Помирување, помилување или поигрување со правдата

Собрание, 27 април, 2017.

Упатените сметаат дека не може да се зборува за помирување за случувањата на 27 април се додека не заврши судската постапка. Во собранието пак се формира координативно тело за помирување.

Додека во Судот продолжува постапката за обвинетите за случувањата на 27 април, во Собранието се формира тело за помирување поврзано со инцидентите во парламентот лани. Изјавата на премиерот Зоран Заев за помирување, дадена од собраниската говорница, веднаш во јавноста почна да се толкува како амнестија. Помирувањето за случувањата е и еден од условите на осумте пратеници кои гласаа „за” пристапување кон процесот на уставни измени.

Актот на помирување го имало во многу држави, а се применува по период на голем конфликт во кој имало и жртви и за да се продолжи понатаму неопходен е таков чекор, вели професорката Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања. Но, според неа, Македонија не била во таков вид конфликт.

Самиот акт на помирување, според мене, во моментов нема ниту основа, ниту пак може да доведе до релаксација на односите во Македонија, или воспоставување на владеење на правото кое во моментов ни е насушно потребно”, вели Најчевска.

Помирувањето е категорија надвор од правосудниот систем и утврдувањето вина, вели поранешниот јавен обвинител Јован Трпеноски. Според него со носењето на некаков закон за помилување, пак, ќе се негира правосудниот систем, а ќе паднеле во вода и заложбите на владејачката партија за независно судство и утврдување на објективна вистина.

Поранешниот обвинител смета дека заложбата на обвинителите во судскиот процес за настаните во април лани, сега веројатно е да се дојде до нарачателите на случувањата во Собранието, но според него и кога ќе се дојде до нив тоа не значи дека извршителите треба да бидат амнестирани. Тие може да добијат друг третман, но само во правосудна постапка, додава Трпеноски.

За помилување може да стане збор, но само по правосилните пресуди за секое лице. Тогаш има можности- условен отпуст, поединечно помилување...Каква било интервенција сега, додека не заврши судскиот процес, практично е негирање на независноста на правосудството”, смета Трпеноски.

И Најчевска вели дека пред сè треба да се гонат нарачателите, но инсистира дека не може без никаква санкција да поминат и извршителите.

„Поради тоа што на тој начин секој од нас може да се амнестира од размислување со своја глава и да се амнестира од некои идни грешки во слични ситуации”, вели Најчевска.

Во меѓувреме, по гласањето на потребата од уставни измени, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ достави до Собранието, предлог закон за амнестија поврзана со случувањата на 27 април, со кој би се овозможило ослободување на сите осомничени или осудени за крвавиот четврток. Партија сега одлучи да не учествува во Координативното тело за помирување, но ако тоа донело заклучоци, одлука или каков било начин за ослободување или решение на проблемите на сите инволвирани од 27 април, тие ќе го поддржале процесот.