Технолошкиот парк оформен од страна на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово со цел да ги поддржува технолошко-иновативните компании и старт-ап фирми се етаблира во значаен генератор на нови работни места. Четири години по почетокот со работа, бележат формирање на над 20 компании и речиси 100 работни места.
Со тоа се овозможува лица со својот интелектуален труд и технички вештини да продаваат услуги низ целиот свет, вели Ѓорѓи Рафајловски, оперативен директор во технолошкиот парк.
„Досега директно сме поврзале 21 компанија, кои што се наоѓаат во технолошкиот парк, но и надвор од технолошкиот парк. И досега имаме индиректно или директно отворени 92 нови работни места. Тоа се интелектуални работни места, кои што претежно се занимаваат со интелектуален труд и даваат производи и услуги кои се наменети за светските пазари. Над 80 отсто од проектите, кои што ги работат овие фирми, се наменети за пазарите надвор од Македонија. Веруваме дека многу бргу дури годинава ќе ја надминеме и бројката од 100 нови работни места“, вели оперативниот директор во паркот.
ИТ индустријата, маркетингот и телекомуникациите се областите во кои најчесто се насочени фирмите на младите вешти лица во технолошкиот парк.
„Најголемиот дел од дејностите на компаниите што работат кај нас се од ИТ област. Односно од областа на интернет и телекомуникациските услуги. Не сме ограничени само на ИТ дејности. Се нудат услуги од маркетинг сферата, од продажбата од дигиталниот маркетинг и она се што се нарекува дигитален производ или услуга но пак мораме да кажеме дека за младите претприемачи најлесно и најбрзо се отпочнува бизнис во ИТ сферата. Иако морам да напоменам дека имаме компании кои што се бават и со продажба на услуги од сферата на финансиските трансакции, имаме компании кои што работат во индустријата за игри и забава и компании кои што работат со фирми кои што работат трговија на големо и хотелски дејности“, кажа Рафајловски.
За разлика од технолошко индустриската зона каде Владата субвенционира странски компании да инвестираат во Македонија, технолошкиот парк ги стимулира овдешните млади лица да започнат бизнис и да ги нудат услугите низ светот.
„Технолошко развојната зона обезбедува субвенции на странски директни инвестиции за производи и услуги кои се наменети директно за извоз. Таму се да речеме претежно трудо интензивни работни места додека кај нас се високо технолошки нови работни места. Кај нас како стартапи им овозможуваме многу побрзо и полесно да основаат компанија и многу побрзо и полесно да ја развиваат својата компанија. Тоа го нудиме преку услуги кои што им ги обезбедуваме на компаниите додека да речеме стумул, односно стимуланост од Владата во технолошко индустриски зони претежно се користи во домен на даночни олеснувања“, објаснува Ѓорѓи Рафајловски.