Двете најголеми меѓународни афери за корупција во кои наводно се инволвирани македонски функционери се уште немаат правна разрешница, односно истрагата за нив во македонското јавно обвинителство се уште е отворена.
Значи не само што не постапуваме внатре во државата, туку и не соработуваме меѓународно кога од нас се бара меѓународна помош. Истото би го барале и ние сега, верувам, за расчистување на сите овие афери коишто ни претстојат.Слаѓана Тасева, Транспаренси интернешнл-Македонија.
Станува збор за аферата Актор за која во Грција речиси една година се води истрага против градежната компанија која е ангажирана да го изгради автопатот Демир Капија-Смоквица. Според грчката истрага, компанијата понудила поткуп на официјални претставници од Македонија за да го добијат тендерот вреден 270 милиони евра.
Kомпанијата Актор го добила тендерот, иако нејзината понуда била за околу 40 милиони евра повисока од останатите понуди.
Вториот случај е постар и се однесува на аферата Маѓар телеком за поткуп на државни функционери во 2005-та година.
Аферата пукна откако американската комисија за хартии од вредност поднесе тужба против оваа компанија, во која наведува дека „Маџар телеком“ поткупил македонски политички функционери во 2005-тата година за да го спречат и да го одложат влегувањето на трет мобилен оператор.
Во еден таков порозен систем, во едно такво слабо и кревко општество како што сме ние, на виделина се исфрлаат низа на други проблеми како што се непочитувањето на обејективизирани критериуми за професионални стандарди при самиот избор. Исто така и напредувањето на судиите и на обвинителите.Миодраг Лабовиќ, универзитетски професор.
Во последниот извештај на Организацијата за економска соработка и развој – ОЕЦД е наведено дека за покренатата истрага во Атина е побарала помош и од Скопје, но бидејќи не добила одговор, побарала посредување и на Евро-правда.
Претседателката на невладината Транспаренси интернешнл-Македонија, Слаѓана Тасева, вели дека е изненадувачки и зачудувачки тоа што во извештајот е забележано дека Македонија не одговорила на барањето.
„Значи не само што не постапуваме внатре во државата, туку и не соработуваме меѓународно кога од нас се бара меѓународна помош. Истото би го барале и ние сега, верувам, за расчистување на сите овие афери коишто ни претстојат“, рече Тасева.
Во извештајот на меѓународната Организација за економска соработка и развој е критикувана Грција дека не отворила истрага за грчко-македонски коруптивни врски – кои се однесуваат на поткупот во Телеком и покрај тоа, како што е наведено во извештајот станува збор за „добро познатите поединци“ кои посредувале во поткупот.
„И според укажувањата на ОЕЦД во извештајот за Грција дека ќе се истражува и таму случајот за Кондоминас, за којшто убаво е нотирано дека точно се знае кои биле лицата коишто посредувале, а кога ќе се тргне во истражување на тие лица или во таа истрага ќе мора да се истражуваат трансакциите и начинот на којшто се правени тие линкови кон Македонија и од Македонија“, вели Тасева.
Поранешниот прв човек на финансиската полиција професор Миодраг Лабовиќ вели дека Јавното обвинителство мора да даде правен епилог без разлика дали тоа ќе биде покренување на обвинителен акт или пак ќе ја запре постапката.
„Во еден таков порозен систем, во едно такво слабо и кревко општество како што сме ние, на виделина се исфрлаат низа на други проблеми како што се непочитувањето на обејективизирани критериуми за професионални стандарди при самиот избор. Исто така и напредувањето на судиите и на обвинителите“, вели Лабовиќ.
Политизацијата на институциите резултира со неуспех во разрешувањето на бројните афери. Се чини дека тие се покренуваат понекогаш од опозицијата, понекогаш од новинарите, но секогаш завршуваат само во медиумите.