„Блокбастер“ или театарот како политички чин

Со „Блокбастер“ на белгискиот Колектив Мензуел, „театарската НЛО претстава“ или филмот-пародија создаден со повеќе од 1400 кадри извадени од 160 холивудски филмови, в четврток на 20 септември, во 20 часот, во МНТ ќе започне 43-то издание на Млад отворен театар. Станува збор за гигантска монтажа преку која е раскажана приказната за насилството од доминантната класа на обичните луѓе каде што хуморот се користи како инструмент за протест.

Кога ја почнавме оваа авантура со нашата претстава сметавме дека се работи за еден голем влог. Досега одржавме околу 200 изведби на „Блокбастер“ и имавме можност да ги запознаеме театрите насекаде во Европа, а во овој контекст да се запознаеме и со Македонија, земјата во која доаѓаме по прв пат.

Вака Рено Рига, еден од творците на спектаклот на Колектив Мензуел, ќе ја започне сторијата за нивната „театарската НЛО претстава“ или за филмот-пародија создаден со повеќе од 1400 кадри извадени од 160 холивудски филмови, со кој в четврток, на 20 септември во 20 часот, на сцената во МНТ ќе започне 43-то издание на Млад отворен театар.

Говорејќи за трупата тој најнапред со појаснување дека кај нив нема режисер, прв човек, „шеф“, и дека сè се одлучува во рамките на Колективот. Дека е составен од актери, музичари, автори на видео и кино материјали и дека всушност се работи за една мултимедијална заедница чија цел е преку своите дела да биде што е можно попопуларна и да ја освои пошироката јавност.

„Едноставно сакаме да бидеме достапни за сите коишто и не мора да имаат големи знаења за уметноста, за театарот. Воедно овде станува збор за ангажиран театар, за политички театар. Некои можат да се согласат со нас, некои не, но ние сметаме дека токму театарот претставува место за дискусија и за дебата. Притоа еден од значајните елементи што ги користиме во нашите претстави е хуморот за кој сметаме дека всушност е платформа за пристапност“, вели Рено Рига.

Уметникот појаснува дека темата на „Блокбастер“ е всушност редистрибуција на богатството во општество поделено на многу богати и многу сиромашни.

„Ние доаѓаме од Белгија и не ја знаеме ситуацијата во Македонија, меѓутоа кај на е многу очебијно дека општеството е поделено на многу богати кои од ден во ден стануваат се побогати и сиромашни коишто стануваат се посиромашни. Ете тоа е она што сакавме особено да го истакнеме во нашата „театарска НЛО претстава“. Сакавме да го поставиме прашањето дали ваквата состојба може да продолжи понатаму и дали она што следува е единствено судирот. Конфликтот помеѓу тие две спротивставени класи“, смета Рига.

Неговиот колега Баптист Исаја, пак, најнапред со експликација дека 80-минутната претстава е всушност филмска пародија и дека тие со конструкција на повеќе од 1.400-те кадри „позајмени“ од 160 холивудски блокбастери практично создаваат свој филм. Згора на тоа вели дека за време на прикажувањето на претставата тој нивни „филм“ се прикажува зад нив на платното, а на сцена учесниците во спектаклот ги произведуваат сите звуци и шумови, дијалози и целата музика.

„Има една позната мисла каде авторот вели: Ние сме во војна. Во класна војна во која за жал мојата класа победува. Од таму она што сакаме да го направиме е да дадеме еден симболичен и не само симболичен одговор во која велиме дека народот е оној што се самоорганизира и го почнува бунтот во поглед на превземањето на власта којашто е сеприсутна и го нагласува моментот на поставеност на класите во општеството. Се разбира овде се работи за редистрибуција на богатството, но овде се третираат и екстремната сиромаштија и еколошките проблеми кои не допираат сите на планетава. Од таму потребата за сценарио во кое народот конечно се разбудил и го почнал бунтот“, ќе рече Исаја.

Затоа, според него, „Блокбастер“ е филм направен од водечките класи наменет за народните слоеви во општеството и дека на некој начин го брани нео-либерализмот.

„Одлучивме да направиме еден аикидо чекор. Му го одземаме оружјето на противникот и го користиме против него. Значи вака правиме ангажиран театар. За нас самиот театар претставува политички чин. Ние се носиме со политичката димензија на театарот и убедени сме дека самото постоење на театарот е токму посебе и силен политички чин“, истакнува тој.

Инаку „Блокбастер“ како проект е продуциран пред точно три години и за него авторите, поради техничката неможност да ги добијат авторските права за сите филмови од кои извадиле одделни сцени, решиле да не ги плаќаат авторските права.

„Го искористивме моментот од позитивните закони каде се вели дека постои право на пародија, што значи може да се користи одреден дел или филм доколку целта е пародија. Да направите публиката да се смее, а притоа да не му штетите на самото дело или на авторот. Тоа ни овозможи да функционираме беа авторски права“, вели Баптис Исаја.