Ќе има ли нови пречки за уставните измени?

Архивска фотографија - Гласање за уставни измени во Собрание

Најсериозната фаза од уставните измени помина, оценуваат аналитичарите, според кои во следните фази повторно се можни пречки, но не од големи размери.

Во следниве две недели Владата ќе ги достави амандманите за измени на Уставот до Собранието. Рокот што го даде собранискиот спикер Талат Џафери во петокот е 15 дена, но премиерот Зоран Заев најави дека тие ќе ги достават колку што можат порано додавајќи ја обврската Договорот од Преспа да помине и во грчкиот парламент.

Според Никола Дујовски, професор од универзитетот Свети Климент Охридски најсериозниот предизвик беше пристапувањето кон уставните измени и тоа помина, но и во натамошната постапка можни се други предизвици. „Не очекувам сè да помине мазно, имајќи ја предвид општествено политичката ситуација во Македонија“, вели Дујовски.

Имаме опозиција која може и се разбира дека е легитимно во наредниот период да достави и други барања и еве веќе видовме дека надвор од ставот на Владата премиерот веќе прифати дел од она што го бараа група пратеници од опозицијата кое понатаму ќе оди на разгледување” , вели Дујовски.

Непосредно пред гласањето пратениците од опозицијата кои гласаа за пристапување кон уставните измени доставија барање со четири точки: прифаќање на амандман на Уставот со кој ќе се гарантира македонскиот идентитет, прифаќање на одредба на Уставот со која ќе се гарантира дека ако Грција не го ратификува Договорот и ги попречува евроатлантските интеграции на Македонија ќе има безусловно поништување на сите прифатени уставни амандмани и постепена промена на името за внатрешна употреба, следејќи го процесот кон полноправно членство во ЕУ. Последното нивно барање не е директно поврзано со уставните амандамани, туку со повикот на премиерот за помирување во врска со настаните на 27 април лани во Собранието.

Инаку, откако пристапување кон измена на Уставот веќе е завршено, сега почнува постапката од членот 197. Во него е предвидено текстот на нацрт амандманите, кои во овој случај треба да ги подготви Владата, да се достават до претседателот на Собранието и до претседателот на државата најдоцна 30 дена пред одржување на седницата на Собранието. Потоа почнува претресот кој може да се води за секој амандман одделно и може да трае најмногу три работни дена за секој амандман одделно. Деловникот предвидува и конкретно време колку може да збори, па пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути.

И при дебатите во Законодавно правната комисија и во Уставната комисија времето за зборување е ограничено, а и во нив претресот може да трае најмногу три работни дена за секој амандман оделно.

Потоа се оди на гласање на секој нацрт амандман одделно и за тоа гласање не е потребно двотретинско туку обично мнозинство. Ако се изгласаат нацрт амандманите, следна фаза е на јавна дискусија за која рокот го определува Собранието. Потоа се заедно, текстот на предлог амандманите и извештајот од јавната дискусија, предлагачот ги доставува до претседателот на Собранието, до претседателот на Републиката но најдоцна 30 дена пред одржувањето на седницата на Собранието.

Во следната фаза повторно предлозите влегуваат во собраниска дебата. На нивниот текст предлагачот, секој пратеник, работно тело и Владата кога не е предлагач, можат да поднесат амандмани најдоцна осум дена пред седницата на Собранието на која ќе се усвојуваат амандманите на Уставот. Потоа се се враќа во двете комисии кои имаат пак по три дена за секој амандман. На крајот гласањето се одвива на пленарна седница и пак е потребно двотретинско мнозинство.

Засега владата најави четири амандмани, но со можност, како што рече и самиот Заев, да бидат зголемени и со интервенциите на опозицијата. Накратко првиот се однесува на додавање на одредницата северна, вториот на неменување на границите, третиот е за грижата за македонското национално малцинство во соседните земји, кое, ќе се прошири во грижа за правата на целата дијаспора. Четвртиот амандман е во преамбулата. Таму, уверуваат од Владата, нема да се чепка ништо од државно правниот наратив, кој почнува од Илинденското востание преку АСНОМ до референдумот за независност.

Надвор од измените кои произлегуваат од Договорот од Преспа Дујовски гледа и други можности за одолговлекување на работите.

„Да не заборавиме и на барањата на дел партии на Албанците, едното крило на Беса и партијата на Зијадин Села пројавија желби за промена на Уставот на начин кој досега не е разговаран во Македонија”, вели Дујовски.

Според Договорот со Грција, амандманите на Уставот треба да бидат усвоени до крајот на 2018 година. Но, според изјавите од официјална Атина, тамошната влада е можно да ги почека уставните измени.