Бесплатно образование со плаќање приватни часови

Ученици пред училиште, илустрација

Појавата се повеќе семејства во кои има ученици да издвојуваат дополнителни средства за приватни часови по различни предмети е се почеста. Упатените велат дека наставниот материјал е тешко совладлив за возраста на учениците и токму затоа тие имаат потреба од дополнителни часови

Изучување странски јазик, спортски активности, приватни часови по математика, хемија, физика и други предмети пред писмените тестирања. Во Македонија се почеста е појавата учениците да посетуваат воннаставни часови, а семејствата да издвојуваат дополнителни средства за совладување на наставниот материјал на децата.

Во просек семејство во кое има само еден ученик издвојува околу 2000 денари месечно за воннаставни часови, најчесто за спорт или странски јазик. Трошоците се поголеми кога на тие ќе се додадат часовите по одделни предмети особено пред тестовите во училиште. Еден час се плаќа од 300 до 500 денари во зависност од предметот.

Упатените велат дека причините поради кои родителите плаќаат приватни часови се различни, но како најчести причини се наведуваат: несоодветен материјал за возраста на децата кој е тешко совладлив за време на наставата во училиште и неумешност на наставниците да го предадат материјалот на интересен начин.

„Јас не сум стручен професор по физика, математика, или хемија. Тука има сосема друг материјал кој на децата треба да им биде соодветно објаснет. Надвор од Скопје на пример многу деца немаат видено лабораторија, немаат направено експеримент. Во такви услови, ние како родители плаќаме одредени часови со цел детето да ја сфати поентата на конкретната наставна единица, вели Марина Манојловска“, родител и просветен работник од Куманово.

Нејзиното долгогодишно искуство во просветниот сектор покажало дека проблемите во образованието се дел од системските слабости. Наставните планови мора да бидат прилагодени на возраста на детето и потребите на општеството, вели Манојловска.

„Мора да се направи преструктирирање на наставните програми и точно да се знае кои деца за што имаат талент и да ги насочуваме правилно децата“, вели Манојловска.

Јулија Петровска е наставник во основното училиште „Ѓоргија Пулевски“ во Скопје. Таа вели дека воведувањето на целодневна настава и пуштањето во училиште на деца од предучилишна возраст предизвикале пропусти кои сега доведуваат до потребата за дополнителни воннаставни часови.

„Децата до шест и пол години треба да си бидат во градинки. Тоа се различни системи на приод кон самото учење. Таму (во градинките) учат површно. Тие сега ги пуштија децата од предучилишна возраст во училишна и плус направија да останат цел ден во училиште. Тука е грешката, децата цел ден учат во училиште и не носат ништо дома. Се споредуваме со фински систем на оразование,но кај нас целите што ги поставуваме се многу високи и не можат да се постигнат само преку играње. Кога ќе го преведеме тоа со успех на детето излегува дека тоа е ниско нив“”, вели Петроска.

Според Петроска, пропуст е и тоа што децата кои се во целодневна настава немаат домашни работи во текот на неделата, а родителите немаат можност да проверат што и колку научило и совладало нивното дете.

Нaставниците посочуваат дека проблем се и преобемните паралелки, односно неможноста да се посвети потребното внимание на секое дете поединечно.

Инаку, приватен час по биологија или хемија се движи од 300 денари. Математика од 250 денари за еден час до 450 денари ако професорот доаѓа дома кај детето. Пишување состав по македонски јазик е 500 денари, а постои и можност професор да ти реши задача, што пак ќе ве чини 50 денари.