Достапни линкови

Хан: Информирајте се и гласајте за вашата иднина


Хан: Вратата на ЕУ е отворена, на вас е да ја искористите можноста
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:03 0:00

Хан: Вратата на ЕУ е отворена, на вас е да ја искористите можноста

Вратата на ЕУ е отворена, но вие сте тие кои одлучувате дали ќе ја искористите можноста на 30-ти септември, порача еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. На политичките лидери им порача од референдумот да не прават политички настан, бидејќи како што рече сега не е време за политички игри

„Информирајте се и искористете го правото на глас на референдумот. Вратата на ЕУ е отворена, но вие сте тие кои одлучувате дали ќе ја искористите оваа можност“, ја повтори уште еднаш пораката од Европската унија, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан по денешната средба со премиерот Зоран Заев. Неколкупати повтори дека секој глас е важен и дека граѓаните треба добро да се информираат да излезат и да го остварат своето право на глас, притоа одлучувајќи за како што рече европската иднина на земјава.

„Да, секако дека постои силна поддршка за овој Договор од меѓународната заедница, бидејќи ја обезбедува вашата европска иднина и евроатланска перспектива, но тоа е независна одлука на вашите граѓани, а нивната одлука ќе биде важен придонес за мирот, безбедноста и стабилноста не само во регионот, туку и Европа. Но уште еднаш да повторам, зависи само од вас граѓаните на ПЈРМ. Не ми се допаѓа кратенката ПЈРМ, и се надевам дека во иднина ќе ви се обраќам со Северна Македонија. Само вие ќе одлучите за можноста и немате време за губење“, рече Хан.

Со надеж дека референдумот ќе биде успешен, бидејќи е, како што рече, историска шанса која треба да се искористи, Хан сепак додаде дека Европската унија ќе ја почитува одлуката на граѓаните на 30-ти септември и секогаш ќе биде на наша страна. Toj, меѓу другото, апелираше од референдумот да не се прави партиски настан, бидејќи според него „не е време за играње политички игри“.

„Ова им го кажав на сите. Мојата сугестија и до премиерот кога се видовме пред неколку месеци беше да се има непартиска платформа за сите кои го поддржуваат референдумот. Важно е исто така да се мотивираат сите да учествуваат на референдумот и да го остварат своето демократско право. Секако дека постојат лични чувства, но најважното нешто е да се учествува. Преку тоа, да се покаже колку е важна одлуката. Сакам колку што е можно повеќе граѓани да учествуваат на референдумот, бидејќи тоа е и сигнал до Европската унија дека луѓето ги користат своите демократски права, разбираат колку е важно да излезат и да гласаат“, рече Хан.

Премиерот Заев најави дека до крајот на месецот ќе започне скринингот за спроведените реформи, а до јуни следната година вети спроведување на двојно повеќе реформи во клучни области како што се владеење на правото, борба против корупцијата, реформи во јавната администрација и реформи во разузнавачките служби. На новинарско прашање за руско влијание околу рефрендумот, тој повтори дека нема докази или аргументи дека Русија има некое влијание овде во однос на референдумот.

„Точно е дека Русија не е среќна со проширувањето на НАТО во Македонија и тоа го коментира дури јавно, но нема друга алтернатива за граѓаните освен целосна интеграција во ЕУ и НАТО. Сакаме да градиме пријателство со сите земји, вклучително и Руската федерација, имаме многу што да унапредиме во соработката. Се надевам дека сите пријатели на Македонија ќе овозможат на нашите граѓани слободно да гласаат без да дозволат какво било влијание од надвор“, рече Заев.

Инаку еврокомесарот Хан најави дека идната недела ќе има важен состанок во Брисел со кој ќе почне скринингот и ќе се означи почеток на подготвителните преговори со земјава за влез во ЕУ.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG