Младински катчиња за дружење на отворено, наместо на интернет

Млади од Тетово и Гостивар создадоа центри за млади, каде младите ќе се дружат и ќе поминуваат повеќе време на отворено, неместо пред компјутер.

Во време кога младите и за социјализација користат смарт телефони и таблети, дел од нив во Тетово и Гостивар направија конкретни работи како да поминуваат повеќе часови на отворено во вистинско дружење. Запустен пазар во Тетово беше претворен во центар за млади на отворено каде има скејт простор, клупи и други алтернативни можности.

„Нашата цел е да адаптираме едно место, напуштено место во градот и да го трансформираме во Центар за активности за млади луѓе. Сите од Тетово се добредојдени да ни се придружат и да организираме активности што ние требаат на нас како општество, што ни се потребни“, изјави Рона Камбери, од невладината организација Демокраси Лаб.

И во Гостивар по иницијатива на истата организација младата популација доби свое катче кое служи за креативен, професионален и личен развој. Центарот за млади и заедницата се наоѓа во објект близу болницата со опремени простории, компјутери и книги.

Оформувањето на младинските центри е помогнато од грантовите на американската амбасада па нивното отворање и корисноста како мошне значајни ги оцени и амбасадорот на Соединетите Американски Држави, Џес Бејли. И тој вели дека е добро младите наместо на интернет, реално да се дружат.

„Овој центар ќе овозможи младите од Гостивар да се соберат на едно место. Наместо да ги користат социјалните медиуми и да комуницираат онлајн, може да дојдат тука, да се сретнат и да разговараат лице во лице, да развиваат идеи. Среќни сме што имавме улога на катализатори во овој проект. Ве повикувам вас, младите да реализирате свои активности и да давате идеи. Експериментирајте и бидете креативни“, рече Бејли.

Психологот Љуљзим Муртезани смета дека колку повеќе имаат места каде ќе одат младите да се дружат, толку помалку ќе бидат онлајн. Објаснува дека користењето на интернетот за забава и социјализација воедно и претставува деликатна ситуација, поради опасностите од негативна промена на нивното поведение.

„Мораме во ова време да креираме, да создаваме добри услови за младите. Што се тоа добри услови? Добра инфраструктура, да можат едноставно да се занимаваат со спорт, да се занимаваат со фискултура, со забава, рекреација и така натака. Овие услови ако се создаваат тогаш веројатноста за користење на интернетот е многу помала. Значи што повеќе создаваме креираме такви околности во кои младите и децата нема да се чувствуваат фрустрирани толкав ќе биде позитивниот ефект во тоа што интернетот ќе се користи во разумни мери“, истакнува психологот Љуљзим Муртезани.