Достапни линкови

Кумановецот Наумов со „Боемски блуз“ промотивно во Струмица


Во организација на Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст“, оваа среда, на 5 јули, во 20 часот, во гостилницата „Мал парк“ во Струмица, ќе се одржи перформативна промоција на „Боемски блуз“ - втората стихозбирка на кумановскиот писател Иле Наумов. На самиот настан учество ќе земат и неколкумина локални творци, сè со цел на единствен и уникатен начин неговата поезија да и ја доближат на публиката.

По два месеци од промоцијата во родното Куманово, Иле Наумов со својата втора стихозбирка „Боемски блуз“ патува во Струмица. Таму, во алтернативниот простор на гостилницата „Мал парк“, во организација наЗдружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст“, со поддршка на своите колеги творци од градот под Беласица, на поинаков, само нему својствен начин, ќе се обиде да им ја доближи својата поезија на љубителите на убавиот збор. Да ги натера присутните, како што знае да каже, „да влезат во неговата душа“. Да ги запознае одблиску своите читатели, а и тие да го „прочитаат“ него.

„Друго е кога ќе читаш некоја песна, а сосема поинаку кога самиот поет ќе ти ја каже. Јас повеќето мои песни ги знам напамет. И често ги рецитирам. Кога ги кажувам се враќам во моментот кога сум ги пишувал и се трудам да им покажам на луѓето како се чувствувал Иле Наумов во тој миг и зошто ја напишал таа песна. Мислам дека кога ме слушаат тие многу добро ме разбираат и песната добива сосема поинаков призвук од тоа кога само ќе ја прочита некој таму“, истакнува авторот.

Тој дополнува дека коренот на ваквата потреба за мултимедијално претставување на стиховите ја темели на своето „рокерско минато“. На времето кога свирел тапани во бројни кумановски групи и со нив учествувал на тогаш мошне популарните „гитаријади“.

„Ние сме деца на таа рок-генерација каде што музиката беше музика и текстовите беа чиста поезија. Каде што љубовта извираше од песните и не беше неопходно на некоја девојка да и кажеш дека ја сакаш туку само ќе и ја испееше песната и таа веднаш ќе знаеше што си сакал да и кажеш. Растевме во тој период. Растевме со поезија и со музика. Таа влезе во мене, во моето битие и ден денес е таму. Мислам дека ќе биде присутна во мојата душа се додека сум жив. Додека дишам“, вели тој.

Наумов потсетува дека секогаш стиховите што ги говори се труди да ги обои со музика којашто би била адекватна на темата на одредена песна. На пример, во „Друмска кафеана“ некако природно, органски, вели дека му легнува звукот на гитарата на големиот Карлос Сантана. Од друга страна, истакнува дека,пак, во збирката има циклус од осум кафеански песни на кои едноставно им прилега соодветна, емотивна музика која им дава посебно значење и сила на неговите зборови. Така сака да ги предизвика љубителите на поезијата да не бидат само пасивни набљудувачи на поетските средби.

„Згора на сè се трудам и дел од присутните да прочитаат нешто од она што сум го напишал. И тоа да го сторат на начин на којшто мислат дека е соодветен. Онака како што ним им прилега, бидејќи јас едноставно се трудам да пишувам поезија за сите луѓе. А пишувам во прво лице множина и песните се директни. Посветени на оние за кои што пишувам. Во нив има ритмика. Се слуша и музиката“, вели тој.

Инаку, кумановци Иле Наумов го знаат како квалитетен лиричар и писател, но пред сè како човек боем. Од таму нималку не се случајни и насловите на неговите две стихозбирки - „Боемска рапсодија во црно“ и „Боемски блуз“. А, тој пак, наместо некое длабокоумно појаснување, само ќе рече дека имал среќа да се роди во некои интересни и послободни времиња кога „полесно“ се патувало, поискрени биле дружбите, кога животот со сета жестокост се учел по локалите, во кафеаните, кафулињата, на летните тераси, со ситнеш во џебот и чашка во рацете или со шише пиво кое кружело од еден до друг. И премногу едноставно.

„Кафеаната беше и е дел од нашиот живот. Сите поважни работи ни се случуваа во кафеани. Сите таги ги преболувавме таму. Сите убави нешта ги славевме во тој и токму таков амбиент. Кафеаната е дел од менталниот склоп на мојата генерација и на луѓето кои тогаш беа млади. И тоа чувство на наша радост не држи и денес“, вели тој.

Механичар по професија, Наумов не заборава да упати јавна благодарност до своите претпоставени за разбирањето и поддршката што му ја пружаат. Притоа вели дека честопати инспирацијата го затекнува на работното место и во тој миг застанува и заборава на сè. Започнува само си ја следи мислата. И, песната „сама се испишува“ оти е „плод на чудната хемија што се раѓа во него како голем вљубеник во моќта на зборот“. Дека тој самиот е „соединение настанато од реалниот живот, љубовта кон поезијата и на боемштината“.

А, кога наново ќе се посегне по фактите од таму излегува дека Наумов досега бил учесник на многу домашни и интернационални литературни натпревари. Дека на Роднокрајните поетски средби во Струмица е како дома, дека пред две години бил учесник и на Струшки вечери на поезијата, дека со својата лирика речиси едновремено ги воодушевувал присутните и бил наградуван на хрватската манифестација „Валентиново“, дека истото го доживеал и во соседна Србија, Црна Гора, во Русија...

Конечно зад него се бројните песни за деца од кои добар дел биле отпеани на фестивалот во Куманово, а самиот најавува дека во периодов што следува ќе се фокусира на заокружување на својата идна објава со наслов „Песнички, раскази и сказни за дечиња разни“ во која ќе биде собрано творештвото за „најмладата и најискрена публика“. Посебно на оние кои живеат во урбано милје и животот започнуваат да го поимаат опкружени од бројните електронски помагала.

И, тоа не е сè оти Иле Наумов деновиве го започнал испишувањето и на третата поетска збирка за која вели дека ќе се вика „Боемски клуб на скршени срца“ и ќе биде публикувана веројатно некаде во текот на 2018 година.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG