Достапни линкови

Старт на првата фаза од скрининг процесот за Македонија


Бојан Маричиќ, посебен советник за евроатлантски интеграции и Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања
Бојан Маричиќ, посебен советник за евроатлантски интеграции и Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања

Во првата фаза од овој процес, европските претставници на нашата администрација, ќе ѝ ги објаснат обврските од членството во соодветните поглавја. Конкретните резултати од реформите ќе ги побараат во подоцнежните фази, односно откако ЕУ ќе подготви одредници за отворање на конкретното поглавје.

Со поглавјето 23 кое се однесува на правосудството и фундаменталните права, Македонија денеска и официјално го почнува скрининг процесот во Брисел. Оваа прва фаза е всушност објаснувачки скрининг, во кој претставниците на Унијата ќе и ги објаснат обврските од членството во соодветните поглавја на нашата администрација, велат добро упатени извори.

„На нашите преговарачки групи ќе им бидат всушност објаснети критериумите за пристапување во поглавјата 23 кои се однесуваат на судството, антикорупцијата и човековите права. Ова специфично поглавје во голема мера не е базирано врз законодавство на ЕУ, туку врз најдобри практики, што значи дека ЕУ ќе ги објасни меките мерки и насоките во однос на тоа кои критериуми треба да се исполнат во однос на независност на судството, кои се барањата во однос на антикорупцијата и стандардите во однос на човековите права“, објаснува Симонида Кацарска од Институтот за европска политика.

Во првата фаза скринингот се одвива заедно со Албанија, а подоцна се преминува на втората фаза, односно билатералниот скрининг помеѓу земјата која пристапува и земјите членки.

Кацарска објаснува дека во следните месеци истиот процес ќе продолжи со поглавјето 24, кое се однесува на правдата, слобода и безбедносните прашања. Важно е да се напомене дека овој скрининг не е почеток на самите преговори, бидејќи за истите Советот на ЕУ треба да донесе одлука наредниот јуни.

Процедурата околу преговорите зависи од тежината на самите поглавја. Во дел од нив, од нас ќе се бара проценка на нашата подготвеност во сите области, по што ЕУ ќе направи одредници за да може да се отвори поглавјето, а дури тогаш треба да се подготви акционен план и да испорачаме резултати по однос на одредниците.

„Постојат поглавја во кои проценката на тековната ситуација честопати не бараат одредници за отворање. Најлесните поглавја се оние кои се однесуваат на образование и истражување со кои би можеле побрзо да се движиме. Меѓутоа, во овие области кои се однесуваат на поглавјата 23 и 24 најважниот момент е кога ЕУ ќе ги одреди одредниците за отворање на поглавјето, по што ќе мораме ние да доставиме акционен план. Кога ние ќе ја доставиме нашата прва проценка на состојбата би било подобро ако имаме да покажеме повеќе отколку помалку. Бидејќи во тој случај ако сме напреднати, одредниците ќе ни бидат помалку“, објаснува Кацарска.

Од Владата информираа дека македонската делегација е предводена од вицепремиерот Бујар Османи, а во неа има претставници од повеќе министерства и институции, техничкиот преговарач и советник за евроинтеграции Бојан Маричиќ, како и министерката за правда Рената Дескоска.

Процесот се очекува да заврши до јуни 2019 година, а потоа ќе почнат и преговорите за членство во ЕУ. Во неодамнешното интервју за нашето радио евроамбасадорот Самуел Жбгар изјави дека скринингот ќе помогне да се забрзаат реформите и да се случат измените кои луѓето сакаат да ги видат.

„Мислам дека Европскиот совет и земјите членки беа многу јасни, дека очекуваат продолжување и унапредување на реформите. И тоа ќе го оценуваат следната година, дали навистина реформите продолжиле и напреднале. Но, целиот овој процес, не треба да заборавиме, не е поради Брисел. Мислам дека целиот процес е само машина која ја помага транзицијата. Се што прави владата, а ние и помагаме е да се направат промените за луѓето“, изјави Жбогар.

Европската комисија во извештајот за земјава на 17 април годинава препорача Македонија да ги почне преговорите со ЕУ. Подоцна Европскиот совет даде поддршка за условен почеток на преговорите со Македонија, што треба да се отворат во јуни 2019, а за тоа време државата треба да исполни неколку услови: реформи, спроведување на Договорот за името и да добие позитивен извештај од Европската комисија.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG