Достапни линкови

„Креативни точки 2017“ - преиспитување на релациите меѓу уметностите


Во Духовно-културниот центар „Кирил Пејчиновиќ – Тетоец“, во Лешочки манастир, на 22 и 23 септември, ќе се одржи третото издание на манифестацијата „Креативни точки“, што како организатори ја потпишуваат Центарот за култура и културолошки студии и Женскиот хор „Менада“, а чија цел е да го зголеми интересот на широката публика за творештвото на младите македонски уметници.

Една заумна идеја полека станува убава и плодотворна традиција. Во организација на Центарот за култура и културолошки студии, а со поддршка на Женскиот хор „Менада“ од Тетово, во Духовно-културниот центар „Кирил Пејчиновиќ“, во Лешочкиот манастир, на 22-23 септември оваа година по трет пат ќе се одржи манифестацијата „Креативни точки“ на која главен акцент и во случајов ќе биде ставен на релациите на литературата и музиката.

Професор Мишел Павловски знае да каже дека кога во 2015 година за прв пат ја потпишале манифестацијата „Креативни точки“, Центарот за култура и културолошки студии си поставил три глобални цели. Да предложи, да организира и да реализира нови форми на презентација на уметничкото творештво на младите автори во Македонија со кои ќе се придонесе за нивна промоција и помасовна рецепција. Потем на креативен и практичен начин да ги преиспита релациите помеѓу уметностите и да поттикне уметнички практики кои ќе експериментираат со жанровските граници и границите помеѓу уметностите.

„И со литературно – музичкиот џем-сејшн и со огромниот интерес на публиката од тетовско и од Полог и со огромниот интерес на младите автори, музичари и литерати, ние чинам дека успеавме да предложиме една нова форма, една интересна форма, една динамична форма на презентација на уметничкото творештво и нормално на одредено преиспитување и поттикнување на уметничките практики“, вели Павловски.

Централен настан на случувањето е вечерта што го носи името на манифестацијата - „Креативни точки“ (годинава планирана за 22 септември, во 19 часот) која има за цел динамизирање на начинот на презентација на музиката и литературата. Притоа, како што забележуваат организаторите, во музичкиот дел ќе биде застапена класичната, експерименталната музика и рокенролот, додека во литературниот дел покрај поезија ќе се чита и проза, драмски извадоци, а ќе има и слем настапи, како и кратки драматизации.

За нив во оваа пригода задолжени ќе бидат македонските творци како Петар Андоновски, Митко Апостолов, Митко Гогов, Катерина Гогова, Ана Голејшка, Живко Грозданоски, Дарјан Данески, Душко Дембоски, Ѓоко Здравески, Јован Илиески, Елена Карапејовска, Владимир Лукаш, Калина Малеска, Драгана Марковиќ, Марта Маркоска, Ивона Нацевска, Фросина Пармаковска, Елена Пренџова, Перо Сарџоски, Билјана Стојановска, Небoјша Стојаноски, Снежана Стојчевска, Колос Цури и други.

Инаку, оваа вечер, традиционално ќе ја отвори Женскиот хор „Менада“ од Тетово кој, под диригенство на маестро Ивица Зориќ, најнапред ќе понуди современи обработки на класични дела, за потем да финишира со свои видувања на одбрани рокенрол класици.

В сабота, пак, на 23 септември, ќе се одржи и трибината „Интермедијалноста како алтернативна можност за презентирање на уметничките идеи на младите автори“, чиј модератор ќе биде проф. д-р Лорета Георгиевска – Јаковлева. Целта на трибината е да се дискутира за начините за алтернативно презентирање на уметноста, методите на комуникација со публиката (релацијата автор - публика), како и потребата од надминување на застарените, нединамични форми на комуникација, каде публиката е безгласен конзумент на литературата, на музиката и на уметноста воопшто.

„Ние како организатори имено очекуваме да слушнеме од практичарите, од младите автори, музичари и литерати, поети и прозни писатели, како тие две работи – промоцијата на литературата и алтернативните настапи ординираат меѓу себе и дали и колку си помагаат“, дополнува Павловски.

Инаку, оваа манифестацијата која има за цел промовирање на млади креативци, автори и творци од областа на музиката, литературата, фотографијата, сликарството и другите уметности, со цел да станат видливи нивните естетики и светогледи, во првите две години беше реализирана без финансиска поддршка од државните институции, но овојпат се одржува во рамките на проектот „Нов културен бран“ на Министерството за култура.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG