Просторниот лавиринт на Театарот за деца и младинци

Театарска претстава „Заспаниот разум раѓа чудовишта или Денес не напишав ни збор“, во режија на Владимир Милчин премиерно ќе биде изведена во Театар за деца и младинци – Скопје.

Ние сме можеби единствениот театар во Македонија во кој нема чиги, но се снаоѓаме некако како да ги закачиме завесите, кулисите, сценографијата...да ја доловиме магијата, вели Катарина Илиевска Силјановска, актерка и директорка на Театарот за деца и младинци во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Не е никаква новина ако уште еднаш, по којнае кој пат, биде речено дека Театарот за деца и младинци како единствен национален театар специјализиран за програмата за таа популација, повеќе од четврт век „создава бајки со поинаков, ведар и магичен дух“ работејќи во повеќе од скромни услови. Во просториите адаптирани од некогашната менза, некогашниот ресторан „Вардар“, дадени на „времено користење“ додека не дојде време „проблемот да се реши“. А, во очекување на таквото решение низ времето се редеа претстави, награди...и на изворната идеја за едукација и развивање на љубовта кон театарот, кон уметноста, израснаа бројни генерации кои со отворени гради го живеат животот во времево на силни атаци на некултура и изместени вредности.

Од таму, воопшто и не чуди што Катарина Илиевска Силјановска, актерка и актуелна директорка на Театар за деца и младинци, во неделното интервју на Радио Слободна Европа, знае да каже дека „работат во многу чудни, минимализирани услови“.

„Работиме во многу чудни услови. Минимализирани. Сцената е многу мала 5 на 6 метри. Нема доволно висина, гледалиштето е преблиску, нема чиги...Ние сме можеби единствениот театар во Македонија во кој нема чиги, но се снаоѓаме некако како да ги закачиме завесите, кулисите, сценографијата...Како што знае да каже иницијаторот за формирање на овој театар и прв директор Љубомир Чадиковски овој простор сме го добиле времено, за да не чувствуваме и да не бидеме номади...Тогаш биле вработени само административци, па се почнало со тројца актери, потем станале осум и до неодамна, пред да заминат тројца колеги, бевме 16. Ни треба поголем простор и не само што имаме иницијатива, туку се надевам дека проблемот конечно ќе се реши се разбира со подршка на Министерството за култура и Град Скопје“, вели Илиевска – Силјановска.

А, нејзината колешка актерката Тања Кочовска – Павловска, која од неодамна е член на ансамблот на Македонскиот народен театар, истакнува дека таа поминала 23 години во Театарот за деца и младинци и дека за тоа време, во однос на условите за работа не се почувствувала „релаксирано и добро“, иако од друга страна тоа не ги спречувало да постигмат огромни успеси и освојат бројни награди и признанија на меѓународната театарска сцена. Тања смета дека Театарот за деца и младинци е линк за другите сцени, за другите театри. Дека оваа т.н „мала сцена“ треба да ги насочи децата и младите кон „големите сцени“. Еднаш и засекогаш да го засакаат театарот и да ја почитуваат уметноста. Од таму, таа вели дека нема ниту една причина членовите на овој театар да работат безмалку во нечовечки услови.

„Се дадоа пари за мал милион работи. Се иаградија мал милион споменици. Еден детски театар веројатно би коштал колку пола, пола споменик. Ејде еве нека биде и еден споменик. Зарем е тоа многу?“ , вели Кочовска – Павловска.

Актерката и со појаснување дека своевремено Чадиковски визионерски од „ресторан направил театар“.

„Да се направи една нормална претстава, на една нормална сцена каде ќе има нормални влезови, нормална висина, чиги со кои ќе може да се долови магијата и да се разбуди љубопитството на децата, тоа го нема. Тоа и сами си знаеме.“

Во понатамошната експликација Кочовска – Павловска забележува дека сегашната сцена на Театарот има само еден „ракав“ и еден „влез“. Дека е на само едно метро од гледалиштето и дека на тој начин се губи магијата и не можат да се прават, да се играат претставите. Дека е невозможно да се направи и одржи магијата. Според неа посебна приказна се и другите работни простории, техничката подршка, „просторијата за актерите“, бифето каде што се раѓаат идеите за нови претстави и така со ред.