Колку очекувате да трае процесот на преговори со ЕУ, следејќи ги досегашните искуства на другите земји кандидатки?
Некое непишано правило последните неколку години, ако ги базираме своите очекувања на случаите на Србија и на Црна Гора, е отворање на две поглавја на меѓувладина конференција којашто ја има двапати годишно, односно тоа би биле четири поглавја годишно. Ако го имаме предвид нивниот пример, тогаш преговорите би траеле осум години. Македонија во однос на законодавството усогласено со ЕУ е во фаза во која се Србија и Црна Гора во овој момент, значи откако преговараат веќе неколку години и Црна Гора има отворено повеќе од 30 од 35-те поглавја. Имајќи го в предвид нашиот почеток како земја којашто прва започнала би можеле да очекуваме дека, би можеле да притискаме барем, во нашиот случај преговорите да се одвиваат побрзо, бидејќи дел од тие правни норми ние веќе ги имаме во нашиот систем.
Од разни претставници на Брисел и други официјални лица, стигнуваат различни проценки за тоа кога земјите од Балканот, меѓу кои и Македонија би можеле да станат членки на ЕУ. Последно се спомнува 2025. Какви се вашите очекувања? Кога реално Македонија може да стане полноправна членка на Унијата?
Во нашиот случај, единствената индикативна дата којашто беше дадена 2025 година, потекнува од стратегијата на Европската комисија за проширувањето којашто ја објави во февруари годинава, а е базирана на модел на симулација со однос на тоа кога би можеле овие земји најрано да ги завршат преговорите и да станат членки на ЕУ. Единствениот датум со кој ние оперираме е 2025, којашто е хипотетичка година, имајќи в предвид дека тоа не е почеток на нова финансиска рамка во ЕУ, бидејќи новата финансиска рамка ќе биде 2020-2027. Не е невидено да се случи проширување на средина на финансиска рамка, меѓутоа не е ни гарантирано дека истото е многу веројатно. Она што го имаме како искуство од Србија и Црна Гора, многу е тешко дури и овие две земји да го стигнат тој датум со сегашното темпо со коешто работат, бидејќи нивните преговори се исклучително бавни. Веројатно крајот на 2027 - 2030 година се порелевантни датуми, иако релевантни истражувања во оваа област, коишто направиле модели врз основа на проширувањата во 2004 и 2007 година, потврдуваат дека единствената земја од овој регион којшто може да ги исполни критериумите за ЕУ и да биде спремна колку што биле земјите во 2004 коишто пристапиле, од коишто имаме многу добри примери, како што е Естонија и делумно Словенија, е Република Македонија. За неа се проектира дека, доколку работи на реформите, дури во 2023 година би можела да ги исполни критериумите за членство во ЕУ, што значи дека во нашиот случај, 2025 година би бил реалистичен датум, но како што знаеме, тој датум е оптимистички којшто го бара регионот, меѓутоа во ЕУ постои голем скептицизам за давање датуми и во однос на 2025 како година.
Госпоѓо Кацарска, првата фаза од уставните измени поврзани со Договорот од Преспа, помина. Какви се вашите очекувања, можно ли е да има и други препреки во натамошната постапка?
Уставните измени и процесот околу нив ќе траат во наредните неколку месеци. Несомнено беше тешко да се обезбеди првата бројка од 80 пратеници и слушавме доста критики во однос на начинот којшто е употребен во обезбедувањето на тие 80 од 120 пратеници. Мислам дека долгорочно, имајќи ги предвид реакциите кон дел од пратениците коишто гласаа, а коишто не се очекуваше дека ќе гласаат за истите, и развојот на нештата во изминатите неколку дена во кои чувме дека дел од пратениците на опозициската коалиција ќе дејствуваат независно, мислам дека долгорочно не гледам процес во обезбедувањето на двотретинско мнозинство, бидејќи ова беше некако вратата со којашто се отвори дискусијата.
Целото интервју со Симонида Кацарска, може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.