Груевски стана македонски и европски проблем

Архивска фотографија- поранешниот премиер и почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски

Министерството за правда подготвува документи со кои од Унгарија ќе побара екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски. Од неговата партија велат дека не се согласувале со самиот чин на неговото заминување, а премиерот Зоран Заев вели дека пропусти немала направено ниту една институција.

Случајот со бегството на поранешниот премиер Никола Груевски во Унгарија сега е во рацете на македонското министерство за правда. Откако министерството за внатрешни работи вчера и официјално потврди дека Груевски е во Унгарија и распиша меѓународна потерница, министерството за правда сега ja комплетира потребната документација која треба да оди како прилог за барањето за екстрадиција, велат од министерството за Радио Слободна Европа.

“Во меѓувреме се подготвува и образложението на барањето за екстрадицијата кое оди во прилог на целосната документација која треба да ја добиеме од судот” велат од министерството од каде додаваат дека не може конкретно да се каже за колку време ќе заврши целата процедура поради тоа што зависи и од обемот на документацијата која треба да се преведе.

Засега се уште останува непознато како почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ успеал да излезе од државата без патни исправи кои му се одземени од судот поради случаите што се водат против него.

Од она што досега го соопшти министерството за внатрешни работи Груевски не излегол од Македонија со авион. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во интервју за телевизијата Канал 5 рече дека Груевски не излегол и на ниту еден легален граничен премин.

Тоа укажува дека излегол илегално, вон гранични премини. Чувањето на зелената граница е патролно и тоа не може херметички да ја затвори границата. Сите анализи укажуваат дека заминувањето од Македонија не се случило по воздушен пат. Кога ќе дојдеме до релевантен податок како се случило, тогаш ќе соопштиме. Сигурно е дека тој имал поддршка”, рече Спасовски.

Заев - институциите немаат пропуст

Сакам остро и категорично да ги отфрлам сите шпекулации за каков било политички договор со Никола Груевски, рече денеска премиерот Зоран Заев. Пропусти нема направено ниту една институција, одговори Заев на прашањата поврзани со тоа како се случи поранешниот премиер да излезе од земјава. Тој рече и дека веќе дале налог да се истражи целата постапка во случај ако евентуално имало пропусти на граничната полиција.

Дали во општеството за се треба да биде виновна владата? Владата постапува согласно закон и своите постапки јавно и транспаретно ги образлага. Јас сум убеден дека процесите што ги водиме ќе доведат до она што е очекување на граѓаните, а тоа е да се изврши затворската казна на секое осудено лице, вклучително и на Никола Груевски”, рече Заев.

ВМРО-ДПМНЕ не го оправдува “заминувањето” на нивниот почесен претседател

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, на прес конференција наведоа дека тие биле под политички инструирана полициска опсада, дека беспотребно биле вознемирувани членови и симпатизери на партијата, а дека целата акција била “провокација за нов меѓумакедонски конфликт”.

Што се однесува со самиот чин, ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со самото заминување на Никола Груевски, тоа не е опција дури и кога сите знаат дека се работи за политички прогон. Така се загрозуваат и другите лица кои исто така се цел на тој прогон”, рече партискиот портпарол Наум Стоилковски.

Дали Унгарија ќе го екстрадира Груевски?

Според професорот од Факултетот за општествени науки Башким Селмани со бегството во Унгарија, Груевски веќе не е само македонски, туку, како што вели, станал и европски проблем.

“Ова ќе биде еден тест и за Европската унија која долго време инвестира во Македонија со цел земјава да ги подобри правосудните стандарди ” вели Селмани кој потсетува дека Унгарија е земја членка на Унијата и треба да ги почитува меѓународните договори.

Груевски - од лидер и премиер до бегалец и азилант

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Груевски - од лидер и премиер до бегалец и азилант

Со такви очекувања е и премиерот Заев кој рече дека “една земја како Унгарија треба да биде пример дека нема да штити криминалци кои направиле штета врз граѓаните на Македонија”.

Во меѓувреме партиите членки на Европската народна партија, од која дел се и ВМРО-ДПМНЕ и партијата на Виктор Орбан, ФИДЕС, за сега не го коментираат бегството на поранешниот премиер и сегашен почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

“Сакаме да видиме официјална реакција од Унгарија, тоа е најважно сега – која е официјалната позиција на Будимпешта”, изјави за МИА европратеникот Андреј Ковачев од ЕПП, задолжен за Западниот Балкан.

Срамота или секоја чест - коментари за бегството на Груевски

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Срамота или секоја чест - коментари за бегството на Груевски