Како ќе се намалува времето до референдумот за името, така ќе се засилуваат активностите на Москва тој да не успее, и со тоа да ги спречат македонскиот влез во НАТО и ширењето на Алијансата кон границите на Русија, предупредуваат дузина странски и домашни експерти и влијателни европски медиуми.
Поранешната заменичка на помошникот секретар за одбрана на САД Евелин Фаркаш, во Скопје изјави дека ако пропадне референдумот, тоа ќе биде победа за националистичките екстремисти и за Русија.
„Македонија кажа “не“ на манипулациите кои доаѓаат од Русија“, рече Фаркаш на панелот „Патот до Брисел преку Охрид“, по повод одбележувањето 17 години од Рамковниот договор.
Со тоа што е против Преспанскиот договор, Русија се надева дека ќе ја спречи Македонија да стане членка на Алијансата, смета Кристофер Хил, поранешниот американски амбасадор во Македонија, а сега професор по дипломатија на Универзитетот Денвер.
„Русија отворено ја искажа својата желба да го ослаби НАТО. Со тоа што е против Преспанскиот договор, таа се надева дека ќе ја спречи Македонија да стане членка на Алијансата. Но, дури и под притисок, путиновата Русија нема да признае дека се противи на грчко-македонското затоплување на односите, па дури и нема да се извини што презела активни мерки да се вмеша во внатрешните работи на Македонија и на Грција“, вели Хил во својата најнова анализа на руското влијание во Македонија.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, во сето ова ја гледа и поголемата слика.
„Целата идеја дека Русија нема да прифати некои други држави да станат членки на НАТО е на некој начин израз на идеја за воспоставување сфери на влијание каде големите сили ги контролираат помалите соседи, што е спротивно на се она во што НАТО верува, а тоа се независноста и правото на сувереност на сите нации да одлучуваат за својот пат“, вели Столтенберг.
„Русија е на работа на Балканот“
Од Русија стасуваат изјави дека на референдум народот ќе одлучи за иднината на Македонија, но експертите велат дека на Русија ѝ е важна иднината на Македонија само од аспект на ширењето на НАТО кон руските граници.
Најавите за можна руска предреферендумска акција во Македонија не изненадуваат, бидејќи Балканот од секогаш имал посебно место во политиката на Кремљ, или како што вели командантот на американските воени сили во Европа, генерал Кертис Скапароти, „Русија е на работа на Балканот“. Тоа, според аналитичарите, се поклопува со коментарот на шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини дека „Балканот лесно може да стане една од шаховските табли каде што може да се игра големата игра на моќ".
Голем дел од експертите и во Македонија го делат мислењето дека Русија не се грижи за просперитетна иднина на Македонија, туку за тоа таа да не влезе во НАТО, и за таа цел, како што велат, ги користи сите можности - од разузнавачки активности, преку проруски политичари во Македонија, па се до пропаганда за минимизирање на вредностите што ги нудат НАТО и ЕУ.
Деградирање на бенефитите што ги нуди Запад
Москва во Македонија, според Зоран Нечев од Институтот за демократија во Скопје, тоа го прави со расчленување и деградирање на бенефитите што ги нуди Запад, а особено ЕУ.
„Тоа е некој вид расчленување, минимизирање на тоа кои се ефектите и придобивките на земјите од Западен Балкан со нивното влегување во ЕУ. Значи расчленување на целиот наратив што го има ЕУ како начин, место и општество за живеење“, вели Нечев за РСЕ.
Последниот клинец во ковчегот на руското влијание
Иако изгледа дека Русија го загубила Балканот, а со тоа и Македонија, во геополитичка смисла таа не се откажала од регионот кој секогаш го чувствувала за близок и кој во сегашниот сплет на околности, кога се повеќе држави се стремат за членство во НАТО и ЕУ, ѝ е повеќе од потребен.
Како што велат во нивната анализа насловена „Руското враќање на Балканот“, Аролда Елбасани, аналитичарка во „Викистрат“ и Катарина Тадиќ, истражувач во Европскиот полиси центар во Белград, „изборот на бившите југословенски држави да бидат членки на ЕУ и НАТО можеби бил последниот клинец во ковчегот на руското влијание, но тоа е и нов импулс во обидите на Москва за враќање на тоа влијание и за попречување на интеграцијата на тие земји во европските структури“.