Иако беше предвирено да трае 12 дена, расправата за уставните нацрт- амандмани кои ги предложи Владата за имплментирање на Договорот од Преспа траеше само пет дена, откако Собраниската комисија за уставни прашања вчера го усвои и последниот четврти нацрт- амандман на Уставот. Според собранискиот деловник, расправата можеше да трае најмногу три дена за секој амандман одделно.
Расправита за нацрт-амандманите се одвиваше отприлика по еден ден за секој амандман и покрај најавите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека ќе води жестока борба во Собранието во процесот за уставните измени. ВМРО-ДПМНЕ највуваше дека нивната пратеничка група „жестоко ќе ги разобличи сите уставни амандмани.“
Поранешниот пратеник Насер Зибери коментира дека расправата во Собранието се одвивала во разумен рок и според него опозицијата немала многу простор за нејзино забавување и блокирање.
„Они ги изнесоа сите аргументи во претходната постапка, при донесувањето на одлуката за отпочнување на постапката за измена на Уставот и сега малку спласна таа тензија, од причина што и тие се свесни дека парламентарното мнозинство ги има обезбедено гласовите, доколу повеќе што при утврдување на нацрт-амандманите е потребен само 61 глас, а Владата има обезбедено 81 пратеник .Мислам дека тоа е логичен тек на настаните“, вели Зибери.
Со првиот нацрт-амандман се предлага замена на зборот Република Македонија со Република Северна Македонија во целиот текст на Уставот, освен во член 36 каде има историски аспект. Со вториот нацрт-амандман се менува Преамбулата на Уставот, односно одлуките на АСНОМ се заменуваат со прогласот на АСНОМ и се додава Охридскиот рамковен договор.
Со третиот нацрт-амандман се додава нов став со кој се декларира почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави, а со четвртиот се предлага потврдување на македонскиот идентитет, односно дека Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски во татковината.
Професор Никола Дујовски од Универзитетот Св. Климент Охридски смета дека роковите во процесот ќе бидат испочитувани и според него ќе може да се констатира дека Македонија навреме ги завршила формалните обврски од Договорот од Преспа.
„Мислам дека и во ВМРО-ДПМНЕ се свесни дека реалноста во Република Македонија е токму таа, Договорот е потпишан, тој ќе биде соодветно прифатен и ратификуван, Македонија ќе биде земја членка на НАТО и ЕУ. Доколку ВМРО-ДПМНЕ жестоко се спротивстави на таа политика, ќе станат безначаен фактор во нашата држава“, вели Дујовски.
Пленарната седница на која ќе се разгледуваат нацрт-амандманите е закажана за 1 декември и тие ќе се утврдуваат со просто мнозинство од 61 глас, по што Владата ќе ги изготви предлог-амандманите и повторно ќе ги достави до Собранието.
Зибери не очекува забавување на процесот, односно како што вели Владата и парламентарното мнозинство навремено ќе ги носат одлуките.
„Во фер атмосфера и со фер дебата, Собранието ќе ги изгласа измените на Уставот и со тоа ќе ја исполни својата последна обврска во однос на ратификацијта на Договорот со Грција, со тоа што од тој момент се префрла топката на другата страна и се отвораат можностите Македонија да стане членка на НАТО и да почне преговори со Европската унија“, вели Зибери.
Целиот процес за промена на Уставот, како што најави владата, се очекува да трае околу 60 дена. По пленарната седница на 1 декември, повторно ќе има дебати во уставната и законодавно правната комисија, како и јавна расправа по кои повторно ќе треба да се гласа на пленарна седница, односно со двотретинско мнозинство. За амандманот на Преамбулата на Уставот, освен двотретинско, потребно е и Бадентерово мнозинство.