Достапни линкови

Тачи: Граѓаните да гласаат на референдумот за мир во регионот


Тачи: Граѓаните да излезат масовно на референдумот
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:01 0:00

Тачи: Граѓаните да излезат масовно на референдумот

Косовскиот претседател Хашим Тачи, за време на денешната заедничка прес -конференција со премиерот Зоран Заев ги повика граѓаните да излезат да гласаат на референдумот. Тој порача дека тие треба да заокружат „за“ и да го искористат историскиот момент за земјата со цел стабилност и мир на регионот.

Граѓаните да излезат и да гласаат „за“ на претстојниот референдум и да се постигне цензусот, бидејќи се работи за историски момент за Македонија, кој треба да се искористи и кој ќе значи мир и стабилност за целиот регион, вклучително и Косово, порача косовскиот претседател Хашим Тачи по средбата со премиерот Зоран Заев во Владата. Според него, иднината на двете соседни земји е да се стремат кон членство во ЕУ и НАТО.

„Јас сакам да верувам дека учеството на граѓаните ќе биде масовно. Не само за да гласаат „за“, туку и да се постигне цензусот од над 50 проценти. Така што мојата порака пред сè како човек и како пријател на оваа држава и на евроатланската Македонија е да излезете и да гласате затоа што тоа е најголемиот патриотизам што може еден граѓанин да го направи за својата татковина и за Македонија“, рече Тачи.

Заев на повикот за дебата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакна дека ќе прифати кога тој ќе каже дека е против бојкот на референдумот.

„Јас себеси се сметам за промотор на дебатата. Секако иднината на Македонија заслужува секогаш да се разговара за тоа прашање и во тој аспект бојкотирањето за иднината на Македонија не претставува никаков основ да се седне и да се разговара. Подготвен сум да прифатам дебата со господинот Мицкоски кога буквално јасно и јавно ќе каже дека е против бојкотирањето“, потенцира Заев.

Во однос на дијалогот меѓу Србија и Косово и евентуалната корекција на границите меѓу двете земји, Тачи порача дека без дијалог нема да може да се постигне решение, а ЕУ во своето семејство не прима земји со отворени проблеми.

„Договорот Косово-Србија доколку се постигне, а ќе биде многу тешко да се постигне, ќе биде во европски дух, ќе се зачува мултиетичноста во Косово, ќе се координира целосно со ЕУ и со САД. Соседните, пријателски земји ќе се чувствуваат комотно. Косово го почитува територијалниот интегритет на сите соседни земји и на Македонија, Црна Гора, Албанија, но со Србија е едно специфично прашање и треба да се заврши процесот на 430 километри на демаркација на границата“, посочи Тачи.

Заев го поздрави дијалогот меѓу Белград и Приштина, при што Македонија поддржува изнаоѓање позитивно решение во Косово кое ќе го унапреди животот на сите граѓани во земјата.

„Решение кое што ќе биде добро за иднината на Косово, но и на целиот наш регион. За мене е важно сите лидери во регионот да останеме обединети околу испорачување на заедничките цели кои ги имаме, а тоа е траен мир, економски развој, регионална соработка и членството во ЕУ“, додаде тој.

Заев најави и наскоро одржување на заедничка седница на Владите на Косово и Македонија, заеднички комитет за соработка, како и нов граничен премин кој ќе има позитивно влијание врз трговијата.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG