Во обидот да се демантираат последните анкети за падот на рејтингот на владејачката СДСМ, преку образложение дека се работи за наместени истражувања, експертите гледаат одбранбен механизам на власта да се заштити од евентуално натамошно опаѓање на нејзината популарност. Дури и да не се точни анкетите, секоја власт е посебно осетлива на критики кои ги откриваат пропустите во нејзиното владеење, но тоа, според социолозите, е феномен кој е карактеристичен за македонското општество.
„Некритичниот однос на сегашната власт, а и на претходната е стандард за наши прилики. Мислам дека делумно се работи за пи-ар стратегија, но другото е тоа што власта се оградува со луѓе кои постојано ги храбрат и полнат со информации дека се оди добро. Таа всушност, е ускратена од информациите за тоа како луѓето од пошироката јавност реално реагираат на нивните политики“, вели професор Ило Трајковски од Филозофскиот Факултет во Скопје
Иако во западните демократии оставките на владините функционери се нормална работа, во македонски контекст, изгледа дури и парадоксално образложението на премиерот Зоран Заев за разрешувањето на првиот човек на БЈБ Лазе Велковски, кој според Трајковски како да жали поради разрешувањето на неговиот соработник. Сепак експертите објаснуваат дека за ваквото однесување на власта не е виновна само политичката елита, туку и граѓаните.
„И народот, не само политичарите така ја доживува власта. Дека таа е тука, за да се искористи, да се ќари кога си на власт, да си направиш нешто за себеси, а не за јавно добро. Не е само менталитетот, туку и културата на граѓаните. Најпосле ние граѓаните, бираме такви политичари кои продаваат демагогија, кои знаат да ветат, а не да остварат“, посочува Трајковски.
За политичкиот аналитичар Арсим Синани од Центарот за меѓународни студии и балкански истражувања, отсуството на самокритика е резултат на самобендисаното и преамбициозно однесување на власта, па оттука тој смета дека власта треба да го промени пристапот кон граѓаните, медиумите и другите општествени чинители.
„Во моментот кога вие во влада ги внесувате Амди Бајрам и Мендух Тачи, не може да очекувате дека ќе имате пораст на рејтингот, туку вие играте со емоциите на електоратот. Реформите не можат да се направат со луѓе кои до вчера беа со минатата власт и кои беа корумпирани. Со оваа „манџа“ од влада не верувам дека може да имаме добри бројки за рејтингот. А, власта треба ова да го прифати како сигнал за да се направат реформи и резултати кои ќе ја придвижат Македонија напред“, изјави Синани.
Според нашите соговорници ќе биде потребно уште многу време за да се промени балканскиот менталитет на политичари за да се видат конкретни резултати. Отежителна околност, велат тие, претставува корумпираноста на македонското општество во секоја пора, која само и го олеснува дејствувањето на политичката елита.