Ден на АРМ - Иванов бара инвестиции, Шеќеринска резултати

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Стандардите на НАТО предизвик за АРМ

На одбележување на годишнината од Армијата на Македонија, претседателот Ѓорѓе Иванов порача дека инвестициите во одбраната се клучни за справување со тековните предизвици. Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска рече дека се потребни видливи резултати за членството во НАТО. Генерал мајор Васко Ѓурчиновски кој, беше назначен за началник на Генералштабот, вети дека ќе работи согласно стандардите на НАТО.

Се соочуваме со сериозни предизвици кои бараат сериозни инвестиции и за таа цел инвестирањето во одбраната е приоритет кој Владата мора да го следи, при што НАТО порача буџетот на одбраната да биде 2 насто од БДП, истакна претседателот Ѓорѓе Иванов на одбележување на годишнината од Армијата на Македонија. Според Иванов, предизвиците денес произлегуваат од современата технологија, мигрантската криза, како и заканите од радикални поединци и групи, а на Балканот повторно се зборува за корекции на граници и размена на територии, при што се заборава дека тоа создава негативна верижна реакција.

Македонскиот војник е скромен, благодарен и се задоволува со малку, но токму во тоа е неговата големина и токму со тоа не обврзува да се грижиме уште повеќе, бидејќи грижејќи за војниците се грижиме за Армијата, а грижејќи се за Армијата се грижиме за Република Македонија затоа како претседател на Република Македонија постојано инсистирам за зголемување на средствата за Армијата за да биде подготвена за предизвиците“, рече Иванов.

Според Иванов, носителите на политички одлуки мора да инвестираат во едукацијата, современата технологија и подигнувањето на животниот стандард на припадниците на АРМ.

Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска порача дека после долго време се вратил фокусот во клучните реформи во армијата и се направил голем исчекор кон НАТО.

На Република Македонија и требаат резултати, конкретни и видливи. Резултати со кои НАТО знамето ќе биде тука, но со кои и знамето на Република Македонија ќе биде во Брисел пред НАТО Алијансата заедно со знамињата на другите 29 сојузници како дел од најмоќната светска воено политичка алијанса. Армијата на Република Македонија во изминатава година беше тивкиот дипломат кој помагаше во добивањето на НАТО поканата“, истакна Шеќеринска.

Таа се осврна и на претстојниот референдум кој го нарече историска шанса за една поинаква и подобра држава, како и на лажните вести и дезинформации, кои според Шеќеринска, се шират во недостаток на аргументи со цел Македонија да не ги оствари своите стратешки цели.

Новоназначениот началник на Генералштабот, генерал мајор Васко Ѓурчиновски посочи дека му претстои макотрпна и посветена работа согласно стандардите на НАТО.

„Основни принципи со кои ќе се раководам во носењето одлуки се стручноста, компетентноста и резултатите во работата. Нашите државни стратешки цели се јано детерминирани Република Македонија да биде членка на НАТО и ЕУ. Ние припадниците на Армијата сме горди поради фактот дека сме двигател на интегративните процеси во НАТО во нашето општество повеќе од 20 години затоа оттука сакам да истакнам дека стандардите кои се јасно дефинирани во НАТО мора да се спроведуваат и во нашата Армија во што ќе бидат бескомпромисно истраен“, порача тој.

Ѓурчиновски е 11 началник на Генералштабот а функцијата денеска му ја предаде генерал мајор Методија Величковски, а беа доделени и одликувањата и унапредувања на припадници на армијата.