Кој пат ќе го фати ВМРО-ДПМНЕ за референдумот?

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на миитнг во Кичево.

Собранието ја стартуваше кампањата за референдумот, опозициската ВМРО-ДПМНЕ утре ќе го соопшти својот став за претстојното гласање, а додека се чека решението од актуелното раководство, поранешни функционери и основачи на партијата го поддржаа референдумот.

Пратениците ја започнаа кампањата за референдумот кој треба да се одржи на 30 септември, на кој граѓаните треба да се изјаснат дали се за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот со Грција за името. Во кампањата учествуваат 71 пратеник, со исклучок на пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Најголемата опозициска партија за утре вечер најави конечен став во врска со референдумот. Утре ќе заседаваат партиските органи и најверојатно одлуката ќе биде соопштена вечерта, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Досега од партијата се изјаснија дека Договорот со Грција е лош и дека нема да ги користат парите од Собранието за водење кампања. Во меѓувреме, партијата на терен спроведува акција „Лето за Македонија“, а за својот став за референдумот партија ќе се ориентира, како што е соопштено, според волјата на граѓаните.

Пред една недела лидерот на партијата Христијан Мицкоски, од митингот во Кичево праша „кој бил тој да му кажувал на народот што да прави“. Потоа уследија повиците од високите странски политичари кои ја посетија земјата на 30 септември граѓаните да излезат и да гласаат.

Германската канцеларка Ангела Меркел рече дека пораката до Мицкоски е оти „во една демократија за клучните прашања постои национална и заедничка одговорност“. Странските политичари уште еднаш нотираа дека без решение за името не може да има членство во ЕУ и во НАТО.

Политичкиот аналитичар Митко Гаџовски смета дека опозициската партија ќе објави дека е против Договорот од Преспа, но дека сепак ќе остави народот сам да реши како и дали ќе гласа.

Сè појасно е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе на референдум и ќе гласа по свое сопствено убедување и сметам дека варијантата за бојкотирање на референдумот е невозможна мисија“, вели Гаџовски.

И додека се чека ставот од сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, основачи на партијата и поранешни функционери преку заедничко писмо повикаа граѓаните да гласаат на 30 септември. Во писмото се потпишани 19 луѓе, меѓу нив и првиот претседател на партијата, Љубчо Георгиевски, основачот Гојко Јаковлевски, поранешни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, поранешни носители на високи партиски и државни функции. Во писмото тие пишуваат дека претстојниот референдум е продолжение на првиот од 8 септември 1991 и со него ќе се заврши конечното меѓународно етаблирање на Македонија.

Аналитичарот Гаџовски вели дека во ВМРО-ДПМНЕ има ткиво кое и претходно се спротивставуваше на политиките на партијата кога на власт беше Никола Груевски, и ткиво кое се дистанцираше од партијата, но се уште има силна поддршка од членството.

„Тој дел од гласачкото тело ќе придонесе во секој случај за поголема излезност на референдумот“, вели тој.

Во 2015 исто така преку писмо до јавноста пратениците на ВМРО ДПМНЕ од првиот собраниски состав изразија длабока загриженост за правецот во кој се движи Македонија, во време кога државата беше во политичка криза.