Не е новина ако се каже дека на Прилеп и на македонската културна сцена и на крајот од овој месец (читај од 30 август до 1 септември) ќе им се случи нивниот Џез викенд. И тоа по седми пат. Дека идејата што беше зачната најмногу од љубов кон овој израз, па преку потребата на градот под Маркови кули да му се даде поинаква содржина која ќе си се избори за свое место во пресметката со провинцијалниот дух и сè така до локалниот инает дека е возможен релативно голем и што е поважно успешен фестивал во срцето на Пелагонија.
А, токму тоа и се случи во изминатава нешто повеќе од половина декада, која од своја страна е карактеристична не само по одличниот избор на учесници на Фестивалот, туку уште повеќе и по бројот на присутната публика на концертите и на перформансите.
Ова подразбира дека првичната искра се стори пламен кој, од своја страна, иницираше создавање на традиција која, пак, сега никој не смее да ја негира или уште повеќе да се прави дека е „невидлива“. Да ја игнорира.
„Има еден момент што нас најмногу не држи во живот, а тоа е дека дента кога Министерство за култура ги објави резултатите од конкурсот на национални проекти и кога ние видовме, а потоа јавно ја проследивме информацијата дека „сме добиле нула денари“, за само еден час ни се јавија повеќе од 30 џез музичари од Македонија и ни кажаа да не се секираме оти тие се спремни да дојдат да свират без било каков надоместок само да продолжи Фестивалот. Тоа е еден чин што ни дава голема мотивација да продолжиме понатаму“, вели Гоце Бојкоски, еден од иницијаторите за формирање на Прилеп џез викенд и негов годинешен програмски уредник.
Во предвечерието на седмото актуелно издание, во чии рамки веќе започна да се распостила придружната програма со ДАМИР ИМЕРИ КАВРТЕТ, ФЛИНСТОУНС ЏЕЗ ТРИО и ЛЕТЕЧКИ ПЕКИНЕЗЕРИ, Бојковски со дополна дека и овојпат, впрочем како и во годиниве наназад, благодарение на разбирањето од Општината која и натаму финансиски ја помага манифестацијата, тие како потписници ќе имаат „релативно квалитетна програма“.
Програма која ќе го предизвика љубопитството на прилепчани од овој четврток до сабота да ја полнат Летната сцена во Домот на културата „Марко Цепенков“ и да доживеат едно поинакво транзициско музичко искуство.
Така, официјалниот почеток ќе им припадне на КЕККО ФОРНАЛЕРИ ТРИО, еден од најценетите италијански џез-бендови на интернационално ниво кој зад себе има бројни глобални настапи и кој се обидува да ја „отелотвори“ идејата на лидерот за музика која се набљудува, повеќе отколку што се слуша.
По нив следуваат настапите на две силни македонски формации. Најнапред публиката ќе ги поздрави ФИРС, кои негуваат звук и форма на современ џез, создадени од млада генерација на домашни музичари со иновативни мелодии, рифови и ритмови. Горјан Стојменовски ( гитара), Виктор Филиповски (тапани и перкусии), Марко Василевски (контрабас), Борислав Веселинов (алт саксофон) и Сенад Усеин (труба), овој настап ќе го искористат да го презентираат нивниот нов албум „Utopia“.
Конечно првата вечер ќе биде заокружена со гитаристот, вокалист, композитор, аранжер и музички продуцент Владимир Четкар. Охриѓанецот, благодарение на своите објави и перформанси, важи за едно од најистакнатите имиња во жанрот „џез-соул-фанк“. Светските критичари многу брзо ги препознаа неговиот звук и страст, притоа споредувајќи го со великани како Џорџ Бенсон или Квинси Џонс... Така Четкар преку Њујорк каде му е појдовната точка, свиреше и на познати светски фестивали како Џазарум фестивал во Јужна Кореја, на Јава џез фестивал во Индонезија, Сигет фестивал во Унгарија, Нишвил џез фестивал во соседна Србија и на многу други.
В петок звучните патешествија ќе започнат со проектот на македонскиот хармоникаш Јордан Костов насловен како ШАНГАЈ ИНТЕНС. Станува збор за дружина во која членуваат интернационални уметници и во која се и кинескиот тапанар Фенг Хао, германскиот саксофонист Андреас Гинтер и басистот Дине Донев, Македонец кој има повеќе од успешна кариера во Европа, а во соседна Грција е познат под името Костас Теодору. Тие свират импровизирана музика која се движи од модерен џез до авангарда и музика од Светот.
Следува настапот на грчкиот ПАЛЕТЕ АНСАМБЛ, всушност квартетот што го предводи саксофонистот Сократис Вотскос и кој е на трага на звукот и естетиката на триото на починатиот шведски пијанист Ејсборн Свенсон и големите уметници на издавачката куќа Еј-Си-Ем. Тие по концертот во Прилеп патуваат на Одеса џез фестивал во Украина.
И длабоко во ноќта завршниот удар се очекува да го зададат пијанистот Васил Хаџиманов и неговиот забревтан бенд кои во изминатава деценија и половина израснаа во една од константните пројави на балканската џез сцена и во колектив кој имал можност да соработува со имиња како Дејвид Бини, Мат Гарисон, Антонио Санчез и мнозина други врвни музичари.
В сабота отворањето ќе му припадне на легендарниот Јаков Дренковски, кој на присутните ќе им ги понуди бисерите од својот репертоар, композициите како „Скитник“, „C'est Lae Vie“, „Midnight Cowboy“, „Тетовирани срца“, „Темен ерос“, „Повелете купете илузии“...
По него на сцената ќе се искачи француското дуо ЛЕ БАЛ ПУРИ кое го чинат виртуозот на повеќе дувачки инструменти Беноа Гуенен и Јорам Росилио, кој сем на контрабас свири и на редица други жичани инструменти. Обајцата претпочитаат радикално слободна импровизирана музика, а во таквите настојби да креираат звук на границата на лудило од помош ќе им биде и перкусионистката Џулиен Кетрин.
И по едно такво искуство, останува завесата годинава да ја спуштат искусните ДЕЦА ЛОШИХ МУЗИЧАРА, кои својата филозофија ја потпираат на потребата да не се мудрува и со сила да не се испраќаат којзнае какви пораки во песните што ги креираат. Едноставно белграѓаните од крајот на 1980-те си дадоа за право да ги комбинираат жестокиот звук на електричните гитари и фанк басовите, со моќната дувачка секција.
„На првото издание на Прилеп џез викенд во 2012 година имаше само 17 посетители во гледалиштето. Ги знаеме по име и презиме сите. Сега кога секоја вечер повеќе од 1000 гости во една вечер на Летната сцена, нема шанси да се предадеме. Иднината ја гледаме во идејата да не зависиме од државните или градските институции, а тоа значи дека ќе мора да бараме чаре со спонзори. Имаме пуштено дописи по некои реномирани одговорни компании од Прилеп и во земјава, една од нив овојпат го покрива настапот на еден од македонските музичари и ќе видиме како ќе се одвиваат работите“, смета Бојкоски.