Судење за 27 април – никој не признава вина

Архивска фотографија: Судeње за насилствата во Собранието на 27 април 2017

Обвинителството е уверено дека ќе докаже оти обвинетите за насилствата од 27 април вршеле „поврзани и усогласени дејствија“. Сите обвинети, пак, се изјаснија за невини, а нивната одбрана побара повлекување на обвинението.

Обвинителството ги товари за терористичко загрозување на уставниот поредок, обвинетите за насилствата во собранието на 27 април минатата година не се чувствуваат виновни. Од 33 обвинети, 31 се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок, а двајца за помагање. За до крајот на јануари се закажани 65 рочишта на кои треба да бидат изведувани докази, а досега поминаа само четири рочишта. Денеска се одржува петтото. Тоа значи дека судење за „крвавиот четврток“ ќе има два до три пати неделно во наредните неколку месеци. Судењата досега се целодневни, односно траат по 6-7 часа.

Денеска почнува изведувањето на доказите. Како сведоци на обвинителството сведочат пратениците Фросина Ташевска – Ременски, Илија Николовски и Павле Богоевски и министерот Дамјан Манчевски, кој за време на насилствата во Собранието исто така беше пратеник. Тие се соочуваат со нивните обвинети колеги Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски. Покрај пратениците, обвинети се и членови на патриотските здруженија, полицајци, припадници на собраниското обезбедување и водачите на иницијативата „За заедничка Македонија“.

Според обвинителството, насилствата ги почнале обвинетите Александар Василевски - Нинџа и Никола Митревски – Кољо, кои на група од десетици луѓе им поделиле фантомки и го повеле во Собранието, пратениците им ги отвориле вратите, полицијата била на нивна страна, а обвинетите водачи на иницијативата „За заедничка Македонија“ со потпалувачки говори ги поттикнувале насобраните да влезат во Собранието. Обвинителството го товари Игор Југ дека имал задача да го ликвидира премиерот, тогаш пратеник, Зоран Заев, но оти не го убил зашто немал чиста мета, односно зашто пред Заев имало луѓе.

Обвинителството е уверено дека ќе докаже оти обвинетите вршеле „поврзани и усогласени дејствија“. Сите обвинети, пак, се изјаснија за невини, а нивната одбрана побара повлекување на обвинението. Дел од обвинетите се бранат дека само пееле или држеле говори, што не е тероризам. Поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, пак, вели дека по првичната збунетост на полицијата, тој ја презел командата и им го спасил животот на пратениците.

Професорот по кривично право Стефан Буџаковски вели дека обвинителството има задача да ја докаже поврзаноста на дејствијата за кои ги товари обвинетите.

„Во конкретниот случај, јавното обвинителство треба да предложи доволен број на докази коишто ќе ја докажат каузалната поврзаност на сите овие дејствија коишто се предвидени во законското битие на тоа кривично дело за да може после да утврдиме дали постои тоа кривично дело, со кои дејствија е извршено, за после тоа да може да ја утврдиме вината односно степенот на вина кај сторителот“, објаснува тој.

Други експерти по кривично право велат дека во вакво дело не се гледаат само конкретните дејствија на обвинетите, туку и контекстот во кој се случиле и што предизвикале тие дејствија.

Од обвинетите, 11 се во притвор, 13 во домашен притвор, а за осуммина има изречено мерки за претпазливост.

Во меѓувреме, дел од медиумите објавија писмо од дел од обвинетите во кои ѝ поставуваат ултиматум на опозициската ВМРО-ДПМНЕ до 20 септември да го каже ставот за „политичкиот прогон“, да преземе конкретни активности за заштита на нивните права, да изврши безусловен политички притисок за прекин на политичкиот прогон и ослободување на притворените, да го бојкотира Собранието и да повика на протести.

„Ние не се плашиме од судот на власта, се плашиме од предавството на ВМРО“, пишува во писмото.