Достапни линкови

Меркел - Не останувајте дома на 30 септември


Меркел: Не сакам да се мешам во одлуката на граѓаните
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:24 0:00

Меркел: Не сакам да се мешам во одлуката на граѓаните

Германската канцеларка Ангела Меркел им порача на граѓаните дека на „историскиот“ 30 септември не треба да останат дома. Покрај со премиерот Зоран Заев, таа се среќава и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, но не и со претседателот Ѓорге Иванов.

Референдумот е можност за отворање на вратите за вашата земја да биде дел од евроатлантското семејство, рече германската канцеларка Ангела Меркел на денешната заедничка прес-конференција со премиерот Зоран Заев.

Неа со црвен тепих пред зградата на владата ја дочекаа премиерот и владина делегација од повеќе министри. По едночасовната средба со Заев, Меркел прво го честиташе Денот на независноста, па потоа го поврза и со референдумот од 1991 година и референдумот што следи.

„Се разбира, не сакам да се мешам во одлуката на вашите граѓани, но од сопствено искуство можам да кажам дека ова е историска шанса којашто не се појавува секој ден. Таа е шанса која една генерација ја има само еднаш. Овој 30 септември е историска шанса и затоа од мој аспект, сакам да кажам, не останувајте на ваков историски ден дома, искористете ја вашата демократска можност да го кажете она што го мислите за иднината на вашата земја“, рече Меркел.

На новинарско прашање поврзано со честите посети на странските политичари во пресрет на референдумот и за тоа како е поставено референдумското прашање, Меркел одговори дека таа не е, како што рече за закани, туку дека граѓаните на земјата треба да одлучат за нивната иднина.

Иднината, ако референдумот има позитивен исход, додаде германската канцеларка, би можела да биде во евроатлантските структури.

„И многу јасно е дека има одредени предуслови коишто мора да се исполнат, односно сите земји кои се членки да се согласат со тоа. Постоеше спор меѓу Грција и вашата земја и мораше да се најде и решение инаку немаше да има согласност за членство и затоа прашањето за името и прашањето за членството во НАТО и ЕУ се многу тесно поврзани едно со друго. Без решение на ова не може да има членство во ЕУ и во НАТО. Тоа не е поврзаност што е конструирана од владата, туку тоа е една поврзаност која се должи на тоа што сите земји членки треба да гласаат за тоа, а тие нема да гласаат ако ова прашање не е решено. Затоа е многу важно оваа поврзаност да биде многу јасна и тука нема никаква закана“, рече Меркел.

Премиерот Заев, пак, рече дека голема чест е што канцеларката доаѓа во посета на големиот празник додавајќи: „ќе возвратиме со успешен референдум“.

„Оваа посета е силна порака и поттик за нас во пресрет на референдумот, уште едно охрабрување дека големите сили поддржуваат имплементирање на Договорот со Грција од двете страни“, рече Заев.

И двајцата зборуваа за добрата економска соработка меѓу Македонија и Германија, а Меркел најави и интензивирање на врските преку економскиот комитет и советникот кој би работеле со македонската влада. Сојузната влада на Германија и јас лично се залагаме за продлабочување на врските со Македонија, рече Меркел.

Денешното посета е прва на македонската влада од германски канцелар. Во нејзините рамки Меркел нема да се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, а на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, како што самата кажа, ќе му пренесе порака дека „во една демократија за клучните прашања постои национална и заедничка одговорност“.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG