Официјална Атина смета дека со нејзината одлука за протерување руски дипломати поради нивната вмешаност против договорот меѓу Македонија и Грција за името го брани суверенитот на земјата.
Алтернативниот министер за надворешни работи Јоргос Катругалос вели дека станува збор за „изолиран инцидент“.
„Русија е пријателска земја со која имаме многу добри историски односи, но Грција го смета меѓународното право како основа за сите билатерални и мултилатерални односи, па за да го одбраниме нашиот суверенитет, моравме да реагираме на она што го сметаме за прекршување на обврските според меѓународното право за дипломатските активности во нашата земја“, вели тој.
Катругалос вели дека Атина сака да ги заштити тие позитивни односи и да продолжи да дејствува како посредник помеѓу Европската унија и Русија.
„Сепак, ние веруваме дека ова ќе биде изолиран инцидент токму поради тоа што е со намера да ги заштитиме добрите грчко-руски односи. Имаме амбиција, како што правевме и во минатото, да бидеме медитатор меѓу нив и Европската унија.“
Атина соопшти дека протерала двајца руски дипломати и им забранила на двајца други да влезат во земјата за обид да поткупат грчки функционери и да поттикнат демонстрации за да го спречат договорот со кој и се дозволува на Македонија да влезе во НАТО.
Русија соопшти дека соодветно ќе реагира на грчкиот потег, во ретка дипломатска борба меѓу двете земји кои традиционално имаат топли и пријателски односи.
Лидерите на НАТО се согласија да ја поканат Македонија да ги започне разговорите за пристапување со што Алијансата го шири своето влијание врз Балканот.
Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис на состанокот на Јадранската повелба во Загреб, поздравувајќи го договорот за името меѓу Македонија и Грција, меѓу другото, рече:
„Ние не сме наивни и многу сме свесни дека некои некаде би сакале да гледаат како не успеваме во нашата разноликост денес. Оние што сакаат да не делат заради сопствени причини нема да уживаат во нашата посветеност да работиме заедно“, рече Матис.
Москва постојано повторува дека проширувањето на НАТО претставува директна закана за руската безбедност.