Достапни линкови

Доброто е точно, лошото е заговор


Средба на премиерот Емил Димитриев со претставници на фондацијата „Херитиџ“.
Средба на премиерот Емил Димитриев со претставници на фондацијата „Херитиџ“.

Извештаите во кои владата е добро рангирана, власта ги прикажува како голем успех, а тие во кои земјата назадува се „продукт“ на заговори. Власта не трпи критики, туку се владее по изреката - сè почнува од нас и сè завршува со нас, велат познавачите.

Во Македонија се генерира извртена реалност и се прави сè лошите вести да не им бидат соопштени на граѓаните, иако работите ни оддалеку не се такви какви што властите сакаат да ги прикажат, велат комуниколозите. Тие укажуваат дека деновиве надлежните институции како големи успеси ги прикажуваат светските извештаи, во кои Владата е добро рангирана, како што беше најновиот извештај на американската фондација Херитиџ во кој Македонија е на 30-то место по економски слободи, но не се прифаќаат критиките во низа други сериозни извештаи од меѓународни организации за состојбите во Македонија, од аспект на човекови права и од аспект на економските состојби во кои се наведува дека назадуваме.

Тука воопшто не станува збор за какво било прифаќање на критика, вели коминикологот Климе Бабунски, кој е убеден дека дури и грешките и пропустите владата ги прикажува како успеси, а оти ако тоа не е можно оние што ги направиле се прикажуваат како жртви на некаков домашен или надворешен заговор.

„Тука нема некој нов светоглед од власта, тоа е што се практикува 10-тина години, народски кажано неограничена самобендисаност. Тоа во основа се вели - сè почнува од нас и сè завршува со нас“, вели Бабунски.

Тој дoдавa дека на власта која сака да ја изврти вистинатa и стојат на располaгање многу средства, но тој е најмногу зaгрижен поради состојбите во медиумите.

„Секој индивидуално го прави изборот на кој медиуми ќе му верува. Но факт е дека нештата би биле многу поразлични ако медиумската индустрија барам малку се грижи за себе. Тоа е затворен круг, зашто клиентелизмот е извонредно развиен во медиумите“, вели Бабунски.

Со неприфаќањето критики властите и натаму се обидуваат да собираат политички поени, вели Александар Цветкоски од АГТИС. Осврнувајќи се на извештајот на Хертиџ, кој власта го прикажува како голем успех, Цветкоски е убеден дека луѓето гледаат само пропаганда, зашто економските слободи не се придружени со економски раст.

„Граѓаните не живеат таму каде што се пишувал извештајот во кој ни е доделено 30-то место туку во Македонија, каде платите се такви какви што се, а стандардот е тој. Нека споредат колку платите пораснале, а колку се зголемиле цените и ќе видат дали е така. Значи реалноста ги демантира, луѓето во Македонија знаат колку пари имаат во џебот“, вели Цветкоски.

Во изминатиот период имаше бројни извештаи од меѓународни организации за состојбите во Македонија, во кои од аспект на економските состојби беше наведено дека имаме најниски плати во регионот, а во врска со човекови слободи и права и медиуми земјава исто така секоја година бележи назадувања во извештаите што доаѓаат од надвор.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG