Еколошката категоризација на возилата ќе го ограничи движењето на автомобилите кои ќе добијат жолта или црвена налепница. Тие за време на високо аерозагадување ќе имаат забрана за возење во одредени региони и во тој случај сопствениците на овие автомобили ќе треба да возат велосипед, да одат пеш, да повикаат такси или да се качат во автобус.
Но, предложениот закон важи за сите возила, а еколошки налепници ќе треба да добијат и автобусите на ЈСП, како и оние на приватните сопственици, потврдуваат од Министерствто за економија кое е предлагач на Законот.
„Забраната за возење на возилата или дозволата за возење на возилата ќе зависи од локалната самоуправа, во зависност од загадувањето на воздухот, од еколошките области или од потребата за превоз на патници со автобусите на ЈСП и приватните автобуси. Законот за возила нема одредби за забрана за возење на возилата со еколошка налепница.“, велат од Министерството.
Доколку биде така, познато е дека автобускиот превоз во голем дел не ги задоволува еколошките стандарди. Над 70 отсто од регистрираните автобуси се постари од 10 години и во таква ситуација проблем ќе биде зголемениот број на патници кои ќе имаат потреба од јавен транспорт, бидејќи нема да смеат да ги возат своите автомобили.
Еколошките налепници за возилата веќе влегоа во собраниска процедура. На собраниската Комисија за економски прашања, пратениците разгледуваа повеќе податоци, вклучително и оној дека од вкупно 3.500 регистрирани автобуси во земјава, над 2.500 се постари од 10 години.
Од друга страна, статистичките податоци покажуваат дека просечната старост на возилата во Македонија е 18,7 години. Од 400 илјади регистрирани возила, 340 илјади се постари од 10 години и според предложената категоризација, тие ќе треба да добијат налепница со црвена или жолта боја.
Ако анализите покажуваат дека луѓето се почесто користат автомобил, тоа значи дека многу сопственици на стари авомобили ќе мора да се возат со автобус во услови на високо аерозагадување.
Некои од мислењата на пратениците во Собранието беа дека законот треба да се доработи, а беше истакнато и дека е потребно да се додаде четврта еколошка налепница за возилата на јавните претпријатија, за оние на брзата помош, противпожарните и други.
Од Град Скопје на нашето прашање не коментираат за „опфатот на промените“ во Законот за возила, упатувајќи на Министерството за економија.
Од таму посочуваат дека уште во ноември 2017 покренале иницијатива за мапирање на возила по еколошка категорија, како што наведуваат, неопходни за спроведување и на други мерки против загадениот воздух, како воведување на еколошки зони.
Најавена набавка на плински автобуси
Автобускиот превоз последен пат беше модернизиран во 2011 година со 200 нови украински и кинески автобуси кои чинеа околу 40 милиони евра, но и тие трошат 43 литри дизел на 100 километри, а дневно поминуваат по 300 километри. Тука се поставува прашање дали и колкаво ќе биде ограничувањето на движењето на овие „нови“ автобуси и какви еко стандарди исполнуваат?
Во меѓувреме, Владата соопшти дека усвоила Предлог-закон со кој државата ќе гарантира за договор за заем за набавка на нови автобуси за Град Скопје, склучен меѓу ЈСП и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
Заемот од ЕБОР ќе изнесува 10 милиони евра, а два милиони евра ќе обезбеди ЈСП. Со 12 милиони евра се планира набавка на автобуси на природен гас, велат од Владата.
Градските власти пред неколку месеци го најавија менувањето на двокатните кинески дизел автобуси и оние од минатиот век, кои неретко се среќаваат на скопските улици, со оглед дека истражувањата покажуваат оти една петтина од загадувањето во Скопје е последица на сообраќајот.
Видете и ова: На Скопје му треба брз и капацитивен јавен превозОпциите кои ги разгледуваше ЈСП се електрични и плински автобуси, а градот веќе тестираше два вакви автобуси кои трошат значително помалку гориво, а многу поевтино е нивното одржување.
Плинскиот автобус кој го тестира ЈСП е на Мерцедес и чини околу 220 илјади евра со капацитет од 96 патници. Според тоа, доколку власта одлучи да набави вакви автобуси, со 12 милиони евра ќе може да купи 54 плински автобуси.
Од ЈСП велат дека согласно тестирањата, плинскиот автобус троши меѓу 41 и 44 килограми компримиран природен гас на 100 километри.
Зголемена потреба од јавен транспорт
Исто така е познато дека повеќето од приватните автобуси кои сообраќаат се од постаро годиште, што значи дека доколку бидат погодени од мерката, нема да смеат да возат во одредени региони.
Ленин Јовановски е сопственик на приватна компанија за автобуски превоз. Тој очекува дека воведувањето на налепниците нема да се однесува на јавниот превоз, бидејќи како што вели, со мерките ќе се редуцираат автомобилите, а ќе биде потребно да се зголеми бројот на автобуси.
„Сè уште немаме никаво официјално решение, допис или известување од Град Скопје, којшто е наш работодавец, да видиме ние како ќе се однесуваме во целата оваа ситуација со примената на новите мерки. Кога зборувам за јавниот превоз, зборувам генерално и за приватните превозници и за јавното претпријатие каде што во секој случај имаме возила, кои ако бидат опфатени со оваа мерка, нема нема да може да се вклучат, а во случај градот нема да има доволен број возила за да ги превезе патниците“, вели Јовановски.
Според Јовановски, мерката за еколошки налепници нема да придонесе за намалување на аерозагадувањето.
„Лично сметам дека најмал загадувач се возилата во Град Скопје, иако можеби според некои претпоставки делумно ќе се помогне во целата таа ситуација“, вели Јовановски.
Според предложените измени на новиот Закон за возила, се воведува еколошка категоризација на возилата во зависност од годината на производство и европските „Еуро“ емисиони стандарди на нивните мотори. Тие ќе добиваат зелени, жолти и црвени налепници.