓар Телеком. Тројца екс-директори на компанијата признаа вина и се спогодија со американскиот суд. Во Македонија се обвинети тројца директори на компанијата, но не и политичарите кои наводно примале мито.

Судењето за случајот Маѓар Телеком кој од 2011 година никако да добие разрешница во Македонија, продолжува утре, но овој пат надлежно обвинителство е СЈО. Предметот ќе го застапува обвинителката Лиле Стефанова.
Откако лани американскиот суд се спогоди со тројцата поранешни директори на компанијата дали сега ќе лоцира вината кај оние кои примиле мито и дали тие ќе сносат одговорност?

Откако во 2011 година Дојче Телеком и Маѓар Телеком се согласија да платат казна од 95 милиони долари во замена за прекин на постапката против компаниите, Американската комисија за хартии од вредност го покрена процесот против тројцата директори.

Елег Штрауб и Андраш Балог во април, 2017 година се спогодија со окружниот суд во Њујорк да платат парични казни и пет години да им биде забрането да вршат дејност во сите акционерски друштва. Штрауб требаше да плати 250,000 илјади долари, а Балог 150,000 долари. Третиот обвинет во случајот, Тамаш Морваи во феверуари истата година се спогоди да плати казна од 60 илјади долари за фалсификување на книгите на компанијата поврзани со поткупот.

Тие беа обвинети дека во 2005 и 2006 година на македонски функционери им исплатиле мито од околу 4,8 милиони евра со цел да ја одложат либерализација на телекомуницискиот пазар. Според обвинението поднесено од Америкаснката комисија за хартии од вредност, екс директорите на Маѓар Телеком под маската на консултански и маркетинг услуги ги исплаќале парите.

Мито од 4,8 милиони евра

Преговорите за остварување на шемата, преку грчка фирма се случувале од декември до мај 2005 година и резултирале со два тајни договори. Првиот бил „Протокол за соработка“, каде се наведени отстапките кои ќе ги направат македонските власти и што ќе добијат за возврат. Во вториот договор „Нон пејпер“ се наведува митото од 19,5 милиони евра. Но, биле исплатени 4,8 милиони евра, бидејќи шемата била откриена.

Копија на договорот потпишан од страна на екс директорите на Маѓар Телеком, како и од висок функционер од владејачката партија, во тоа време СДСМ, задржала само грчката фирма со цел да се скријат трагите. Лидер на СДСМ тогаш беше Владо Бучковски, кој беше и премиер на земјата.

Неопходна била поддршката и од помалиот коалиционен партнер, односно ДУИ за спроведување на договорот, а Штрауб, Балог и Морваи според обвинението, сфатиле и потврдиле во писмена форма дека ДУИ ќе го покопа договорот во рок од два месеци доколку не им биде исплатено мито. Според обвинението, биле направени шест лажни договори преку кои грчката фирма индиректно ќе ги исплати парите.

Маѓар Телеком ги добиле придобивките како резултат на корумпираните плаќања, при што македонската влада го одложи воведувањето на третиот мобилен оператор до 2007 година и ја намали цената на лиценцата за фрекфенции.

Сведочењето на Богоески

Аферата доби нови димензии по сведочењето на екс-разузнавачот Слободан Богоески пред окружниот суд во Њујорк кое беше објавено јавно и за прв пат во јавноста беа псоочени конкретни имиња. Во сведочењето Богоески тврдеше дека мито од Маѓар Телеком земале поранешниот премиер Владо Бучковски, како и функционерите од ДУИ Али Ахмети, Муса Џафери и Абдулхалим Касами, а вмешан бил и поранешниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски.

Според Богоески, биле исплатени околу 7,5 милиони евра, а парите оделе преку фирмата на грчкиот бизнисмен Димитрис Кондоминас. Мито, како што наведе Богоески земала и ВМРО ДПМНЕ, која тогаш беше во опозиција, односно дека поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска ги примала средствата.

Екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, пак му барал пари на Кондоминас за да сопре истрагата против директорите на Телеком во Македонија. Со тоа бил запознаен и лидерот на партијата Никола Груевски, кој негираше вмешаност на партијата во случајот.

Бучковски негира вина

Бучковски кој исто така сведочеше пред судот во Њујорк за случајот, тврдеше дека Богоески презентирал редица на неточни информации и низа тенденциозни конструкции. Ахмети и Џафери кои го тужеа Богоески за клевета и навреда го добија случајот на суд. Но, потоа Апелациониот суд ја укина пресудата.

Во македонското јавното обвинителство низа години се водеше истрага за предметот, но против поранешните директори на компанијата во Македонија, не и против македонски функционери, Процесот против тројцата екс директори на Македонски Телеком, Атила Сендреи, Ролф Плат и Золтан Кишјакус во Македонија постојано беше одложуван поради тоа што обвинетите не се достапни за органите на прогонот.

СЈО уште во 2016 година бараше да го преземе предметот. Советот на јавни обвинители тогаш одби да го предаде под образложение дека предметот е во постапка и тврдеше дека СЈО е надлежно само за предмети кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите од 2008 до 15 јуни 2015 година.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG