Денеска во посета на Македонија се шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, американскиот помошник-државниот секретар за европски и евроазиски прашања, Арон Вес Мичел и министерот за надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати. Тие се среќаваат со државниот врв и со претставници на опозицијата.
Премиерот Зоран Заев,пак, претпладнево треба да се обрати на пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур. Тој најави дека во ЕП ќе зборува за перспективите на Македонија. Се очекува да се осврне и на договорот со Грција, претстојниот референдум и за реформите поврзани со интеграцијата на земјата во Европската унија.
Могерини - ЕУ ја поддржува земјата
Могерини ќе се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, со премиерот Зоран Заев и со претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Попладне во старата скопска чаршија Могерини и Заев ќе дадат изјави за медиумите.
Целта на посетата, велат од кабинетот на Могерини, е да разговара за „иднината на односите и перспективата на интеграција во ЕУ за земјата“.
Високата претставничка потсети дека го поздравува „историскиот договор“ постигнат со Грција за името и дека ЕУ ја поддржува земјата, согласно „зајакнатата заложба на ЕУ на Западниот Балкан“.
САД изјазија надеж за успех на референдумот
За поддршка на Договорот од Преспа и референдумот на 30 септември, во земјата доаѓа и американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Арон Вес Мичел. Мичел денеска е во посета на Собранието, каде ќе се среќава со претставници на парламентарните групи, а ќе се сретне и со претставници на бизнис заедницата. Изјавите за медиумите на Заев и Мичел се предвидени за доцна попладнево пред Владата на Македонија.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Од американскиот Стејт департмент изразија надеж за успех на референдумот и повторно укажа на историската важност на Договорот од Преспа. Во соопштението на Стејт департментот се посочува дека имплементацијата на Договорот со Грција ќе овозможи Македонија да стане членка на НАТО како Северна Македонија. „Тоа ќе го олесни отворањето на преговорите за членство во ЕУ, од што корист ќе имаат двете земји а тоа е зацврстување на регионалната безбедност и поттикнување на развојот“, се вели во соопштението.
Видете и ова: Меркел - Не останувајте дома на 30 септемвриПосетата на Мичел е само неколку дена пред најавената посета на секретарот за одбрана на САД, Џејмс Матис.
Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис најави дека ќе ја посети Македонија за „многу јасно“ да ги истакне американските ставови против руската агресија.
„Ќе одам да ги посетам нашите македонски пријатели на многу кусо патување и јасно ќе дадам до знаење дека сме со македонскиот народ“, рече Матис во Пентагон, наведувајќи дека е загрижен оти Русија би можела да се обиде да се вмеша во Македонија исто како во Црна Гора пред влезот во НАТО лани. Црна Гора ја обвини Русија дека се обидува да го спречи влезот на земјата во НАТО и за обид за атентат врз премиерот.
Бушати се среќава со Димитров и Османи
Во официјална посета на Македонија денеска е и министерот за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Дитмир Бушати. Тој ќе се сретне сонеговиот домаќин министерот за надворешни работи Никола Димитров, а ќе има средба и со претседателот на Собранието Талат Џафери и со вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи. Изјави за медиумите се предвидени и по средбата со Димитров и со средбата со Османи.
Како што соопшти МНР, Димитров и Бушати се очекува да разговараат за прашања значајни за билатералните односи, како и за состојбите во регионот и перспективите на негово интегрирање во европските и евро-атлантските структури.
Изминатите денови Македонија доби интензивната дипломатската поддршка пред референдумот. Земјата ја посетија германската канцеларка Ангела Меркел, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, австрискиот канцелар Себастијан Курц, американскиот сенатор Рон Џонсон, министрите за надворешни работи на Луксембург и на Холандија, Жан Аселборн и Стеф Блок, претседателот на Косово, Хашим Тачи.Тие повикаа да се излезе на референдумот.