Блуз и соул фестивал 2018 - „фестивал на мускули“

Со учество на ШЕЈКДАУН ТИМ ЕНД РИТАМ РИВЈУ од Белгија, КРИС ГРЕЈ ЕНД БЛУЗПЕНД од Данска, Д ГЕМБЛЕРС и Д БЛУЗХАМЕР од соседна Србија и нашите КРОСРОУД БЛУЗ БЕНД и Васја Ивановски како диџеј, од 21 до 23 септември, во организација на Дирекцијата за култура и уметност – Скопје, во Пивница Темов, ќе се одржи 22 издание на „Блуз и соул фестивал“.

Скопје од 21 до 23 септември, по 22 пат, ќе пулсира во ритамот на традиционалниот „Блуз и соул фестивал“, манифестацијата што и натаму на мускули и со повеќе од симболичен буџет ја потпишува Комисијата за култура и уметност. Ова несомнено подразбира дека идејата за едно вакво случување и натаму продолжува да живее пред сè од инаетот на вистинските вљубеници во овие жанрови кои нималку не се мират со реалноста дека наместо да прогресира и да се издигне над вообичаената понуда фестивал подолго време е осуден да опстојува единствено во определените рамки и со малку нова регрутирана публика. А, не да нема желба. Напротив. Барем таков впечаток остава Иво Солдатовиќ кој, по искусните Оливер Белопета и Васја Ивановски, е третиот во низата селектори. Тој по втор пат, пак, е во позиција да заокружи една програмска целина која е повеќе резултат на околностите отколку на неговата промисла.

Но, да се разбереме - ако од самиот почеток го тргнеме настрана фактот дека и годинава нема да да имаме „американци“ и дека во фокусот наново е „европскиот блуз“ зачинет со неколку силни „регионални претставници“, работите си доаѓаат на своето место. Фестивалот и тоа како може да биде мелем на рана за оние кои со години и децении наназад се крстат во овој стил.

Отворањето, овојпат во Пивница Темов во Старата скопска чаршија, е оставено за прилепскиот КРОСРОУД БЛУЗ БЕНД, еден од најпознатите и највиталните македонски блуз бендови кој со сизифовска упорност опстојува на кревката македонска блуз сцена повеќе од две децении. Тие својата пројава ја најавива во 2000 година снимајќи го албумот „Тутун блуз“, за да потем токму преку „Блуз и соул фестивал“ си ги отворат вратите на регионалната сцена настапувајќи во Софија, па во Бургас, Габрово, Сандански и други градови во Бугарија, чести гости се на „Мостар блуз фестивал“ во Босна и Херцеговина, на блуз фестивалите во Хрватска, Црна Гора, соседна Србија, а во 2016 го обелоденија својот трет албум „Градско дете“.

Тим Шејкдаун – вокал и гитара, Дан Блекволф – бас, Денис Таб – тапани и Барт Стоун – тенор и баритон саксофон го чинат белгискиот состав ШЕЈКДАУН ТИМ ЕНД РИТАМ РИВЈУ, еден од најинтересните блуз состави во Европа во моментов, кој свири жестока и динамична комбинација од блуз, џамп-блуз и буги, до свинг и ритам и блуз. Нивниот актуелен албум „Shakedown’s Th’owdown“ е разновидна колекција од блуз и нему сродните правци, на кој како продуцент се јавува американскиот блуз мајстор – Џејмс Харман, кој патем свири и хармоника на неколку песни.

ШЕЈКДАУН ТИМ ЕНД РИТАМ РИВЈУ - Белгија

Втората вечер ќе ја започнат Д ГЕМБЛЕРС, легендарниот српски бенд од Сремска Митровица кој „гази“ на регионалната блуз сцена од далечната 1984 година. Александар Стануловиќ – Стенли, Марин Баленовиќ, Жељко Бацало, Борко Вољањек и Горан Недиќ – Неле, со модерни интерпретации на раниот традиционален блуз и рокенрол музиката имаат настапувано на многу престижни музички фестивали низ Европа и регионот, рамо до рамо со имиња како големите Џони Винтер, Лоренс Џоунс и Иан Сигал.

А, по нив, пак, публиката ќе има можност да другарува со КРИС ГРЕЈ ЕНД БЛУЗПЕНД од Данска, еден од најпопуларните и најуспешните блуз состави кој ги освои срцата на блуз вљубениците низ Европа и ширум светот.

Крис Греј – вокал и гитара, Каспер Лауерсен - вокал и бас и Ларс Фон Троменстик – вокал и тапани креираат груви-фанки блуз што освојува на прва топка. Фузијата на блуз, соул и фанк кулминира на нивниот албум „Lotta Love“, кој се заврти на најрелевантните радио станици низ САД, Европа, Канада и во далечна Австралија. Со повеќе настапи низ Европа и неколку турнеи зад нив, тие полека стануваат бенд околу кој се грабаат европските блуз фестивали.

КРИС ГРЕЈ ЕНД БЛУЗПЕНД - Данска

Д БЛУЗХАМЕР, пак, е познат српски блуз состав од Нови Сад. Слободан Станојевиќ, Вељко Петковиќ, Слободан Живковиќ, Синиша Бујандриќ и Срѓан Станковиќ својата приказна ја раскажуваат повеќе од две децении, а свират музика во која се испреплетуваат тексашкиот блуз и јужњачки рок и фанк што ги прави нивните настапи многу експлозивни и атрактивни. За ова говорат нивните бројни настапи по фестивали како Егзит, Кликблуз џембор во Словачка, а на Интернационалниот денјуб блуз фестивал во Шабац имале можност да свират со легендарниот Тери Еванс.

И, конечно точка на годинешното издание на „Блуз и соул фестивал“ ќе стави Васја Ивановски, кој освен како селектор на манифестацијата на публиката и е познат како радио водител на првата емисија во Македонија која сериозно го третираше рокенролот, блузот и џезот „Поп топ 50“ а се емитуваше на Радио Скопје. Ивановски има соработувано и со Класик ФМ радио, Антена 5 и Канал 103, а негови текстови се публикувани во „Екран“, „Џубокс“ и многу други специјализирани магазини. Тој за оваа пригода подготвува свој специјален блуз ди-џеј сет, впрочем онаков каков што своевремено правел во прочуената скопска дискотека „Техно-метал“.

По завршувањето на официјалната програма по вечери предвидено е одржување и на свирки на кои на гостите од странство ќе им се придружат локалните музичари, а селекторот Солдатовиќ со искуството што во меѓувреме го стекнал за догодина најавува еден поинаков формат на манифестацијата.

„Лани направивме еден проект со македонските музичари кој одлично помина кај публиката. Нешто слично сакавме и годинава, но за жал од ред причина тоа остана само на убавата желба. Инаку идејата ни е да соработуваме со кои било наши артисти, дали со авторска или туѓа музика. Би можеле да ја прошириме оркестарски, да добие во ширина и на значење. Може дури и да развиеме соработка со Биг-бендот на Здружението на џез-музичари. Со кои било наши други институции. Но за сето тоа, сепак, се потребни средства зашто не се прави голем проект без минимум подршка“, вели селекторот Солдатовиќ.

Кон ова само уште информацијата дека зад одличниот дизајн на пропагандниот материја и посебно на постерот на Блуз и соул фестивал и годинава стои Катја Штркова.