Десетиците лажни вести и пропагандни елементи, особено на социјалните мрежи, но и во дел од медиумите кои имаат голема публика во Македонија, се поклопија со предупредувањата искажани во извештаите на неколку реномирани меѓународни организации и фондации дека во Западен Балкан се води информативна битка на Русија против ширењето на двете западни организации - НАТО и ЕУ. Еден од тие извештаи беше и неодамна објавениот на Институтот „Конрад Аденауер“ насловен „Пропаганда и дезинформации во Западен Балкан: Како ЕУ може да се спротивстави на информативната војна на Русија“.
Мрежа на влијание како штит од стравот од НАТО
Исплашен од ширењето на НАТО и ЕУ на Балканот, се вели во извештајот, рускиот претседател Владимир Путин ја разви својата мрежа на политичко влијание во регионот, како штит од, како што Кремљ вели, заканата за интересите на националната безбедност на Русија. Во таа мрежа е и македонскиот фронт.
Според германски „Конрад Аденауер“, главните методи во оваа војна на Москва во Западен Балкан и во Македонија се пропагандата и дезинформирањето кои се фокусирани на две цели: Поттикнување на долготрајните регионални тензии и поткопување на кредибилитетот на ЕУ.
И покрај засилената дипломатска активност и на двете западни организации во Македонија и отворените предупредувања за, како што рекоа некои од нив, деструктивното политичко однесување на Москва во историски моменти за Македонија, аналитичарите велат дека Русија не мирува, и дека, во најмала рака, се обидува да ги користи дезинформирањето и пропагандата, особено на социјалните мрежи, како мал дел од инструментите што вообичаено ги користи.
Како еден од тие инструменти за влијание, во случајот со заплашување, аналитичарите во Македонија ги посочуваат изјавите на рускиот амбасадор во ЕУ Владимир Чизов и на поранешниот руски амбасадор во Македонија, Олег Шчербак.
„Ако Македонија влезе во НАТО ќе биде легитимна цел на Русија за возвратен удар. Дали ви треба тоа вам и на вашите деца?“, изјави Шчербак во Скопје.
Покрај заплашување, неофицијално, велат аналитичарите, Кремљ во Македонија овие свои инструменти ги користи за минимизирање на вредностите што ги нуди Запад, особено ЕУ.
Руски инструменти: Официјални изјави и омаловажување на ЕУ
„Таквите инструменти можеме да ги расчлениме - Едниот дел се официјални изјави што доаѓаат од Русија, без оглед дали се од претседателот или од МНР, а другиот вид инструменти е преку некој вид на расчленување на она кои се придобивките на земјите од Западен Балкан со влезот во ЕУ и минимизирање на ЕУ како општество и место за живеење“, вели Зоран Нечев од Инситутот за декоратија Социетас Цивилис од Скопје.
Оваа стратегијата на Москва, наведуваат од „Конрад Аденауер“ се потпира врз широк спектар инструменти: Влијание врз медиумите, јавна поддршка за евроскептицизмот и за подобни организации и лидери, како и формирање невладини здруженија кои играат главни улоги во локални работи.