Власта повика на заедништво во носењето тешки одлуки во интерес на граѓаните, опозицијата вели сега ви текна на заедништво кога без консултации со никого го потпишавте „штетниот договор со Грција“.
Собраниската комисија за уставни прашања денеска ја започна седницата на која се разговара за уставните измени коишто произлегуваат од Договорот за името со Грција. При гласањето на дневниот ред, сите 7 члена од ВМРО-ДПМНЕ на 16-члената комисија гласаа против пристапувањето кон уставните измени.
Премиерот Зоран Заев, како предлагач, рече дека уставните измени заслужуваат поддршка од сите пратеници, затоа што големо мнозинство од граѓаните е за членството во ЕУ и во НАТО. Тој рече дека НАТО гарантира безбедност и стабилност, а безбедноста носи инвестиции и развој. Ова прашање не е лесно, но на вакви прашања се познава лидерството, апелирајќи дека сега ни треба заедништво и ги повика сите пратеници да ги поддржат уставните измени.
„Во нашите раце е клучот за отворање на европската перспектива за економски развој и подобар живот на граѓаните. Перспектива и место во заедницата на европските народи за најдобра заштита на достоинството, идентитетот и иднината на сите граѓани на Република Македонија. Решаваме двеипол децениски спор за да ја извлечеме нашата земја од стегите на изолацијата“, рече Заев.
Според него, со договорот се заштитува идентитетот и јазикот, а правиме компромис со прифаќањето додавка на името.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Пратеникот Трајко Вељаноски од ВМРО-ДПМНЕ, пак, рече дека власта не се потрудила да создаде национален консензус за едно толку важно прашање и оти ги оставила на маргините и граѓаните, и претседателот, и пратениците, а сега, откако, како што рече, тесниот владин круг, по тајни преговори, го потпишал штетниот договор, бара заедништво. Тој рече дека опозицијата не била консултирана ниту за референдумот, ниту за формулирањето на референдумското прашање. Тој рече дека Договорот со Грција создава поделби и оти кај граѓаните има чувство дека се работи за туѓо, наметнато решение.
„Ова чувство на наметнато туѓо решение дополнително се зацврстува кога ќе се споредат изјавите на првите владини луѓе од јануари оваа година, кога тврдеа дека може да се постигне решение со Грција без да се менува Уставот на Република Македонија“, рече Вељаноски.
Тој рече дека Договорот со Грција е нелегитимен, зашто не е потпишан од Претседателот, ниту е објавен во Службениот весник. Според него, граѓаните, со пасивен отпор и неизлегување на референдумот, покажале што мислат за Договорот со Грција. Тој рече дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да учествуваат во менувањето на Уставот и затоа власта не може да обезбеди двотретинско мнозинство за промените.
Предвидени се четири измени на Уставот – првата, секаде каде што пишува Република Македонија да се замени со Република Северна Македонија, втората е во преамбулата да се наведат конкретните документи на АСНОМ како државно-правни традиции, третата се однесува на гаранции за границите, а четвртата на грижата за Македонците во дијаспората и во странство.