Столтенберг: Гласајте - имате животна шанса за членство во НАТО

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Вратата на НАТО е отворена, од вас зависи

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, порача дека нема начин да се влезе во НАТО без Договорот со Грција. Премиерот Зоран Заев, пак, изрази оптимизам дека цензусот на референдумот ќе биде видливо надминат.

Охрабрување до гласачите да излезат во што е можно поголем број на престојниот референдум и порака дека ова е можност што се јавува еднаш во животот, упати генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. На заедничката прес - конференција со премиерот, на која присуствуваше речиси целата влада, Зоран Заев неколкупати, пак, изрази оптимизам за успешен референдум.

„Господине премиер, ние сакаме да ја видиме вашата земја како успешна земја и ние ќе ве поддржиме, вратите на НАТО се отворени, но само народот на оваа земја е тој кој може да одлучи да го изоди тој пат. Затоа вашата иднина е во ваши раце а ние ве чекаме во НАТО”, рече Столтенберг.

Во доста густата агенда на генералниот секретар, кој се сретна со десетина личности, беа и претседателот Ѓорге Иванов и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Столтенберг средбите со нив ги нарече многу добри и кажа дека им пренел оти ова е историска можност за земјата да стане членка на меѓународната заедница.

„Но за да се случи тоа мора да се согласите со Договорот за името. Нема друг начин, нема алтернативен пат за НАТО. И го кажувам ова, затоа што разбирам дека луѓето во оваа земја имаат желба да кажат „не“ на договорот, а да на зачленувањето во НАТО. Меѓутоа не постои таква алтернатива. Нема начин да влезете во НАТО без Договорот за името”, рече Столтенберг.

Претходно од Кабинетот на претседателот соопштија дека Иванов му рекол на генералниот секретар дека „верува оти вистинското место на Македонија е во Европската унија и во НАТО, нo дека тие во никој случај не смеат да бидат алиби за лош договор. И Мицкоски посочил дека ги поддржуваат интеграциите на земјава во НАТО, но дека договорот со Грција е неприфатлив за ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Заев, пак, и пред Столтенберг рече дека очекува од опозицијата да покаже единство и да се вклучи во процесите. Се повика на резултатите од испитувањата на јавните мислења изразувајќи оптимизам за претстојниот референдум.

„Како што се наближува 30 септември, историскиот ден за Македонија, се повеќе немам причини да размислувам што ако. Нема што ако - јас сум убеден дека референдумот ќе успее дека огромно мнозинство ќе гласа за и дека цензусот ќе биде видливо надминат за што веќе немам дилема”, рече Заев.

Столтенберг прес - конференцијата во Клубот на пратениците ја почна обраќајќи се на македонски јазик, а така и ја заврши. Неколкупати се обраќаа меѓусебно со Јенс и Зоран, а македонскиот премиер доби пофалби од генералниот секретар за спроведените реформи, меѓу кои и владеењето на правото, безбедноста, разузнавањето и одбраната.

Претходно заедно со министерката за одбрана Радмила Шекеринска присуствуваше на показна вежба на македонските војници во касарната Илинден. Таму ги пофали дека покажале оти се добро обучени и спремни да се снајдат во тешки операции и мисии за стабилизација насекаде во светот.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Столтенберг – Ние сме подготвени за вашето членство

Инаку генералниот секретар доаѓа во Македонија втор пат годинава. Тој беше во јануари кога разговорите со Грција за името беа интензивирани, но не беше извесно дали и ќе доведат до решение. Шест месеци подоцна во јули во Брисел, повторно се виде со премиерот Заев и македонската делегација, но овој пат по решението на проблемот за името да им ја предаде поканата за зачленување во Алијансата.