Премиерот Зоран Заев рече дека имаат доволен мотив да ја почнат процедурата за уставните измени, но нагласи дека никој не може да каже дали има обезбедено мнозинство во Собранието и дека тоа ќе се види во моментот на одлучувањето. Тој ова го кажа одговорајќи на новинарски прашања по трибината што се одржа во рамки на Форумот за граѓанското општество Скопје 2018.
„Нема да дозволиме ништо да се упропасти, иницијативата е таа, ние разговаравме со многу пратеници, лично јас разговарав, но пратеници најмногу разговараа со пратеници и видовме дека постои една убава, прогресивна маса пратеници, која е доволно сериозен мотив да ги отвориме постапките како што тоа го направи Владата”, рече Заев.
Тој на друго прашање поврзано со мнозинство рече и дека може да верува дека имаат, може да верува и дека немаат, но на крајот, како што рече, тоа треба да го проверат и да го потврдат. Досега имаме доволна причина да веруваме дека имаме мнозинство, додаде премиерот, според кој, ова што се случува во Македонија било диференцирање на два правци и во владејачката гарнитура и во опозициската структура – прогресивни и регресивни.
„Морам да ги отстранам и сите шпекулации кои надвиснаа над главите на многу пратеници за некакви пари, за некакви не знам какви незгодни состојби. Реков уште од првиот момент, ова мора да оди во благопријатна атмосфера, во атмосфера на понесување одговорност и одлучност за иднината на Македонија”, рече премиерот.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во меѓувреме во Собранието се уште не се знае динамиката на процесот за уставните измени и кога ќе почне процедурата за нив. Според Деловникот, целата постапка за промена на Уставот, ако се почитуваат крајните рокови, треба да трае околу три и пол месеци и се одвива во три фази во кои ќе бидат вклучени и Уставната и законодавно-правната комисија.
Заев денеска не сакаше да зборува за можноста за предвремени избори оставајќи простор за Собранието да ја заврши работата за да не се губело време поради редовните избори и во Грција наредната година.
Владата вчера на вонредна седница го усвои предлогот за пристапување кон уставните измени поврзани со Договорот од Преспа и ги достави до Собранието.
Како што појасни владиниот портпарол Миле Бошњаковски станува збор за четири измени во Уставот. Прво се додава придавката „Северна“ пред Република Македонија, второ се менува преамбулата во која ќе се именуваат конкретни документи на АСНОМ, трето во делот за границата ќе се дeкларира „почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави”, информираше Бошњаковски.
Тој појасни и дека во делот за Македонците и дијаспората во странство ќе се декларира „грижа за културните, економските и социјалните права на припадниците на македонскиот народ и сите наши граѓани во странство, без тоа да значи мешање во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи, во каква било форма и заради било каква причина”.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека Заев немал легитимитет да го менува Уставот за да го смени уставното име на Република Македонија. Според нив тој немал легитимитет да ги менува и „идентитетот, историјата, културата и традицијата на земјата”.
„Секој обид за насилно туркање на Договорот од Преспа во Собрание е силување на волјата на граѓаните“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.