Достапни линкови

СВП со прв Зимски поетски фестивал


Со цел во зимскиот период да овозможи интензивна активност на Струшките вечери на поезијата насекаде низ земјава, а како дел од промените за проширување на функционирањето на институцијата, од 8 до 11 декември, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, ќе се одржи првиот Зимски поетски фестивал на кој ќе учествуваат четворица врвни поети од земјава и од странство.

Мохамед Бенис од Мароко, арапскиот поет и иницијаторот УНЕСКО во 1999 година да го прогласи 21 март за Светски ден на поезијата, Александар Шурбанов од Бугарија, Душко Новаковиќ од Србија и нашата Виолета Танчева-Златева, актуелната добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга објавена на македонски јазик меѓу две изданија на фестивалот, се авторите чие творештво ќе биде во фокусот на првиот Зимски поетски фестивал, што во организација Струшки вечери на поезијата, ќе се одржи од 8 до 11 декември на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

Зимскиот поетски фестивал ќе ја има флексибилноста којашто не ни ја овозможува оној главен поетски фестивал во текот на летото, а со цел да понудиме поезија и да го привлечеме вниманието насекаде, во сите средини, и да ја реактуелизираме улогата на Струшките вечери на поезијата.
Мите Стефоски, директор на Струшки вечери на полицијата.

Станува збор за нов Фестивал кој е резултат на заложбата за промени во функционирањето на оваа наша национална и светска поетска институцијата.

Говорејќи за најавеното случување, Мите Стефоски – директор на манифестацијата, вели дека во 54-годишната историја на СВП тие си добиле значајна улога во меѓународни рамки како врвен промотор на поетските вредности. Сепак, како што појаснува, самиот концепт и структура на постојниот Фестивал не се доволни за да бидат покриени очекувањата на новата и квалитетна современа публика. Во таа насока тие, како негови организатори, се зафатиле со идејата за промена на функционирањето која подразбира не само освежување на традиционалниот Фестивал со нови содржини, туку и воведување на сосема нови, како Зимскиот поетски фестивал, Недела на поезијата. Национален ден на поезијата и т.н. содржини кои „ќе ја направат поезијата повидлива“ и ќе придобијат нови читатели, нова публика, нешто што отсекогаш било и ќе биде одлика на Струшките вечери на поезијата.

„Зимскиот поетски фестивал ќе ја има флексибилноста којашто не ни ја овозможува оној главен поетски фестивал во текот на летото, а со цел да понудиме поезија и да го привлечеме вниманието насекаде, во сите средини, и да ја реактуелизираме улогата на Струшките вечери на поезијата како врвен промотор на светското поетско творештво. Концепцијата на Фестивал подразбира академски приод, издание на Струшки вечери во едицијата „Плејади“ и се разбира разговор со информиран модератор преку кој ќе бидат разгледани некои од клучните поетички места во нивното творештво“, вели Стефоски.

Тој најавува проширување на Зимскиот фестивал во наредните години и на универзитетите во Штип, Битола, Охрид и во други градови од земјава.

„Струшки вечери на поезијата е национален и светски културен бренд, така што организирањето настани во други средини ниту е нешто ново ниту започнува сега со овој фестивал. Да потсетам дека ние во рамките на Фестивалот оваа година имавме настани истовремено во пет градови – во Битола, Ресен, Скопје, Охрид и во Струга, нешто што досега не било реализирано како концепција и како програма. Нашето настојување е да се осврнеме кон еден друг вид целна публика, да добиеме на квалитет и да овозможиме еден поинаков начин на комуницирање без да го запоставиме поширокиот круг на љубители на поезијата кои несомнено имаат интерес да ги посетуваат таквите настани“, вели тој.

Од друга страна, Мите Стефоски, знае да каже дека со ова Струга, како град домаќин на манифестацијата, на никој начин не е заобиколена бидејќи тие од јануари наново ќе ги започнат промоциите и индивидуалните книжевни портрети и , се разбира, подготовките за наредното издание на јубилејните 55 -ти Струшки вечери на поезијата.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG