Еколошките налепници ќе ги заменат налепниците за регистрација. Со нив, ќе се обележат возилата кои загадуваат и тие нема да може да возат во денови на висока загаденост на воздухот. Со оваа мерка, Министерството за животна средина истакна дека ќе се регулира еколошкиот ред во сообраќајот. Меѓутоа, нискиот животен стандард од година во година го зголемува увозот на постари, а и нееколошки возила.
Според податоците на Државниот завод за статистика, до крајот на минатата година во Македонија сообраќале 400.316 возила. Дополнително, во првите шест месеци од годинава биле увезени 18.082 возила, информира Царинската управа. Повеќе од половина од овие возила загадуваат и испуштаат штетни гасови, што се должи на староста на возилата. Актуелната состојба е 357.114 возила постари од 10 години. Во моментов, регистрацијата се одредува според моќноста на киловати и работна зафатнина во кубни сантиметри, со што е овозможено емисијата на штетни материи да нема влијание врз цената на регистрација.
„Здравјето е најважно“, истакна заменик министерот за животна средина Јани Макрадули на новинарско прашање за тоа дали мерката со еколошки налепници за возила ќе удри врз посиромашните.
Од друга страна, О2 Коалиција за чист воздух очекува законската регулатива да биде подобрена во собраниска процедура, односно да стане поприлагодлива на актуелните стандарди.
„Јас би рекла и дека државата треба да направи забрана на увоз на стари нееколошки автомобили, да не се доведуваат граѓаните во заблуда. Таквите автомобили понатаму носат многу трошоци, значи колку е постар автомобилот, на почетокот може цената е ниска, меѓутоа следните години веќе се натплатува тоа. Во законот беа предложени субвенции за електрични и хибридни возила, мислам дека е подобро тие субвенции да се насочат во онаа пониска класа на возила до околу илјада кубици, што би овозможило на пример секој граѓанин што е подготвен да даде три четири илјади евра за старо возило, со плус некои субвенции да може да си дозволи ново возило“, изјави Невена Георгиевска, од О2 Коалиција за чист воздух.
Над 90 отсто од отровните честички ги емитираат домаќинствата при затоплување, а само 10 отсто се од возилата, стои во студиите изработени од Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој на МАНУ. Издувните гасови од автомобилите, пак, учествуваат со 60 отсто во загадувањето на воздухот со азотни оксиди.
Според еден од изработувачите на студиите на МАНУ, Александар Дединец, најголемиот проблем се јавува кај товарните возила од кои 40 отсто немаат никаков стандард и го загадуваат воздухот. Тие предлагаат различна сума за регистрирање, или да се оданочуваат различно при увоз, во зависност од колку возилото емитира јаглероден диоксид.
Засега, цените за налепниците не се познати, но доколку се следи препораката на МАНУ и примерот во западноевропските земји, цените за нискоеколошките возила ќе бидат повисоки, за разлика од оние кои ќе добијат зелени налепници.
Активистите се загрижени и скептични околу примената и готовноста на институциите.
„Мерките што се носат некогаш може да се добри ама да не бидат функционални ако системот што ги спроведува не функционира. Во тој поглед посочивме некои можности што би биле за при мерење на издувни гасови да се прават некои пропусти, самите технички прегледи да бидат исто контролирани, дали добро ги мерат тие издувни гасови, потребно е исто и на лице место да се мерат, може при технички преглед да помине, а на лице место да се покаже дека не ги задоволува, така што ќе го разгледаме и ќе дадеме забелешки доколку имаме“, истакна Георгиевска.
Според најавениот Закон за возила, казната за возење во спротивна еколошка зона од налепницата на возилата ќе изнесува 100 евра. Надлежните информираа дека граѓаните со возила со црвена налепница ќе бидат информирани преку официјални соопштенија за тоа кои денови и во кои зони би имале забрана за возење. Ова е предвидено да се случува во период кога неколку денови по ред има енормно ниво на аерозагадување. Според праксата, Министерството за животна средина, кое ги мониторира станиците за квалитет на воздух, ќе ги информира локалните самоуправи, кои ќе бидат задолжени навремено да ги известат граѓаните.
„Согласно со одлуките донесени од општините, односно од Град Скопје, во деновите кога ќе се утврди надминување на прагот на загаденоста во градските средини, се воведува ограничено движење во заштитени еколошки зони“, стои во објаснувањето за законските измени од Министерството за животна средина.
Покрај ова, измените предвидуваат субвенции при купување на возило на електричен погон или поврат на дел од средствата на физичките или правните лица кои ќе купат возило на електричен погон или хибридно возило. Од 1 декември годинава престанува да се издава налепница за извршена регистрација на возила, стои во Предлог Законот за возила.