Достапни линкови

Кампања „ЗА“ ќе водат 71 пратеник


Претседателот на Собранието Талат Џафери
Претседателот на Собранието Талат Џафери

Собранискиот спикер,Талат Џафер, ги повика сите учесници во кампањата да се однесуваат коректно и достоинствено. Истакна дека главна цел на кампањата ќе биде граѓаните детално да се информираат за придобивките од нашето членство во ЕУ и НАТО.

Транспарентна, непосредна и директна кампања, без дискриминација, предрасуди и со почитување на волјата на секој граѓанин. Ваква кампања ќе води Собранието како овластен носител, рече претседателот на Собранието Талат Џафери на денешната прес- конференција на која ги повика сите учесници во кампањата да се однесуваат соодветно, коректно и достоинствено. Џафери истакна дека главна цел на кампањата ќе биде граѓаните детално да се информираат за придобивките од нашето членство во ЕУ и НАТО.

Државните институции имаат обврска и одговорност да му овозможат на секој граѓанин, на 30-ти септември да ја однесе одлуката добро информиран, додека одговорност на граѓаните е преку својот глас да ја искажат својата волја,“ рече Џафери.

Првиот човек на Собранието објасни дека според Законот за референдум, овластениот предлагач односно Собранието, има право да откупи максимум девет минути во реален час програма за медиумско претставување. Методологијата на претставување е личен избор на пратеникот, односно тој одлучува како ќе ја води кампањата, дали преку средби со граѓани или од врата на врата. Снимениот материјал се доставува до Собранието, а потоа и до телевизиските и радио станици со кои Собранието ќе склучи договор за медиумско претставување, појасни Џафери.

Спикерот Џафери истакна дека врз основа на одлуката за референдум, побарал и добил писмено известување за тоа како ќе се однесуваат пратениците и во кој правец ќе се ангажираат во кампањата. Од нив како што рече, 71 пратеник се изјасниле за кампања „ЗА“, а 49 се изјасниле дека не сакаат да учествуваат во кампањата и барале средствата да се пренаменат.

„Имајќи ја предвид одлуката за референдум, тоа нивно барање не можам да го разгледам, од причина што Собранието средствата за кампањата, не може да ги троши за други намени. Тие средства кои не можат да ги истрошат, ќе се вратат во буџетот на Република Македонија“, изјави Џафери.

Џафери повтори дека ниту пратениците, ниту партиите нема да добиваат кеш од предвидените 80 милиони денари за кампањата. Во однос на барањето на пратеникот Антонио Милошоски да му бидат одобрени пари за кампања за бојкот, Џафери рече дека тој е дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и не може да се третира индивидуално.

„Средствата за кампања се на посебна сметка. Ќе се делат пропорционално спрема пратеничките групи кои се изјаснија „за“ или „против“. Собранието откупува медиумски простор. За кампањата „за“ ќе може да се потрошат 59 отсто од сумата, а за кампањата „против“ остануваат 41 посто од предвидените средства“, рече Џафери.

Во следниот период до референдумот нема да има редовни собраниски седници, но Собранието нормално ќе работи. Притоа не е исклучена можноста за одржување на седница, доколку се појави итна потреба за тоа.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG