Странски служби за попречување на Договорот со Грција, насилни протести, поткуп од странски бизнисмени, испробани сценарија... се само дел од информациите кои се поврзуваа со Договорот со Грција и поканите за членство во ЕУ и НАТО, стои во најновиот извештај за руското влијание во Македонија со акцент на разузнавачките служби, објавена од „Џејмстаун“, меѓународната фондација специјализирана за политички и економски анализи.
Аналитичарите од Фондацијата потенцираат дека ова не е прв инцидент на вмешување на Русија во внатрешните работи на Македонија, снимен од македонските разузнавачки служби, и дека тој процес трае веќе 10 години.
Кремљ сака воена неутралност од Скопје
„Според разузнавачките документи добиени од истражувачките новинари, по самитот на НАТО во 2008 година, Македонија се соочува со силна субверзивна пропаганда и разузнавачка активност спроведена преку Амбасадата на Русија, а во согласност со московската стратегија за создавање т.н. замрзнати конфликти. Официјални документи наведуваат дека главната цел на Русија е да ја изолира Македонија од западно влијание и да обезбеди нејзина воена неутралност“, наведуваат „Џејмстаун“ и „Евроазија дејли монитор“.
Аналитичарите од Фондацијата, повикувајќи се на информации од балканската Организација за истражување на корупција и организиран криминал, велат дека со субверзивна политика, спроведена преку дипломатски канали, Москва сака да ја стави Македонија во позиција на ексклузивна зависност од руската политика.
За остварување на таа своја пропаганда во Европа, а посебно на Балканот, според претседателот на Комисијата за евроинтеграции во српскиот Парламент, Ненад Чанак, Кремљ лани издвоил 1.800.000.000 евра.
„Дојде до ситуација таа руска пропагандна машинерија да меле сè пред себе и создава рамка за дејствување на руските служби на овие простори“, вели Чанак за РСЕ.
Тајните документи кои протекоа во јавност, како и прислушуваните разговори во Македонија, како што се вели во извештајот, наведуваат на можна вклученост и на српски разузнавачки служби во наводно зајакнување на национализмот во Македонија, посочувајќи го примерот со агентот на српската Безбедносна информативна агенција, Горан Живалевиќ, кој, како што се вели во извештајот, бил вмешан попречување на евроатлантската интеграцијата на Македонија уште од 2015 година, наводно, соработувајќи со проруски членови на македонскиот Парламент, а кој беше присутен и за време на насилствата во Собранието лани на 27 април.
„Според британскиот извештај за разузнавање, тројца агенти на руската разузнавачка служба СВР, спроведоа руски субверзивни активности од руската Амбасада во Скопје. Надзорот беше обезбеден од страна на руската разузнавачка станица во Белград и четворица агенти на воената главна разузнавачка агенција - ГРУ, сите координирани од Софија“, стои во извештајот на „Џејмстаун“ и „Евроазија дејли монитор“.
Потврда за руски разузнавачки активности во Македонија даде шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, кога од Скопје беа протерани двајца руски дипломати поради случајот Скрипал, но и поради шпионажа во Македонија.
„Се работи за лице кое излегло вон својот мандат и ова беше наш акт за заштита на државниот интерес и интегритет. Се работи за обид за добивање класифицирани информации важни за безбедноста на Македонија. Нашите сознанија се потпираат врз цврсти докази и немаме дилеми околу тоа“, рече министерот Димитров.
Регионалните и западните влади да соработуваат со Македонија
Тој сојуз на руски и српски разузнавачки служби, според „Џејмстаун“, работел на оневозможување на македонското членство во НАТО и доведе до дипломатски тензии меѓу Белград и Скопје, кои ги коментираше и специјалниот известувач на ЕУ, Дејвид Мекалистер.
„Сите земји од Западен Балкан мораат да гледаат напред и да не се блокираат меѓусебно на патот кон евроинтеграциите“, предупреди Мекалистер.
Таа операција, според Фондацијата, наликувала на обидот од 2016 година за уривање на владата на тогашниот црногорски премиер, а сега претседател, Мило Ѓукановиќ, вклучувајќи го тука и обидот за негов атентат, акција, наводно водена од поранешни српски воени офицери и разузнавачи, а по наредба на офицери на Главната руска служба за разузнавање - ГРУ.
Македонија, се вели во извештајот што го цитираме, успеа од земја во изолација и потенцијален меѓуетнички конфликт да стаса до земја со официјална покана од НАТО. Затоа, советуваат експертите, целиот регион и западните влади треба да соработуваат со Македонија за да спречат какви било поделби кои имаат цел да ја попречат нејзината безбедност и стабилност.