На околу пет месеци до претседателските избори, кои се очекува да бидат тест за власта и опозицијата по бурните внатрешно политички случувања, партиите не откриваат многу детали за нивните можни кандидати. Во јавноста во меѓувреме се шпекулира со одредени имиња, но од партиите не ги потврдуваат, наведувајќи дека се уште не се зборувало за конкретни личности.
„Ниту е започната процедурата, ниту има конкретни имиња, а се тоа што излегува во јавноста го третираме како шпекулација“, велат од СДСМ.
Од владејачката партија нагласуваат и дека периодов биле фокусирани на економските политики, евроатлански интеграции и чекорите во Собранието за реализација на Договорот од Преспа.
Но, Али Ахмети, лидерот на нивниот коалициски партнер ДУИ, веќе ја отвори темата за избор на шеф на државата. Месецов Ахмети рече дека на следните претседателски избори ќе побараат консензуален претседател. Тој додаде и дека се уште било рано да се збори за конкретни имиња.
„Со коалиционите партнери сме зборувале за концептот на консензуален претседател, но не и за конкретни имиња“, велат сега извори од ДУИ.
Барањето на ДУИ за консензуален кандидат за шеф на државата е старо пет години. Ахмети го промовираше во јавноста и пред последните претседателски избори, кога беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, а кога вториот претседателски мандат го доби актуелниот шеф на државата Ѓорге Иванов. Но, ДУИ не успеа да се договори со партијата која тогаш ја водеше Никола Груевски, а Иванов го победи кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски со околу 130 000 гласа разлика.
Можен консензуален кандидат
Според политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, сега можноста за консензуален кандидат е поголема отколку во 2014 година. Тој не е изненаден што партиите се уште се молчаливи, оти како што вели кај нас е практика да се промовираат кандидатите непосредно пред изборите. Тоа е поради партиските математики, додава Муслиу.
„Мислам дека засега сите опции се можни во СДСМ, а и самиот факт што се владејачка коалиција го зголемува нивниот капацитет за привлекување на непартиски кандидати, но тоа ќе биде внатрешно прашање на СДСМ односно дали ќе може тоа нивното членство да го проголта и да биде активно во изборниот процес“, вели Муслиу.
И од ВМРО-ДПМНЕ велат дека не разговарале досега за претседателски кандидат ниту внатре во партијата, ниту со други партии за можен заеднички кандидат.
„Но, нашиот кандидат ќе ги исполнува критериумите кои ги очекуваат граѓаните, а тие се да биде чесен, да го почитува Уставот, да се грижи за стратегиските цели и за интересите на државата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
И од таму досега пласираните имиња во јавноста како можни нивни кандидати велат дека се во “доменот на шпекулациите”.
Први избори за Мицкоски како лидер
Според Муслиу, ВМРО-ДПМНЕ има три опции - да оди со непартиски кандидат, да кандидира некој од старите членови на ВМРО-ДПМНЕ кои не се директно вклучени во политиката во последниов период или да промовира некој понов кадар.
„Последнава варијанта е подолгорочна и ВМРО-ДПМНЕ би требала да почне со промоција на кандидатот уште деновиве. Тоа би подразбирало неколку месечно промовирање на кандидатот кој би бил од понов профил и би имал време да го подигне се до раната пролет кога ќе бидат изборите“, вели Муслиу.
Инаку, овие ќе бидат први избори на кои партијата ја води актуелниот лидер Христијан Мицкоски. На нив тие ќе настапат и без долгогодишните партиски кадри кои сега се исклучени од партијата, како на пример поранешниот министер за здравство Никола Тодоров, кој со години беше и шеф на партиските изборни штабови.
За претседателските избори да можат да бидат успешни и на нив да биде избран нов шеф на државата, неопходно е да гласаат најмалку 40 отсто од запишаните гласачи во избирачкиот список. На последните избори во 2014 година, кога Иванов го доби вториот мандат, гласаа речиси 49 отсто од избирачите.