Достапни линкови

Лаги за сеење страв пред референдумот


За и бојкот на референдум
За и бојкот на референдум

За влијанието на Русија во пресрет на референдумот деновиве предупредија и секретарот за одбрана на САД Џемс Матис и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг. Упатените велат дека е тешко тие да се превенираат.

На Криволак се пука со осиромашен ураниум, Заев рекол дека е православен Албанец, со договорот за името ќе се избрише еден од најстарите народи во светот, се неколку наслови во електронските медиуми или, пак, на страници на социјалните мрежи кои постојано се споделуваат и покрај официјалните деманти на нивната точност.

Деновиве на Фејсбук се споделува и фотографија на човек со знаменце на кое пишува „Излези за европска Македонија”, кое му е залепено на глава, а наводно е фотографирана на маршот кој се случи во неделата во Скопје. Таа е проследена со навредливи коментари за поддржувачите на Владата, иако на самата фотографија се гледа дека не е од маршот - ниту околината, ниту присутните.

Некои од овие таканаречени лажни вести, кои се многупати демантирани се поврзани со референдумот, а некои не, но и покрај тоа нивното засилено споделување е во функција на референдумот, оценуваат упатените. Од она што може да се види е дека ширењето на лажни вести и кампањски информации за бојкот на референдумот е систематски организирано и прогресира во пресрет на 30 септември, вели Марко Трошановски од Институтот за демократија.

Целта на ваквите пораки е да сејат страв како главна пропагандна техника каде што рационалното кај публиката се потиснува на сметка на емотивното со што публиката станува лесен плен на какви било манипулации од различни информациски центри”, вели Трошановски.

Паралелно со засилувањето на ваквите вести и со наближувањето на референдумот, се засилуваат изјавите од западните дипломати, најчесто од американските, дека Русија ја води пропагандната кампања на социјални мрежи и по медиумите за спречување на ширењето на НАТО. Изјави на оваа линија деновиве дадоа и генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг и секретарот за одбрана на САД Џејмс Матис.

Во авионот со кој допатува во Скопје, како што пренесе Вашингтон Пост, на новинарите Матис им рекол дека „нема сомнение оти Москва финансира проруски групи во Македонија со цел неуспех на референдумот“ и ги осуди руските напори да ги искористат своите пари и влијание за да се изгради опозиција на претстојното гласање што на земјата ќе и го отвори патот до НАТО – на што Москва се противи. И покрај ваквите изјави македонскиот премиер Зоран Заев, пак, во последниве десетина дена два пати повторува дека „нема докази за руско влијание.

„И Матис и Столтенберг сигурно имаат многу информации од релевантни разузнавачки служби и јас не би се сомневал дека тие се во право“, вели поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов.

Но, коментирајќи го рускиот официјален став дека тие не се мешаат во внатрешните состојби и одлуката на македонските граѓани, Трајанов вели дека тие активности се добро организирани и дека е тешко да се спречат. Според него, и велешката група која беше инволвирана во претседателските избори во САД била доказ за присуството на Русите на Балканот.

„Но, сепак мислам дека се уште нивното влијание врз определбата на граѓаните е минимално и не сум сигурен дека ќе влијае врз целокупниот процес на изјаснување на граѓаните”, вели Трајанов.

Американскиот весник „Њујорк тајмс“, пак, деновиве објави анализа во која, повикувајќи се на западни дипломати се наведува дека дневно на Фејсбук се појавуваат по 40 нови профили кои агитираат и ги охрабруваат луѓето да го бојкотираат референдумот. Овие страници, пишува весникот, потекнуваат надвор од Македонија и го следат истиот модел на руското мешање во изборите во другите земји.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG