Министерот за надворешни работи на Кралството Холандија, Стеф Блок кој престојува во посета на Македонија денеска порача дека Договорот од Преспа е чувствителен компромис, но оти решавањето на ова прашање ги отвара вратите кон подобра иднина за Македонија.
На заедничката прес - конференција со министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, Блок прво зборуваше за реформите кои државава треба да ги оствари на патот кон ЕУ. Тој рече дека е охрабрен од значителниот напредок кој е постигнат во краток период, и нагласи дека сега останува да се зајакнат и да продолжат реформите.
Во врска со очекувањата од претстојниот референдум, Блок вели
„Ова зависи од сите политички актери вклучително и опозицијата да го продолжат овој пат до крај. Референдумот е дел од демократскиот процес и треба да се разговара и про и контра аргументите за овој референдум останува на вашите граѓани да го донесат единственото решение за вашата земја", изјави Блок.
Освен рефoрмскaта ЕУ и НАТО агенда и подготвителните активности поврзани со реализација на референдумот на 30 септември на разговорите на холандскиот министер со неговиот македонски колега Никола Димитров станало збор и за соработката меѓу двете земји.
Блок нагласи дека Холандија целосно ја поддржува перспективата кон ЕУ на Македонија. Тој рече дека политиката на Холандија е строга, но фер и дополни дека кога земјата ќе ги исполни условите Холандија ќе го поддржи следниот чекор во пристапниот процес з а ЕУ
„Охрабрен сум од напорите кои Македонија ги презема за да се спроведат реформите. Сега треба да видиме напредок и имплементација на законодавните пакети. Треба да се воспостави јасна рамка особено во реформите во право судството, реформите во разузнавачките служби, јавната администрација итн", изјави Блок.
Министерот Никола Димитров потсети дека ова е четврта билатерална средба на шефовите на дипломатиите на Македонија и Холандија за период од 15 месеци. Тој рече дека Македонија ја поддржува Холандија која има политика на „стриктно и фер“ во однос на процесот на пристапување во ЕУ, додавајќи дека цел на Македонија не е само да стане членка на ЕУ туку „нашата држава да си ја направиме европска“.
„Таа стриктност колку сме добри во реформите колку сме посветени какво ни е правосудство ни е поважно од тоа кога ќе станеме членка. Разговараме и за референдумот, нема многу денови до таа историска раскрсница. Му се заблагодарив што во овој период ја посетува земјата, тоа е еден убав сигнал, убаво охрабрување“, изјави Димитров.
Инаку оваа година Македонија и Холандија одбележуваат 25 години од дипломатските односи, а оваа земја е еден од најголемите донатори на Македонија.