Стефоски: Струшки вечери на поезијата не може да „игра“ во општинска лига

Со буџет помал за триесет отсто од минатите изданија, фестивалот Струшки вечери на поезијата годинава одвај ќе го одржува светското ниво што веќе го има постигнато, а помалку добиените средства од државата несомнено ќе се одразат не само на издавачката продукција туку во прашање ќе биде доведена и организацијата на зимскиот поетски фестивал планиран за ноември.

Сегашниот буџет на Струшките вечери на поезијата е ист како и оној во 1999 година, знае да каже директорот Мите Стефоски во пресрет на 57-то издание на манифестацијата што годинава ќе се одржи од 22 до 27 август. Тој дополнува дека во меѓувреме сите трошоци се зголемени и дека може само да се претпостави како е да се направи во 2018 година фестивал кој треба да биде врвен ако во претходните години сте ги подигнале стандардите за самиот начин на организација. Згора на тоа ако сè поскапело во смисла на трошоци, технички работи и сите други услуги.

Стефоски појаснува дека средствата што тие ги добиваат од државата се само дел од потребната сума, но не и вкупниот буџет на манифестацијата.

„Меѓутоа не треба тоа да биде оставено само на менаџерските способности на раководниот тим на манифестацијата да најде дополнителни средства, туку самата држава треба да води грижа никогаш да не падне она ниво на Фестивалот кое е веќе освоено. Она скалило на кое веќе сме се искачиле“, вели Стефоски.

Директорот ова го илустрира со информацијата дека СВП до пред неколку години не плаќала патни трошоци за своите учесници што е недозволиво за еден врвен светски фестивал. Истакнува дека тоа повеќе не смеат да си го дозволат посебно сега кога веќе е воспоставена сосема поинаква практика. Затоа и воопшто не се двоумеле да побараат помош од фондации како НОРЛА од Норвешка, Данскиот културен совет, Гете институт, Шведскиот културен совет...и да најдат начин сето тоа да биде покриено. Според него „незамисливо е во 21 век вие да не го покриете основниот надомест за авторски права на некој кој е врвен поет, а настапува на вашиот фестивал“. Притоа, како што вели, тој не говори за некои големи хонорари за кои „не знае какви треба да бидат бидејќи ние не сме некоја богата земја, но барем да се обидеме да го следиме некој усвоен стандард што го имаат европските поетски фестивали кои се во самиот врв“.

„Ние не можеме да играме во општинска лига. Струшките вечери на поезијата може да игра само во Лига на шампиони. Така сме создадени и мора да го држиме тоа ниво. Едноставно не е дозволиво да ги враќаме назад начините на организација на Фестивалот. Мора сè да биде професионално. Во секој сегмент. Од друга страна сите ние бараме промени во фестивалот, а сè е поврзано со средства кои треба да бидат обезбедени. Во самото програмирање на манифестацијата ако сакате да ги имате врвните поети вие не можете да го направите тоа само со она што ќе ви го даде Министерството за култура, односно државата“,вели тој.

Во натамошната експликација, директорот истакнува дека за да го имате на пример јужнокорејскиот поет Ко Ун, инаку добитникот на Златниот венец на СВП во 2014 година и авторот кој неодамна доби висока награда во Мексико, разбирливо треба да обезбедите најмалку два авионски билета во бизнис класа. Или Кинескиот поет Дуо Дуо кој беше лани во Струга. Или Канаџанката Ен Мајклс која треба да долета од Торонто. Значи, како што потсетува, тие се определени само од она што го имаат.

Се разбира, затоа и неопходната третина ја обезбедуваат од Креативна Европа, од програмите што ги имаат во тие рамки, а дел останува и на спонзорите со коишто соработуваа во годините наназад.

Меѓутоа тоа не е доволно. Ќе страда Зимскиот фестивал чие одржување сега е под знак на прашање. Ќе страда дел и од издавачката дејност. Едноставно од нешто ќе мора да се одречете за да направите фестивал кој ќе биде на истото ниво на она што сте го направиле, а верувам дека минатото издание беше и по програма и по учесници во самиот врв, истакнува Стефоски.

Според него тоа му било предочено и од неговите колеги директори на врвните светски поетски фестивали. Дванаесетмина од нив ќе бидат гости на Струшките вечери на поезијата во рамките на програмата за професионални посетители и годинава, па така ваквата информација е сосема доволна за да го предизвика интересот на сите во нашата книжевна јавност. Да се осознаат работите како и таму се организираат фестивалите и поетските манифестации. Кој се аспектите на развој на публика и кој се нештата со кои тие како организатори треба да се занимаваат секојдневно за да го сочуваат нивото кое веќе еднаш е достигнато.

Недозволиво е на ваквите четири-пет институции како Струшките вечери на поезија да им се крати дел од буџетот наместо да се унапредува. Вие ќе можете да планирате нови содржини, да ги внесувате, да планирате некои нови визуелни пакувања на настаните, на фестивалот, но само ако имате средства за да го направите тоа. Не е едноставно да се направи фестивал кога самите сте ја кренале летвичката со стандарди. Ние можеби не сме се фалеле минатите години, не сме работеле толку на пиаротна манифестацијата, но од другата страна ќе видите дека Струшки вечери на поезијата е на едно високо ниво кое навистина ќе биде штета ако на било кој начин биде загрозено. Она што го чувте од нас, на некој начин е апел, реакција за да најдеме разбирање кај јавноста. И верувам дека ќе имаме разбирање кај Министерството за култура дополнително да се обезбедат средства, а ние да се потрудиме и со други спонзори, за да го покриеме она што ни е планирано како годишна програма да заврши на задоволителен начин“, потсетува Мите Стефоски.