Кукан и Флекенштајн сакаат брз евро-атлантски пат за Македонија

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Кукан и Флекенштајн: Гласајте, премногу е важно!

Не размислуваме за план Б доколу референдумот не успее. Сакаме да видиме позитивен резултат, кој ќе го отвори и забрза евроатлантскиот пат на Македонија, порачаа пратениците на Европскиот Парламент Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн

Поддршка за референдумот и апел до граѓаните да го искористат правото на глас, денеска стигна и од европратениците Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн. Двајцата европратеници кои во Скопје престојуваат по повод конференцијата „Дијалог на високо ниво за политичкото учество на младите и младинските политики со пратениците од Западен Балкан“, порачаа дека референдумот е историска шанса за земјава и дека не треба да се чекаат уште 27 години за да се постигне напредок во евроатланските интеграции.

„Ова е навистина историски момент во развојот на вашата земја и може позитивно да влијае во случај на позитивен исход на референдумот. Тоа може позитивно да влијае на идниот развој на земјата и исполнувањето на незините евроатлантски амбиции. Затоа ги повикувам граѓаните да учествуваат на референдумот и да го искористат правото на гласање“, рече Кукан.

Тој ја потенцираше важноста на граѓаните да бидат добро информирани за тоа какви последици може да има позитивниот резултат на референдумот за иднината на Македонија. Неговиот колега Флекенштајн изјави дека референдумот не е прашање за тоа дали владата е добра или лоша и за тоа кој ќе владее следните четири години, туку се работи за одлука која како што рече ќе влијае на идните генерации.

Ги замолувам моите пријатели во Македонија, ве молам гласајте. Не кажувајте дека не ви е важно. Премногу е важно. Знаете дека изминатите 27 години имаше проблем кој го секогаш го стопираше процесот. А сега имаме шанса да ги почнеме преговорите следната година, да го забрзаме процесот и затоа сакам да ве замолам да гласате и не ни кажувајте дека не ви е грижа. Како ќе гласате зависи само од граѓаните на оваа земја, и од никој друг,“ рече Флекенштајн.

На прашањето како евентуалниот неуспех на референдумот би се одразил на евроинтеграциите на Македонија во иднина, Кукан со одговор:

Би кажал дека ние не размислуваме за план Б. Размислуваме само на план А, а тоа е да успее референдумот, резултатот да е позитивен и на тој начин да го отвориме и забрзаме патот на Македонија на европската траекторија“, истакна Кукан.

Европратениците порачаа дека покрај важноста на референдумот, од исклучителна важност е и спроведувањето на итните реформски приоритети. Порачаа дека ако ја сработиме домашната задача со конкретни резултати, ништо нема да биде пречка Советот на ЕУ следниот јуни да даде позитивна одлука за почеток на преговори.

Двајцата пратеници на Европскиот парламент најавија продолжување на втората фаза од дијалогот Жан Моне. Тие го образложија извештајот од првата фаза и ги споменаа постигнатите резултати, меѓу кои и кодексот за етика и правилата на парламентарната постапка. Оценија дека вреди да се продолжи со дијалогот, бидејќи дава позитивни резултати.

Втората рунда најверојатно ќе се одржи во декември или јануари, а листата на темите кои ќе бидат обработени се уште се подготвува. Дијалогот Жан Моне дојде како потреба за постигнување на политички консензус по двегодишната политичка криза во Македонија.