Прашањата за етничката припадност не се клучни за пописот?

Тоа што во предлог законот за попис се предлага исклучување на прашањата за етничка и верска припадност не значи бришење на нацијата, велат експертите. Најголемите политички партии засега се воздржани околу ваквите измени, но апелираат дека е најважно пописот да биде професионално спроведен.

По информациите дека предлог законот за попис предвидува прашањата за етничка и верска припадност да бидат исклучени од пописот, најголемите политички партии засега се воздржани околу најавените промени.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека партиските тела се уште не разговарале за оваа тема.

Од Социјалдемократскиот Сојуз, пак, велат дека ќе го почекаат тестирањето кое ќе се одржи над 3000 лица пред официјалниот попис, но, според нив, логично е да продолжи да ја има графата со прашања за етничката и верската припадност.

„На предлог на Заводот за статистика е тестирањето коешто треба да се случи пред генералниот попис во април 2020 година, односно да има тестирање на системот. Во предлогот на заводот стои токму тоа, при тестирањето на системот да не стои графата со прашањата за етничка и верска определба. Очекуваме до крајот на годината владата да изготви предлог на законот за попис и да видиме што точно ќе содржи. Најлогично е според мене, да биде содржана графата со прашањата за етничка и верска припадност“, изјави Костадин Костадинов, портпарол на СДСМ.

Пописот во Македонија не е само статистичка, туку и политичка операција, затоа што во согласност со Охридскиот рамковен договор правата на заедниците се определуваат со проценти и токму поради чувствителноста на темата, треба да се биде внимателен кон целата операција. Ова е ставот на Демократската унија за интеграција.

„Прв предуслов за успешен попис би бил реформирање на Заводот за статистика за да се има доверба во целиот процес, како и определување на операцијата како чисто статистичка, а не политичка. Сметам дека во согласност со политиките на Владата може да успееме да спроведеме попис којшто би бил прифатлив за сите страни, како дома така и надвор”, изјави Артан Груби од ДУИ.

Поранешниот директор на Заводот за статистика Дончо Герасимовски објаснува дека податоците за етно-културните карактеристики спаѓаат во споредни белези и не се обврска и задолжение за секоја држава. Овие податоци постојано се собирале, но секогаш биле цел на партиско-политички влијанија, истакнува Герасимовски.

„Етничкото прашање може да се изостави. Доволно ќе може да се извлечат одредени состојби врз основа на мајчиниот јазик или тој што се говори во домаќинствата, за да се најдат решенија. Решенија за етничкото прашање или кои националност живеат во земјава може да се најдат преку други институции, преку регистри кои во иднина треба да ги има постојано. Ако сакаме да градиме општество за сите, граѓанско општество,тогаш треба овие прашања да се изолираат и да не доведуваат до одредени проблеми”, вели Герасимовски.

Тој додава дека исклучувањето на овие прашања не значи бришење на нацијата и слични појави.

„Тоа и не значи дека се брише некоја етничка припадност, дека се губи македонската, албанската, турската или која било етничка припадност во земјата. Сите сме тука, имаме државјанства, лични документи врз основа на кои може да се утврди состојбата на сите од нас. И од тука не треба да се страхува во однос на граѓаните на РМ кои живеат тука дека се прави нешто друго”, вели Герасимовски.

Целта на предлог законот за попис е да се избегнат прашања кои се чувствителни и лични, а од друга страна немаат употребна вредност освен политичка, соопштија од Заводот за статистика. Оттаму додаваат дека ова е практика во многу земји во светот и во Европа, меѓу нив и во мултиетничките Швајцарија или Белгија.

Во содржината на пописните прашања, меѓу другите, остануваат тие за мајчиниот јазик на секој граѓанин и за јазикот што се зборува во семејството. Според нив, би требало да се креираат политики во образованието и вработувањето. Пребројувањето на жителите во Македонија на пописот во април во 2020 година ќе се врши според строго дефинирани препораки на Обединетите нации кои се применуваат секаде во светот.